„За мене секогаш ќе остане човекот со најубавата насмевка“: Емотивно интервју со Елена, ќерката на Драган Б. Костиќ
Со ненадејното заминување во вечноста, легендарниот музички новинар, радиоводител и телевизиски автор Драган Б. Костиќ зад себе остави незаменлива празнина во македонскиот етер, но и едно огромно, бесценето културно наследство.
За генерации и генерации, тој беше жива музичка енциклопедија, човекот кој со својот препознатлив глас, преку култните емисии „Диско селектор“, „Заборави ако можеш“ и „Кавервил“ нè учеше како вистински се слуша и се сака музиката. Неговата куќна ризница од преку милион аудиозаписи беше само материјален доказ за неговата пасија, но неговата вистинска големина лежеше во чесноста, скромноста и емпатијата со кои зрачеше.
Беше сопруг на неговата Иванка, посветен дедо на трите внучиња и обожаван татко на Бане и Елена, а токму за нив овој јуни е особено болен, бидејќи е месецот кога нивниот столб требаше да го прослави својот 76 роденден.
Каков беше Драган одблизу? Како изгледаше животот во неговото музичко царство, меѓу илјадниците плочи и касети? Kолку боли прераното заминување на дедото кој до последен здив внесуваше радост и нова енергија во животите на своите внуци? Од прва рака, низ солзи, но и со огромна гордост, неговата ќерка Елена ја отвора душата и за Фемина ги споделува најличните спомени со човекот кого јавноста го познаваше како великан, а таа едноставно го викаше „тато“.
Како изгледаше детството со вашиот татко? Каков беше Драган како татко, повеќе строг авторитет или близок пријател на кого секогаш можевте да му се доверите?
Имаше неверојатна способност да те смири
Драган како родител беше вистински пример за баланс помеѓу авторитет и пријателство. Секогаш успеваше да биде и двете, но пред сè беше човек на кого секогаш можев да му се доверам. Имаше авторитет, но тој никогаш не доаѓаше од строгост или страв, туку од почитта што ја будеше кај нас. Не мораше да го покачи гласот за да нè научи што е правилно, доволно беше да ни објасни и да ни покаже со својот пример.
Со него можев да разговарам за сè во секој момент и во секоја животна состојба. Секогаш знаев дека ќе ме сослуша без да ме осуди, но и да укаже на грешките доколку ги има. Имаше неверојатна способност да те смири и да ти помогне сам да го пронајдеш одговорот.
Дали како дете бевте свесни дека имате татко кој е препознатлив глас за генерации или за вас тој беше едноставно „тато“?
Искрено, кога сте дете, не размислувате за тоа на тој начин. За нас тој беше едноставно „тато“. Човекот со кого дома слушавме музика, човекот кој ме носеше за рака, кој се радуваше на моите успеси, кој беше дел од нашето секојдневие. Не го гледав низ очите на јавноста, туку низ очите на едно дете кое го сака својот татко.
Каде и да одевме, некој ќе го препознаеше, ќе му пријдеше со насмевка
Дури подоцна почнав да сфаќам колку многу значел за луѓето. Каде и да одевме, некој ќе го препознаеше, ќе му пријдеше со насмевка, ќе му раскажеше спомен поврзан со неговите емисии или ќе му кажеше дека пораснал слушајќи го неговиот глас. Тогаш почнав да разбирам дека татко ми не бил само дел од нашиот дом, туку и дел од животите на многу други луѓе.
Но, без разлика колку беше познат, почитуван и сакан од публиката, дома никогаш не се однесуваше како јавна личност. Дома беше едноставно „тато“ и тоа е нешто кое тој секогаш ненаметливо ни го потенцираше - „Дома сум тато, надвор сум Драган Б. Костиќ".
Каков беше вашиот однос низ годините? Дали се менуваше со растењето или блискоста остана иста?
Нашиот однос се менуваше природно, како што растев јас, но блискоста никогаш не исчезна, напротив сè повеќе растеше до самиот крај. Како дете, го гледав како татко кој ме води, ме учи и ме штити. Подоцна, како што созревав, сè повеќе почнавме да разговараме како двајца блиски луѓе кои можат да споделат мислења, дилеми и животни искуства, да одат заедно на концерти, да излегуваат заедно, да разговараат на секоја можна тема.
Никогаш не се промени чувството дека секогаш можам да се потпрам на него
Она што никогаш не се промени беше чувството дека секогаш можам да се потпрам на него. Без разлика на годините, знаев дека ќе биде тука со совет, со поддршка или едноставно со трпение да ме сослуша. Имаше една ретка способност да направи да се чувствуваш разбрано, дури и кога не се согласувавте за нешто.
Денес сум благодарна што покрај родителската љубов, имавме и таква искрена конекција татко-ќерка која се градеше низ годините.
Имавте ли некои ваши заеднички ритуали, моменти кои беа „само ваши“?
Да, имавме многу мали моменти кои можеби на некого би му изгледале обични, но за мене денес се меѓу највредните спомени. Не беа тоа големи настани, туку оние секојдневни ритуали што незабележливо стануваат дел од вашиот живот.
Највредниот и најдрагиот ритуал кој го имав со него се заедничките одења на концерти
Највредниот и најдрагиот ритуал кој го имав со него се заедничките одења на концерти кои за мене, покрај него, претставуваа една неверојатна среќа и привилегија која ја имав јас, а ја посакуваа многу луѓе. Многупати го имам слушнато тоа „Блазе си ти, со таков човек одиш на концерти". Toa се моменти кои засекогаш ќе останат врежани во моето срце и сеќавања.
Покрај тоа, секогаш наоѓавме време за разговор, без разлика колку беше зафатен. Имавме наши моменти кога седнувавме заедно и зборувавме за сè и сешто. Наш ритуал беше и грижата како за нашите домашни, така и за уличните кучиња кон кои и двајцата, а посебно тој, имавме неизмерна љубов и разбирање.
Денес сфаќам дека токму тие едноставни моменти беа нашите вистински ритуали. Не затоа што беа нешто спектакуларно, туку затоа што беа наши. И токму тие ми недостигаат најмногу.
Колку неговиот музички вкус и страст кон музиката влијаеја врз вашиот сопствен избор и доживување на музиката?
Невозможно е да растете покрај човек како татко ми, а музиката да не стане дел од вас
Невозможно е да растете покрај човек како татко ми, а музиката да не стане дел од вас. Таа беше постојано присутна во нашиот дом, не само како звук во позадина, туку како начин на живот, како емоција и како приказна.
Тој никогаш не ми наметнуваше што треба да слушам, но преку него научив да ја слушам музиката на поинаков начин. Ме научи дека зад секоја песна стои приказна, дека добрата музика има душа и дека нејзината вредност не се мери според тоа колку е популарна во моментот, дека музиката не почнува од денес, дека постоела и претходно во друг облик, кога ја сакале и други луѓе.
Од него ја наследив љубопитноста да откривам различни жанрови и изведувачи, но и навиката вистински да ја слушам музиката, а не само да ја слушам во минување. Денес, кога ќе слушнам одредена песна или изведувач кој тој го сакаше, не се потсетувам само на музиката, туку и на него. На разговорите што ги водевме, на атмосферата дома и на љубовта со која зборуваше за секоја добра песна. Уживаше секоја добра песна која ќе ја чуе, да ја сподели со нас. Буквално до последните заеднички моменти уживавме заедно во музиката и тоа е нешто на што сум му вечно благодарна...
Каква поддршка беше за вас во најважните или можеби најтешките животни моменти? Што најмногу сте научиле од него?
Во најважните, но и во најтешките моменти од мојот живот, татко ми беше мојата најголема потпора. Не затоа што секогаш ги имаше сите одговори, туку затоа што секогаш знаеше како да ми даде сила да ги пронајдам сама. Имаше неверојатна способност да внесе мир и сигурност дури и кога сè околу тебе изгледа неизвесно.
Никогаш не се обидуваше да ги решава моите проблеми наместо мене. Ме учеше да бидам храбра, да преземам одговорност за своите одлуки и да не се откажувам кога ќе стане тешко. Но, истовремено, секогаш знаев дека зад мене стои човек на кого можам да се потпрам безрезервно.
