Весна Петрушевска со огромна тага се сеќава на својот добар пријател Тоше Проески, кој го изгуби животот пред точно 18 години во сообраќајна несреќа.
„Цело полнолетство без тебе“ – напиша македонската актерка која никогаш не пропушта да го одбележи денот кога нашиот ангел го напушти овој свет.

Весна раскажа за првата средба меѓу нејзиниот син Кирил и Тоше и ја сподели нивната единствена заедничка фотографија заедно со песната „Kazu Da Vreme Leci Sve“ .

18 години без Тоше…
И сè уште не научивме како се живее со таа празнина.
Секој 16 октомври боли исто — како првпат.
Секоја песна е спомен, секој стих — парче од душата што тој ја остави на овој свет.
Имаше светлина што не гасне, глас што не старее и срце што не заборава.
Со Тоше не замина само човек, замина добрината во најчистата форма.
Но, остана нешто повисоко — верата дека љубовта е посилна од времето,
и дека некои луѓе не се забораваат… само се слушаат со затворени очи.
Трчам, ја заспивам Мина го грабнувам Кирил и правец Универзална сала. Треба да има концерт, вратен е од Бања Лука. Со најголемо извинување Љиља ми вика: Знаеш требаше еден твој колега за да не те замараме сега ги зема децата, ама ни откажа во последен момент.
Велам не се секирај, нека не се далдисува и Тоше трчам со се пелени.
Влегувам задишана во таа малата гримиорна и го гледам него скапан уморен. Ме прашува дали има публика?
Го гледа Кирил првпат го крева и вели: Морееее курле најубо!
Ги сликнав не знаејќи дека ќе им биде единствена фотографија.
Му велам дај побргу да излезеш да идеш да одмориш.
Ти ќе ме гледаш од ложа така?
Природно дека ќе те гледам...
Секогаш го гледав како да е сега застанат на сцена.
Ми намигнуваше од сцена.
На Кирил ништо не му беше јасно освен дека многу девојчиња го сакаат. Фасциниран беше од него.
Цело полнолетство без тебе... кај мене ќе трае цел живот. Ми фали твојата насмевка, прегратка и љубовта. Те сакам знаеш? Кревам глава и јас ти намигнувам.
Тоше почина на 16 октомври 2007 година во Нова Градишка. Имаше само 26 години. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, беше прогласен за Ден на национална жалост.
