„14 кражби... Не го оставаат гробот“: Таткото на починатиот тапанар на ДНК со видео обвини за кражби на гробот на Ѓорѓи
Губењето на дете е најголемата трагедија која може да го снајде еден родител. Но, болката е уште поголема кога на длабоката лузна се додадат и кражби од неговото вечно почивалиште.
Драги Ѓоргиев, таткото на прерано починатиот Ѓорѓи кој беше тапанар на групата ДНК, преку социјалните мрежи сподели снимка којашто ја остави јавноста без зборови. На видеото јасно се гледа како повозрасна жена, среде бел ден, без двоумење краде саксии со цвеќе од гробот на неговиот син.
Навистина поразителен и тешко сфатлив е фактот дека не станува збор за изолиран случај. Според зборовите на скршениот родител, ова е дури 14-ти пат како безмилосно се краде од гробното место на неговото дете.
Во објавата Драги напиша:
14 КРАЖБИ НА НАШИОТ АНГЕЛ. И ден-денес не го оставаат гробот на мојот син. Не знам со какво срце и душа сè уште крадат од гробот. ДА МИ СИ ЗДРАВА И ЖИВА ТЕТКЕ, КОЈА И ДА СИ И ДА ТИ СЕ ЗДРАВИ ДЕЦАТА
Ѓорѓи настапуваше во дискотеката „Пулс“ со групата ДНК кога настана пожарот на 16 март минатата година.