Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » (Не) редовни контакти со пријателите
Во земјата на чудата

(Не) редовни контакти со пријателите

Во лудилото таканаречено живот, многу е лесно човек да падне во замката на немање време за никој и ништо, дури ни за себе, а уште помалку за пријателите. Семејство, обврски, деца, прекувремена работа, јога, фитнес, а меѓу нив ќе се појави по некој роденден, слава или друга веселба и нашиот живот се сведува на трчање од еден настан на друг, без да ни остане време за опуштени средби со пријателите.

Јас се трудам да најдам време за пријателите, но со оглед на тоа што времето ми е навистина ограничено, најчесто дружбата ја сведувам на најблиските пријатели, околу десетина на број. Со нив комуницирам речиси секој ден, а се гледам барем еднаш неделно. Дружбата со нив ми е потребна како воздух. Верувам дека секој нас успева да најде барем малку време за ваквите пријатели.

За жал, има уште многу други кои ни биле блиски и драги, но низ годините под притисок на времето се случува да изгубиме секојдневен контакт. На почетокот ова може да се сфати трагично, да се бараат виновници за престанувањето на комуникацијата, секое гледање да заврши со „ајде ќе пиеме кафе некој ден“, а денот никако да дојде.

Пријатели

Мене првите вакви проретчувања на контактите со некои од пријателите ми падна многу тешко. Имаше период кога се трудев да пружам отпор, да најдам време да се видам со сите, макар и тоа да ме чинело бессона ноќ во која сум требала да ги завршам обврските коишто претходно сум ги одложила за да испијам кафе со пријатели.

Секој од нас има по некој близок пријател што отишол во странство, па далечината си го прави своето кога се во прашање редовните контакти. Си ветуваме редовна комуникација и на почетокот навистина е така, но со текот на времето комуникацијата станува сè понередовна, за на крај да се сведе на комуникација по потреба, т.е. кога имаш да споделиш нешто навистина важно.

По некое време, конечно сфаќаш дека и не мора да се гледаш со сите редовно. Тоа не значи дека тие не ти се доволно добри пријатели. Можеби нема да го споделите секој добар или лош момент, но за најдобрите и најлошите моменти, тие ќе бидат тука. Доволно е да знаеш дека ако ти треба помош, ќе ја добиеш. Дека секогаш ќе можеш да се потпреш на нив, без да очекуваш да ти забијат нож во грб. Довербата може да остане и покрај нередовните контакти, а таа е непроценливо богатство.

Пријателите се тука за добро и лошо, за венчавки, крштевки и погреби, да помогнат за наоѓање работа или некој хонорарен ангажман, за врски во различни институции, помош или совети при студиите, финансиско потпомагање, различни форми на помош при одгледување на децата и ред други работи.

На некои луѓе понекогаш им се случува да ги заборават пријателите кога ќе станат моќни и успешни, но ова е само показател дека тие и не биле вистински пријатели. Довербата помеѓу пријателите е света и не смее да се злоупотреби.

Животот е тркало, еден ден си на врвот, следниот може да бидеш и на дното.

Радоста и среќата се многу поголеми, а тагата и маката многу побрзо поминуваат кога имаш со кого да ги споделиш.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11035 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.