Од него научив многу работи, но ако треба да издвојам една, тоа би била човечноста
Од него научив многу работи, но ако треба да издвојам една, тоа би била човечноста. Ме научи да ги почитувам луѓето, да останам приземна без оглед на околностите и да се однесувам кон секого со достоинство и разбирање. Исто така, ме научи дека вистинската сила не е во тоа никогаш да не паднеш, туку секогаш да најдеш начин да станеш и да продолжиш понатаму.
Тоа се лекции што остануваат засекогаш. И денес, кога ќе се соочам со некој предизвик, многу често се прашувам што би ми кажал тој. Одговорот најчесто веќе го знам, затоа што неговите зборови и вредности засекогаш останаа дел од мене.
По што најмногу го паметите денес? Која негова особина или навика најчесто ви се враќа во мислите?
Имаше преголемо срце, за мене секогаш ќе остане човекот со најубавата насмевка
По неговата топлина и добрина која често преоѓаше во наивност. Имаше преголемо срце кое сакаше да помогне на секого и кое веруваше во сè и сешто. Со текот на времето му стануваше јасно дека не секој ја цени таа негова особина која ја отвори вратата на успехот на многумина, но и покрај тоа до крајот на животот не се промени и секогаш остана човекот кој е тука за да им помогне на другите, често на сметка и на себе и на најблиските.
Ја паметам и често ја чувствувам неговата насмевка, и за мене секогаш ќе остане човекот со најубавата насмевка.
Кои животни вредности најмногу се трудеше да ви ги всади и дали денес се препознавате во некоја од нив? Која негова реченица или совет засекогаш ќе ја носите со вас?
Премалку време е поминато од неговото заминување и сите негови карактерни особини и навики ни се тука пред очи на сите и секојдневно ги коментираме, знаеме емотивно да се навратиме на секоја од нив. Во некои моменти, тоа навраќање поминува емотивно, додека некогаш сме среќни што имаме толку многу заеднички моменти на кои можеме да се сеќаваме и навраќаме на нив. Неговата најчеста навика беше да седи во неговата работна соба, во неговото „собче" во кое беше буквално неговиот свет. Околу него илјадници плочи, касети, дискови, книги, таму беше неговото уживање, знаеше скоро целиот ден да го помине таму, викајќи по нас да сподели сè што интересно ќе види или слушне. Дури и внуците, иако мали, веднаш ги навлече во неговото царство и тие беа најчесто таму со него, цртајќи, гледајќи филмови, видеа...
Беше човек без ниту една црна дамка во својот живот
Чесноста како негова главна карактерна особина, впрочем каков што беше и самиот тој. Човек без ниту една црна дамка во својот живот. Иако 50 години јавна личност, човек без скандали и без непријатели. Непрестајно се обидуваше да ни го всади тоа на нас и без сомнение успеа во тоа. Како човек ги имаше сите добри особини, како чесност, морал, принципиелност, почит и сето тоа успешно го пренесе и кај секој од нас, на што сме особено горди и благодарни, и секогаш ќе настојуваме да го следиме неговиот пример.
Каков беше како дедо? Колку таа нова улога му го промени животот?
Внуците му носеа голема радост и смисла
Тој престанок на неговата нова улога како дедо е нешто што најмногу ме боли. Со Андреј, Ива и Николај имаше една неверојатна енергија, со многу игра, многу смеа, опуштеност, едукативност. Одеднаш се појави детето во него, кое секогаш било тука присутно, но затскриено. Како да се ослободи од сите обврски и тежини и едноставно уживаше во тие моменти. Тие му носеа голема радост и смисла, и тоа се гледаше во секој негов поглед и секој негов гест. И на нив им недостасува многу, што јасно секојдневно го искажуваат. Сè уште се премногу мали за да им биде јасно, но нивниот деде секогаш ќе биде тука некаде покрај нив, и за нив. Андреј, Ива и Николај беа неговиот нов смисол и нова енергија за живот, која за жал не траеше доволно долго.
Ако можете и сакате да споделите, како дознавте за неговото боледување и како ги паметите тие моменти на борба?
Кај Драган сè се случи буквално преку ноќ. Тој беше здрав, активен и витално одличен, без некои поголеми и посериозни здравствени проблеми. Имаше проблеми со висок притисок и удар по кој заврши на клиниката за неврохирургија, каде беше одреден период, по кој со својата храброст и желба за живот успеа да се опорави во целост за релативно кратко време и со огромна помош пред сè на докторот Благој Шунтов и неговиот физиотерапевт и личен пријател Горан Саневски. Но, за жал, по неколку месеци доживеа уште еден удар, кој, за жал, беше многу потежок и заврши фатално...
Тие денови на борба секогаш ќе останат дел од нас, тој семеен ролеркостер од емоции, страв, оптимизам, среќа, гордост, за жал на крај сето тоа да заврши со шок, тага и неверување. Сепак, горди сме на неговата борба, истрајност и желба да се опорави за многу краток период, нетипично за такви состојби, но и тука во таква ситуација го покажа својот карактер и таа желба да биде повторно таков каков што сите го знаат и препознаваат...
По неговото заминување, како ја доживеавте одговорноста да продолжи „Диско селектор“, како чест или како тежок аманет?
По неговото заминување, искрено, тоа чувство е многу сложено и тешко да се стави во една реченица. Од една страна, „Диско селектор“ е дел од него, од неговиот живот и од неговата страст и природно е луѓето да го поврзуваат со неговото име. Тоа на крај на караевите е всушност вид на национален бренд. Во таа смисла, постои чувство на чест што нешто толку значајно, што тој го создавал со децении, продолжува да живее и да се памети.
Но, од друга страна, за нас тоа не е само име, емисија или формат. Тоа е неговиот труд, неговиот глас, неговиот свет. Затоа, носењето на таква симболика не е лесно и не може да се гледа како нешто едноставно или техничко. Со себе носи тежина, затоа што секогаш постои свесност за тоа што значел тој за луѓето и колку љубов има вложено во тоа што го правел.
Голема одговорност затоа што бара почит, внимание и разбирање на неговото наследство. И можеби најважно од сè, бара да се чува духот со кој тој ја правеше таа емисија љубовта кон музиката и кон луѓето.
Како го замислувате понатамошниот живот на „Диско селектор“ без неговиот глас, но со неговиот дух?
За мене „Диско селектор“ никогаш не бил само гласот кој го слушавме на радио. Тоа беше неговата енергија, неговиот пристап кон музиката и начинот на кој знаеше да создаде чувство дека сите сме дел од нешто поголемо додека ја слушаме истата песна. Затоа верувам дека неговиот дух не исчезнува, туку останува како темел на сè што било создадено.
Без неговиот глас, тоа е поинаку – природно е и неминовно да биде поинаку. Но, ако нешто навистина било автентично и изградено со љубов, тогаш тоа продолжува да живее и во нови форми. За мене најважно е да се зачува суштината: љубовта кон музиката, вниманието кон изборот и почитта кон во овој случај читателот, наместо слушателот.
Тој би сакал Диско Селектор да продолжи да поврзува луѓе
Не го замислувам како обид да се замени нешто што е незаменливо, туку повеќе како продолжување на една приказна што тој ја започна. Неговиот глас секогаш ќе биде првиот и најважниот дел од „Диско селектор“, но неговиот дух, неговиот вкус и неговата идеја за радио можат да продолжат да инспирираат и понатаму.
И ако нешто сум сигурна, тоа е дека тој би сакал токму тоа, Диско Селектор да продолжи, да поврзува луѓе, дури и кога неговиот глас веќе не е тука.
Ако денес би можеле да му кажете нешто што не сте стигнале, што би било тоа?
Благодарам за сè што беше како татко, за трпението, за поддршката, за начинот на кој ме учеше да бидам човек. Благодарам и за сите мали моменти за кои денес знам дека биле највредни.
И би му кажала дека ми недостига. Тоа е чувство кое го носам со себе секој ден, секоја ноќ, заспивам и се будам и него. Дека му недостига на брат ми Бане, на мајка ми Иванка, на мојот сопруг Ване со кого беше како другар и неговата снаа Снеже која беше како втора ќерка. На Андреј, Ива, и Николај...
На сите оние кои во огромен број беа на неговото испраќање, докажувајќи дека беше своевиден великан на ова тло. Колку и да беше скромен, секако ќе му беше драго да го види тоа.
Би му кажала дека неговите зборови сè уште ме водат и дека многу често, кога ќе се најдам пред некоја одлука, се прашувам што би ми рекол тој. И верувам дека некаде, на некој начин, тој тоа и го знае.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk