40 години, 4 патеки, еден врв: Елена од Скопје за роденденскиот предизвик на Водно и љубовта кон авантурите и планините
Елена и Зоран од Скопје живеат по сопствен ритам, a нивната работа е директен одраз на начинот на кој гледаат, чувствуваат и се движат низ светот. Како фотографи и визуелни артисти по професија, заедно го водат Instagram профилот Shetame, чиј назив е роден од најчестото прашање што го добиваат: „Кај шетавте сега?“ или „Вие само шетате?“.
Токму тоа „шетање“ за нив значи истражување, движење, планина, патеки, тишина, адреналин и љубов кон природата – моменти што ги претвораат во дигитална содржина полна со искреност и визуелна естетика. Од скоро, таа приказна добива и подлабока форма преку нивниот YouTube канал, каде искуствата и авантурите добиваат повеќе простор, контекст и глас.
Поводот за овој разговор е и еден несекојдневен личен предизвик – симболичните четири искачувања на Водно по повод 40-тиот роденден на Елена. Потег што не е направен за внимание, туку како силна порака за движењето, зрелоста, предизвиците и изборот животот да се живее активно и свесно.
За Фемина, со Елена разговараме за планината како засолниште и инспирација, за авантурата како начин на живот, за креативноста која не завршува во студио и за тоа како љубовта кон природата, движењето и заедништвото може да се претвори во приказна што инспирира и други да излезат надвор, но и надвор од сопствените граници.
Елена, за вашиот 40-ти роденден реализиравте симболични четири искачувања на Водно. Како се роди таа идеја и што значеше за вас лично?
Идејата се роди од желбата роденденот да го одбележам со личен предизвик — нешто што дотогаш не сум го направила. Сакав да си поставам „challenge“ што ќе ме извади од рутината и ќе ме потсети колку ми значи движењето, природата и чувството дека ги поместувам сопствените граници.
Четирите искачувања на Водно беа авантура и тест на издржливост, но и чисто уживање, бидејќи на крајот сфатив дека всушност можам уште. За мене тоа беше начин да си кажам дека и понатаму сакам да бирам предизвици, да истражувам и да не се плашам од нови искуства — без разлика на бројките.
Колку физички и ментално беше предизвикувачки тој ден и што научивте за себе по тие искачувања?
Денот започна со свежо утро, малку студено, но ведро и мирно — совршено за подвигот што го имав на ум. Пешачев по четири различни патеки на Водно и секоја од нив беше пријатно изненадување.
Иако на почетокот мислев дека ќе ми биде потешко, се движев лесно и со солидно темпо, изненадена од сопствената издржливост. Со секој чекор, со секое искачување и спуштање, чувството беше како да го откривам патот повторно — полн со радост и љубопитност.
Денот ме потсети дека авантурата не е само во врвот, туку во самиот процес, во движењето, во малите откритија и во тоа чувство дека можеш повеќе отколку што мислиш.
Планината очигледно има посебно место во вашиот живот. Што е тоа што најмногу ве влече повторно и повторно кон неа?
Планината за нас е повеќе од пејзаж — тоа е простор каде што се чувствуваме живи и слободни. Со секое качување, ја доживуваме разликата на секоја патека, мирисот на шумата, свежината на ветерот и непредвидливите моменти што ги носи авантурата. Тука откриваме ново ниво на вредности, се предизвикуваме физички и ментално, ја обновуваме енергијата и запознаваме луѓе кои го носат најдоброто во себе. Секој чекор нè потсетува дека убавината е во отвореноста кон новото, во спонтаните средби и во радоста што ја носи патувањето само по себе.
Со сопругот заедно водите профил каде споделувате планинарски моменти. Како заедничката љубов кон планината го зајакнува вашиот однос?
Планината нè држи активни и синхронизирани. Среќни сме што ја делиме љубовта кон природата и можеме да уживаме во убавините заедно, а тоа сакаме да го споделиме и со другите. Нашиот профил ни овозможува да ги доближиме тие моменти, да зачуваме дигитални спомени и секогаш да ги оживуваме авантурите што сме ги доживеале.
Дали имате некоја посебна приказна или момент од планинарењата што ви останал најдлабоко врежан? Која е за вас омилена планина во Македонија?
Имаме многу различни авантури — кампуваме, возиме „offroad“ со џипот, патуваме со мотор, па секоја планина ни носи нови приказни. Сепак, Шар Планина ни е прв избор: нејзините патеки, погледи и природна убавина секогаш нè привлекуваат. Секако, секоја планина во Македонија е интересна на свој начин, па секоја авантура ни носи нови предизвици и незаборавни моменти.
Колку е голем предизвикот, но и колку е важно прашањето на безбедноста при планинарење во зимски услови, особено сега кога има снег? И што би им препорачале на оние кои сакаат да излезат на планина во овој период?
Зимските услови значително го зголемуваат предизвикот при планинарење. Секогаш треба да се подготвите, да имате соодветна опрема, облека и обувки, да знаете каде одите и да проверите временска прогноза.
За оние кои сакаат да излезат на планина во овој период, нашата препорака е да започнат со познати и безбедни патеки, да одат со друштво и да уживаат во зимската убавина внимателно, со свест за условите.
Планината е прекрасно место, но секогаш со почит и одговорност.
Во овие зимски денови привлековте внимание и со украсениот џип со новогодишни светилки. Од каде дојде идејата да внесете празнична магија, и во градот и на планина?
Идејата ни дојде природно — сакаме да внесеме малку радост и празнична магија во секојдневието, без разлика дали сме во градот или на планина. Го украсивме џипот со светилки затоа што ни беше забавно, и затоа што сакаме да ја споделиме таа радост со другите и да ги насмееме и расположиме. За нас тоа е уште една авантура, каде што креативноста и љубопитноста ја спојуваат магијата на празниците.
Какви реакции добивате од луѓето кога ќе ве видат со така украсеното возило?
Имаме многу позитивни реакции. Луѓето го забележуваат украсениот џип, се радуваат и често застануваат да фотографираат или да поздрават. Се чувствуваме убаво кога гледаме дека сме им го разубавиле денот.
Што сакате да им пренесете на луѓето преку вашите објави? Дали станува збор само за авантура или и за начин на живот?
Преку нашите објави сакаме да пренесеме повеќе од авантура. Станува збор за начин на живот — љубов кон природата, љубопитност, движење и радост од малите моменти. Сакаме да инспирираме луѓето да бидат повеќе надвор, како во природата, така и надвор од својата комфорт зона, да се предизвикуваат и да бидат поактивни.
Исто така, сакаме преку нас да доживеат некое интересно место кога не се во можност лично да бидат таму.
Како успевате да го балансирате секојдневието, обврските и желбата што почесто да бидете во природа?
Ние по природа сме многу љубопитни и не нѐ држи место (хаха), па гледаме секој слободен момент да го искористиме забавно и надвор од дома.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk