„Замисли да можеш да насмееш некого, а ти да одбереш да го навредиш“: Снеже Велков за стремежот да биде најдобрата верзија од себе
Снеже Велков ја знаеме како енергична водителка која секогаш внесува ведрина пред камерите, а зад јавниот сјај се крие една сосема ненаметлива и приземна дама. Молчалива дома, практична до максимум, способна сама да поправи казанче или машинa за перење, 43-годишната сопруга и мајка е пример за дисциплина која не се проповеда, туку се живее.
Нејзиниот ден започнува со раздвижување на лимфата или утрински километри на велосипед, продолжува со две работни места, па завршува со тивка вечер посветена на книга или поткаст. Велосипедизмот не ѝ е само спорт, туку терапија, медитација и најголема слобода, особено откога повредата на коленото ја натерала да ги преиспита своето тело и навики.
За Фемина, Снеже зборува отворено за тоа како останува доследна во периоди на хаос и еуфорија, како со години ја гради својата рутина, што научила за веганската исхрана и зошто верува дека младоликоста не е само генетика, туку резултат на внатрешна енергија и радозналост.
Кажи ни „нешто конкретно“ за тебе, кое ретко кој го знае?
Дека дома сум молчалива и ретко кога ми се слуша гласот. Дека знам да поправам водоводни инсталации по дома (одвод, казанче, машина за перење).
Како изгледа еден твој просечен, „здрав“ ден - од утрински ритуали до вечерни навики?
Утрото почнува со вежби за размрдување на заспаната лимфа, дома ако временските прилики не дозволуваат или на кеј на велосипед ако не врне. Потоа почнуваат работните обврски, проследени со контакти и состаноци, тоа ми е онаа работа во „Вработување.ком“. Се готви ручек, се средува по дома, па попладнето се оди на втората работа „Нешто Конкретно“ - сценарија, идеи, видео материјали, соработници гости и сл. Навечер, обично следува некој поучен поткаст пред заспивање или читање книга. Се заспива околу 22 часот.
Како успеваш да останеш доследна на здравите навики, дури и во периоди на многу обврски, или пак сега, во празничната еуфорија?
Има еден збор се вика дисциплина.
Возењето велосипед е голем дел од твоето секојдневие. Кога почна да го практикуваш и што за тебе значи велосипедизмот – спорт, терапија или животна филозофија?
Возењето велосипед за мене е прво љубов, потоа терапија и медитација, а на крајот слобода
Отсекогаш сум возела велосипед. Кога бев мала, во Каменица имав пони точак од кој не се симнував, а по преселувањето во Скопје, беше невозможно да се вози бидејќи немаше никаква инфраструктура (1998 година). Ова повратничково возење велосипед се случи некаде 2019 година.
Повредата на коленото ме одврати од дотогаш активните спортови, па морав да бирам нешто друго. И така се вљубивме. Возењето велосипед за мене е прво љубов, потоа терапија и медитација, а на крајот слобода. А најмногу ја почувствував за време на короната 2020 година, кога сè беше затворено, па едвај чекав полицискиот час да заврши во 6 сабајле, да тргам кон слободата на возење. Кој пробал, знае!
Кои се придобивките што ги почувствува откако редовно почна да возиш велосипед?
Многу сум посреќна и посмирена. Ем не ме боли коленото.
Што е најважно кога се гради долгорочна рутина за вежбање?
Да бидеш свесен дека нема секој ден да бидеш мотивиран да вежбаш. Ама дека и кога ич не ти се станува, треба да се победиш себеси.
Раскажи ни збор-два за твојата веганска исхрана? Дали се случува некогаш да се доведеш до искушение за некоја храна?
Веган не значи секогаш здрава храна
Многупати сум зборувала за тоа. Мојата веганска(посна) исхрана се должи на здравствени проблеми и интолеранција и алергии. Во искушенија се доведував на почетоците, пред 20 години, кога срце сакаше да касне „нормална“ храна, сега веќе сè ми е надминато. Но, се случува да ме измамат одредени производители, кои на декларациите ќе го стават алергенот со друго име, па после си имам несакани проблеми... Но, сè се учи. А во последно време гледам дека се става ВЕГАН на многу производи, а со тоа се мамат купувачите дека тоа е здрава храна - веднаш да потенцирам дека не е така. Веган е и белиот шеќер, веган по состав се и цигарите и газираните пијалоци, ама не значи дека се здрави. Затоа избегнувајте ги овие маркетиншки замки.
Што би рекла, на што најмногу се должи твојот младолик изглед, генетика или пак сѐ ова погоре?
Сè е комбинација, но најмногу внатрешната енергија и детската љубопиност, радост и воодушевување, кои сè уште си ги носам со себе.
Што е твојата најголема мотивација – за движење, дисциплина и постојаност?
Бирам да бидам најдобрата верзија од себе во секоја смисла на зборот, добра за себе и за светот
Да бидам најдобрата верзија од себе дур сум на овоземскиот свет. Замисли да имаш тело кое реално може да изгледа супер, а ти да си го упропастуваш со прејадување, замисли да можеш да бидеш љубезен, а ти да одбереш да мрчиш, замисли да можеш да создаваш, а тебе да те мрзи да станеш од кауч, замисли да можеш да насмееш некого, а ти да одбереш да го навредиш... Ете тоа ми е мотивацијата - бирам да бидам најдобрата верзија од себе во секоја смисла на зборот, добра за себе и за светот.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk