„Засекогаш во нашите сеќавања“: Татко и син загинаа во сообраќајка кај Илинден, од училиштето се збогуваат со 18-годишното момче
Викендов, јавноста ја потресе трагичната вест за смртта на 18-годишниот Михаел Арсовски и неговиот 51-годишен татко Александар, кои ги загубија животите во тешка сообраќајна несреќа кај Илинден.
Од Михаел со длабока тага се збогуваа и од училиштето во коешто тој учеше – СГГУ „Здравко Цветковски“.
Со длабока тага ја споделуваме веста за трагичната и ненадејна загуба на нашиот ученик Михаел Арсовски, ученик во Г-4а клас, кој заедно со својот татко трагично го загуби животот.
Во овие тешки моменти, нашето училиште упатува најдлабоко сочувство до семејството, роднините, пријателите, соучениците и сите кои ги познаваа.
Михаел ќе остане засекогаш во нашите сеќавања како дел од нашето училишно семејство.
Нека почиваат во мир – стои во објавата на училиштето.
Несреќата се случила на општинскиот пат Илинден-Миладиновци кога автомобил Опел Корса со кумановски регистарски ознаки, управуван од 19-годишен кумановец, директно се судрил со автомобил Хјундаи И30, управуван од Александар.
Трагичната вест особено го потресе и тренерот Игор Јакимовски, кој бил сосед на семејството Арсовски. Тој со тешко срце истрча полумаратон на трката „Трчај бе“ во Битола и го посвети на Михаел и Александар.
Почитувани мои...
Вчера беше тежок ден за мене по големата трагедијата и загубата за семејството Арсовски од Марино.
Успеав да соберам ментална сила и во нивна чест да истрчам мој најдобар полумаратон на сезоната во Битола на Трчај Бе.
Веднаш по прогласувањето се упатив кон моето родно Марино кое беше завиено во црно по загубата на Михаил и Александар.
Го посетив домот и семејството Арсовски за да ја споделам истата болка и да им изразам сочувство од срце.
Тоа беа навистина тешки моменти и соочување со реалноста на една голема семејна трагедија.
Почитувано семејство Арсовски 🙏
Нека Ви даде Господ Бог божја сила и да ги издржите овие тешки моменти за Вас, но и верувајте за сите нас.
Почивајте во мир – напиша Игор.