„БЕКУТАН“ детски крем: Успешната македонска приказна со регионална доверба и глобална визија отсега достапна и во „ЛИДЛ“, Франција
„Бекутан“, еден од најпрепознатливите брендови за бебешка нега во регионот, за првпат официјално влегува на францускиот пазар преку малопродажната мрежа на „Лидл“ Франција, каде што детскиот крем „Бекутан“ во пакување од 100 ml ќе биде достапен во речиси 2.000 продажни објекти низ цела Франција.
Препознатливата сина боја и мирисот што враќа во детството со децении ја градат приказната на „Бекутан“, бренд кој со пласманот на францускиот пазар отвори ново поглавје во својот интернационален развој. Тимот на „Лидл“ од Франција го препозна детскиот крем „Бекутан“ како производ со значителен пазарен потенцијал во сегментот на детската козметика. Како клучни фактори при оваа проценка беа издвоени квалитетот на формулацијата, долгата традиција и стабилната лидерска позиција на брендот на регионалните пазари, на кои токму овој производ е позициониран како еден од водечките производи во својата категорија. Соработката со „Лидл“ Франција претставува значајна потврда за глобалната стратешка ориентација на компанијата и за нејзината континуирана посветеност на градењето силно и одржливо присуство на меѓународните пазари.
Освен на пазарите во регионот, брендот „Бекутан“ е присутен и на дваесетина други меѓународни пазари, вклучувајќи ги и пазарите на Соединетите Американски Држави, Германија, Швајцарија, Норвешка, Шведска, на Велика Британија, Полска, Малезија, Саудиска Арабија и на Обединетите Арапски Емирати.
„Бекутан“ е еден од најпрепознатливите македонски брендови во регионот и пошироко. Од само пет фармацевтски формулации за хигиена и нега на детската кожа лансирани во 1978 година, брендот денес располага со портфолио од над 60 основни типови производи и со повеќе од 100 различни форми на пакувања, сите клинички и дерматолошки тестирани и развиени во соработка со педијатри, неонатолози и дерматолози.