Во земјата на чудата

Христос се роди!

„Мамо, мамо, брзо да станеме, 6.30 е! Треба да одиме на коледе!“ 

Отворам очи и што да видам – децата облечени и измиени, со возбуда чекаат да станам и да ги испратам да коледарат. Погледнувам на часовникот и не ми се верува – 6.30 наутро. Уште не беше ни разденето како што треба. А кога треба да одат на училиште едвај стануваат, и тоа после неколку безуспешни обиди да ги разбудам. 

Возбудата ги држеше уште од претходниот ден, кога беа на маалскиот Бадников оган. Се виделе со сите деца од маало, а тоа не се случило откако залади. Бадниковиот оган е можност да се видат сите соседи кои поради ладното време немале можност да си помуабетат. Во добро расположение, со храна и греена ракија и песни. И стари и млади, и возрасни и деца. 

Христос се роди

Сега зимата нè затвора дома или по затворените трговски центри. Кога бев дете, надвор одевме секој ден. И на десет степени под нулата седиш надвор со часови, иако веќе одамна не си ги чувствуваш прстите и мрсулчињата во носот ти се замрзнати. Сега веќе го нема тоа, барем не на возраста на која ние го почнувавме. 

Но, кога бев дете, во мојата населба немавме ниту Бадников оган, ниту Коледе. Верувам дека на многу места традицијата била задржана и овие обичаи се практикувале, но во Скопје многу малку, можеби и воопшто. Во времето кога јас растев религијата беше сосема занемарена. Имаше деца чиишто баби и дедовци живееја во село и таму се почитуваа сите поважни верски празници – се правеше и лепче со паричка, се прославуваа Божиќ и Велигден. Баба ми и дедо ми беа од Скопје, па уште и комунисти, а згора на сè – живеев во населба во која Христијанството не беше доминантна религија. Јас не ни знаев дека постои Бадник.

Кога се сменија времињата и коледарењето се врати по скопските маала, веќе бев голема да им се придружам. Жал ми е што не сум го фатила тој период, особено гледајќи како моите деца го доживуваат Бадник и по сите оние дечиња кои вчера ми ја испеаја „Коледе леде“. Возбудата во нивните очи и насмевките од уво до уво се бесценети! 

Пагански или не, собирањето на Бадников оган и коледарењето се дел од традицијата што нашиот народ ја задржал со векови, затоа што ја сака и ја почитува. Нешто што толку време се задржало и постанало дел од нас, според мене заслужува почит, а не осудување. Треба да ги зачуваме сите празници или обичаи кои на луѓето им ги топлат срцата.

Бадниковата вечера за мене е најубавиот момент, затоа што е најинтимна, со најблиските, а тие се најважните. И процесот на подготовка на вечерата е сам по себе важен, затоа што сите заедно ја подготвуваат. Радост за децата, но и за возрасните. Особено месењето на лепчето со паричка, што за моите деца беше поинтересно дури и од најинтересните компјутерски игри (верувале или не!).

Кај нас оваа година паричката му се падна на син ми. Посебно беше среќен, затоа што досега никогаш не му се паднала, а има седум години. Толку многу ја посакуваше, што навистина ќе беше жално да не му се паднеше. Нема местење, мора од мали да се научат на „фер плеј“. Не знам, можеби звучам сурово, но мислам дека за нивно добро е уште од мали да знаат дека не можат да имаат сè што ќе посакаат и дека мора да се игра според правилата. Којзнае дали сум во право, но како знам – така правам. 

За мене Божиќ, заедно со деновите пред него, е најубавиот празник од сите. Го собира семејството – и потесното и поширокото, се прославува во топла домашна атмосфера и најважно од сè, се прославува Христовото раѓање коешто ни ги полни срцата со надеж! 

А надежта нè обединува сите – и верници и неверници, и оние кои редовно одат в црква и оние кои одат само за празници и венчавки, или пак оние што никогаш не одат, како и оние кои веруваат во друг Бог. Сите се надеваме дека ќе биде подобро и дека за доброто однесување на некој начин ќе бидеме наградени. 

Пакувањата можат да бидат различни, но суштината е таа. 

Среќен Божиќ! Христос се роди!

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10408 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.