„Бегавме без куфери, а непознати луѓе од Прилеп нè спасија“: Емилија од Скопје за пожарот во Сивири
Само неколку минути биле доволни мирниот одмор во популарното грчко летувалиште Сивири да се претвори во борба за безбедност. Пожарот кој избувна на 13 август на полуостровот Касандра во Халкидики, потпомогнат од силните ветрови, за кратко време се прошири кон шумскиот предел и крајбрежјето, а туристите и жителите на Сивири и Фурка беа принудени итно да се евакуираат од подрачјето.
Меѓу оние кои во паника го напуштале малото приморско место била и Емилија Скале, која за Фемина сведочи за катастрофалните моменти кога сфатиле дека ситуацијата станува алармантна.
„Сè почна многу брзо. За 30 минути сè се затемни. Ветерот носеше сè, многу силно го разгоре пожарот“ - раскажува македонската туристка, која била на летен одмор со сопругот Илија и нивната седумгодишна ќерка Ѕвезда.
Семејството се наоѓало на плажа во близина на стариот амфитеатар во туристичкото место, а со нив имало и други македонски туристи.
„Ние не мислевме дека е сериозно сè додека на сите не ни стигна порака на мобилните телефони да се движиме кон Касандра. Кога ќерка ми ми рече: „Мамо, јас не можам да дишам од чадот“, ме фати паника. Почнав да ги молам луѓето со коли да нè земат“ - со немир се присетува скопјанката.
Таа е бескрајно благодарна на Димоски, семејство од Прилеп кое живее и работи во Германија, а кое во тој метеж застанало да им помогне. Сопругата на прилепчанецот Горан без двоумење ја зела ќерка си Ива напред пред себе во возилото, за тричленото семејство од Скопје да може да се води назад.
„Оставивме сè , влеговме во колата кај човекот кој нè прибра и тој почна брзо да вози... На самиот мост оставивме два куфери и многу други работи во апартманот. Мојот другар кој е таму ми рече дека поминувало пикап камионче и собирало торби и куфери, работи по патот... Јас не мислев на нив.“ - вели Емилија.
Според нејзиното сведоштво, хаосот бил огромен, а додека тие успевале да се извлечат по копнен пат, ситуацијата во Сивири станувала сè покритична:
„Луѓето бегаа, сите во паника. За 20 минути, тие што отидоа по копнен пат како нас, се спасија и не мораа да се малтретираат по морски пат, бидејќи потоа пожарот се прошири, се затвори сè и можеше да се излезе само со чамци. Повеќето од луѓето се извлекоа по морски пат.“
За среќа, Емилија, Илија и Ѕвезда уште истиот ден биле на сигурно во својот дом во Скопје. Далеку од огнената стихија во Грција, за Фемина споделија снимки кои сведочат за застрашувачките мигови кои засекогаш ќе останат во нивното сеќавање. Како што велат, ваков одмор не се заборава.
Видео
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk