„Би ги дала сите преостанати утра за уште еднаш да те дочекам дома“: Мајката на Форсина Кулакова неутешна и 612 дена по нејзината смрт
Помина повеќе од година и половина од смртта на Фросина Кулакова. Но, за семејството на талентираната дизајнерка, времето не ги залечи раните од нејзиното заминување.
Во емотивна објава, нејзината мајка Камелија зборува за тишината со која учи да живее, за моментите во кои за миг заборава дека Фросина повеќе нема да се врати дома, но и за сите оние нешта кои останале недоживеани.
Со зборови исполнети со мајчинска љубов, таа ја оживува Фросина не само низ сопствената болка, туку и низ добрината која младата девојка ја оставила во животите на другите.
612 дена ја учам тишината.
Сè уште не знам како се живее во неа.
Понекогаш рацете ми се зафатени со нешто обично и за миг заборавам да го очекувам невозможното. Во тој миг ти си само излезена. Некаде создаваш, некому му помагаш, некого го смееш. Ќе дојдеш дома.
Потоа се сеќавам.
И повторно останувам без тебе.
Пред твоите слики го долевам маслото во кандилцата. Тоа можам. Можам да се погрижам пламенот да не згасне.
А толку нешта не можев да сочувам.
Во мене уште живее една вечер што никогаш нема да се случи. Твоја ревија. Твоето име. „Аре у кул“. Јас во публиката, те барам со поглед и чекам да излезеш на крајот.
Аплаудирам додека ме заболат дланките.
Колку живот имаше пред тебе, дете мое.
Сега го носам во себе и она што го живееше и она што не ти беше дадено да го живееш.
Твојата топлина остана во многу туѓи денови. Беше таму кога некому му требаше рака, утеха, време. Сакам да верувам дека некаде, во тие животи, сè уште има место со твојот облик.
Понекогаш толку ми треба оттаму да допре твоето име.
Еден спомен што јас не го знам.
Една мала приказна во која повторно се смееш.
Да можам за миг да те сретнам и надвор од мојата болка.
Фросина моја, убавино моја.
Кандилцата светат.
А јас би ги дала сите преостанати утра за уште еднаш да те дочекам дома.
Откако доби многу пораки за сочувство и поддршка, Камелија сподели уште една фотографија со следната порака:
Ви благодарам од срце на сите што со своите зборови седнавте покрај мене во оваа болка.
Немам сила да ви одговорам на секого. Ги читам вашите пораки, понекогаш низ солзи, понекогаш по неколкупати, и ми значи што сте тука.
Кога ќе го напишете нејзиното име, кога ќе споделите нешто што паметите од неа, до мене допира дел од моето девојче што живее во вашите спомени. Нејзината насмевка. Некој нејзин збор. Миг во кој ве утешила, ви помогнала или ви го разубавила денот.
Тие мали парчиња од нејзиниот живот за мене се бесценети. Ги собирам нежно, како мајка што сака да го прегрне секој траг од своето дете.
Ви благодарам што ми ја доближувате Фросина преку вашите зборови. Што за миг можам да ја видам и низ вашите очи.
Вечерва, покрај кандилцата, ги чувам и вашите зборови. 🤍
22-годишната Фросина беше прегазена од возач под дејство на алкохол, без возачка дозвола, на пешачки премин во Скопје. Обвинетиот Васил Јованов доби казна од 13 години затвор за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.