Бил Гејтс отворено проговори за неговата поврзаност со озлогласениот сексуален престапник Џефри Епстин за време на сведочењето зад затворени врати пред Комисијата за надзор на Претставничкиот дом на САД. Транскриптот открива детали за приватниот живот на некогаш најбогатиот човек на светот, вклучувајќи признанија за вонбрачни афери, стравови од сексуално преносливи болести и обиди за изнуда.
Ко-основачот на Мајкрософт ги именуваше трите жени со кои имал афери додека бил во брак со Мелинда Френч. Пред конгресмените, тој првично посочи две Русинки, а подоцна призна и за трета врска:
Мила Антонова, натпреварувачка во бриџ
Карима Нигматулина, нуклеарен физичар
Д-р Алис Џејкобс Неселрод, медицински претприемач
Милијардерот откри дека за аферите знаеле само неколку луѓе, меѓу кои и д-р Борис Николиќ, негов вработен и заеднички пријател со Епстин. Николиќ во одредени ситуации дури служел како алиби на Гејтс, а во една прилика, бил испратен да се сретне со една од жените кога Гејтс доцнел на средбата.
Новите детали од „Досиејата Епстин“ откриваат белешка од 2013 година која Епстин си ја испратил самиот на себе. Во неа, тој тврди дека Гејтс добил сексуално пренослива болест (СПБ) откако спиел со „руски девојки“ и дека му барал антибиотици за да ѝ ги подметне на Мелинда.
Гејтс призна дека во еден момент постоела реална загриженост од негова страна дека има СПБ и дека е можно своите стравови да му ги доверил на д-р Николиќ, но ги негираше другите тврдења од белешката на Епстин.
„Никогаш не сум имал сексуално пренослива болест... Кажав дека можеби сум изразил некаква загриженост околу тоа дали имам сексуално пренослива болест; не се сеќавам на тоа. Но, никогаш не сум имал сексуално пренослива болест. Никогаш никому не сум давал лекови тајно“ – изјавил тој.
Гејтс проценил дека со Епстин имал средби „околу 12 до 14 пати, плус два повици преку Скајп во период од четири години“. Иако средбите главно биле за филантропија, ситуацијата станала тензична кога Епстин ги дознал неговите тајни.
Гејтс тврди дека никогаш не бил директно уценуван, но гледајќи ги мејловите обелоденети со истрагата, смета дека Епстин се подготвувал за да го стори тоа.
Бил и Мелинда се разведоа во 2021 година по 27 години брачен живот.