Александар Наунов се огласи на годишнината од смртта на неговата ќерка, која трагично загина во пожарот во „Пулс“.
Скршениот татко со трогателна објава насолзи многу очи, порачувајќи дека таа е неговото срце и дека нејзиното име ќе живее додека дише тој.
Ќерко моја, ѕвездо моја која сјае на небото…
Денес помина точно една година откако те нема, а болката е иста како првиот ден. Времето не ја лекува раната кога родител го изгубил своето дете. Таа рана само учи како да живее со солзите.
Ќерко моја, куќата без тебе не е куќа. Тишината без твојата смеа е потешка од секој крик. Секое утро се будам со надеж дека ќе те видам, дека ќе го слушнам твојот глас… но наместо тоа, ја гушкам празнината што остана зад тебе.
Една година те барам во соништата, во ѕвездите, во секој ветер што ќе помине. Една година срцето на татко ти плаче за тебе, за твојата насмевка, за твоите чекори што никогаш повеќе нема да се слушнат.
Но знај едно, ќерко моја… Ти не си само спомен. Ти си моето срце. Ти си мојата душа.
И додека јас дишам – ќе живее и твоето име.
Почивај мирно, ѕвездо на татко ти. Ќе те сакам до последниот мој здив.
Животите на Александар, неговата сопруга Габриела и малата ќерка Ангела се потполно сменети по загубата на Надица. Тие се дел од секој „Марш за ангелите“, барајќи правда за сите згаснати млади животи.