Антониа Гиговска атрактивна во мини фустан со крзнен детаљ и високи чизми на концертот на Next Time
Антониа Гиговска се вклучи во музичкото славје со кое Next Time одбележаа 18 години на музичката сцена.
Младата пејачка гостуваше на големиот концерт во арената „Борис Трајковски“, каде заедно со браќата Мартин и Стефан Филиповски ја изведе песната „На крајот од денот“, а потоа својот хит „Жена“ им го посвети на сите жени во публиката.
За настапот, Антониа избра стајлинг во црна боја со кој спои женственост и рокенрол естетика. Таа носеше мини фустан со волуменозен крзнен детаљ во долниот дел, кој го искомбинира со високи чизми над колената.
Модната комбинација ја надополни со накит од Chapter.03, црн чокер со приврзок во форма на ѕвезда, додека долгата руса коса со шишки ја остави пуштена и права.
По концертот, Гиговска сподели фотографии од зад сцената и им се заблагодари на своите колеги за можноста да биде дел од нивната јубилејна прослава, а воедно ги покани да гостуваат на нејзин солистички концерт.
„Вчера беше магично... Бев гостинка на концертот на моите другари. Ви благодарам на можноста да бидам дел од ова ваше случување на кое што треба да бидете многу горди, полна арена до последното столче. 🥹🫶
Фала ви од срце! П.С. Ве чекам и јас вас кај мене на солистички концерт. 😊🙏 И вас, луѓе мои, фала ви што ја пеете ‘Жена’“❤️✨ – напиша Антониа.