Без ниту еден изговорен збор, со моќна порака: Емотивната празнична реклама на Apple која ќе ви го стопли срцето
Колку е важно родителите да веруваат во своите деца, дури и кога тие самите ќе престанат да веруваат во себе? Новата празнична реклама на Apple ја доловува моќта на родителската поддршка и љубов.
Краткиот филм, насловен „The Dreamer“ (Сонувачот), трогна милиони луѓе ширум светот, а за само неколку дена собра над 15 милиони прегледи на различни платформи.
Речиси четириминутното видео ја раскажува приказната за момче со бујна фантазија и огромна љубов кон цртањето. Но, како што расте и се соочува со притисоците кои ги носи созревањето, така постепено се оддалечува од својата најголема страст.
Сепак, неговите родители никогаш не престануваат да го гледаат уметникот во него. Со празничен подарок тие му помагаат да ја разгори искрата на креативноста и да му се врати на светот во кој некогаш со толку многу ентузијазам мечтаел и творел.
Без ниту еден изговорен збор, рекламата пренесува силна порака за значењето на родителската поддршка и за тоа колку е драгоцено да имаме покрај себе некој кој ги препознава нашите потенцијали и тогаш кога ние самите сме заборавиле на нив.
„Понекогаш, сè што ни е потребно за да се потсетиме што нè прави посебни е некој кој верува во нас. Прослава на креативноста и на луѓето кои ја инспирираат“ - стои во описот на видеото.
Рекламата е во режија на Мелина Мацукас, а сите цртежи кои се појавуваат во неа се дело на уметникот Хебру Брантли. Емотивната приказна е надополнета со песната „Give Me a Dream“ на Strawberry Guy.
Во време кога вештачката интелигенција е во центарот на дискусиите за иднината на креативноста, Apple потсетува дека технологијата треба да ја поттикнува човечката фантазија, а не да ја заменува.