„Времето како да застана“: Ангела од Скопје за романтичниот предлог за брак од саканиот Николче во Св. Наум
Една порака има моќ да започне љубовна приказна која ќе го промени текот на животот. Иако со години се познавале и живееле во ист град, Ангела и Николче вистински се пронашле пред само седум месеци, а уште од првите заеднички моменти, почувствувале дека меѓу нив се раѓа нешто специјално.
Романтичното патување во Охрид, кое за 25-годишната девојка требало да биде само нов убав викенд исполнет со заеднички спомени, се претворило во ден кој засекогаш ќе го паметат. Со поглед кон Охридското Езеро и во магичната атмосфера на манастирот Св. Наум, 31-годишниот Николче клекнал на едно колено и го поставил прашањето кое го означило почетокот на нивното ново животно поглавје.
За Фемина, Ангела ја сподели приказната за нивното запознавање, изненадувањето кое ѝ измамило солзи во очите и моментот кога со едно силно „ДА“ му го подарила најубавиот одговор на саканиот.
Љубовта понекогаш доаѓа кога најмалку ја очекуваш. Така започна и нашата приказна.
Иако се познававме многу одамна и потекнуваме од ист град – Скопје, нашите патишта вистински се споија пред само седум месеци. Доволна беше една порака, на која конечно одлучив да одговорам, за да започне нешто што целосно ни ги промени животите.
Од првиот ден, меѓу нас постоеше чувство дека ова не е обична врска. Сè се одвиваше природно, лесно и искрено. Со секој поминат ден станувавме поблиски и посигурни дека сме ја пронашле личноста со која сакаме да ја градиме иднината.
Една од работите што најмногу нè поврзува е љубовта кон патувањата и новите авантури. Речиси секој слободен викенд го користиме за да посетиме некое ново место и да создадеме нови спомени. Токму една таква авантура нè одведе во Охрид, без да знам дека таму ме очекува најголемото изненадување во животот.
Од друга страна, Николче признава дека и покрај сигурноста во мојот одговор, имал огромна трема.
За незаборавниот миг, тој вели:
„Од самиот почеток знаев дека Ангела е жената со која сакам да го поминам животот. Имав чувство дека сме заедно многу подолго од седум месеци. Кога ја видов нејзината реакција и солзите во очите, сфатив дека секој труд вредел.“
Ангела со возбуда раскажа како се одвивало запросувањето:
Во целата организација, голема улога имала мојата сестра Ивона, која заедно со Николче го испланирала секој детал во тајност. Благодарение на неа, успеав да останам целосно несвесна за она што се подготвуваше.
Кога пристигнавме во близина на манастирот Св. Наум, сè изгледаше совршено. Езерото беше мирно, сонцето ја создаваше најубавата глетка, а атмосферата беше како од филм. Искрено, мислев дека станува збор за уште еден прекрасен ден кој ќе го поминеме заедно. Но, Николче имал сосема поинаков план.
Во еден момент застанавме на прекрасно украсено место со поглед кон езерото. Луѓето околу нас почнаа да обрнуваат внимание и да аплаудираат. Потоа Николче клекна на едно колено и ми го постави најубавото прашање што сум го слушнала..
Времето како да застана. Се сеќавам само на огромната среќа, изненаденоста и солзите што не можев да ги задржам. Околу нас имаше туристи, семејства и деца на екскурзија кои почнаа да аплаудираат, но во тој момент јас го гледав само човекот со кој што ќе го поминам остатокот од својот живот..
Одговорот беше едноставен, кратко и јасно реков „Да!“
Во подготовките учествуваа и нашите блиски пријатели Никола, Филип и Стефи, кои помогнаа да се создадат спомени што ќе ги чуваме цел живот. Тие беа заслужни и за прекрасните фотографии кои засекогаш ќе нè потсетуваат на овој ден.
Истите луѓе му помогнале на Николче и при изборот на прстенот. Најважно му било да го погоди мојот вкус, а според неговите зборови, мојата насмевка кога го видов прстенот му потврдила дека направил вистински избор.
По запросувањето веднаш им се јавивме на нашите семејства и најблиските пријатели. Телефоните постојано ѕвонеа, а честитките и убавите желби пристигнуваа од сите страни.
Сега со нетрпение ги планираме следните чекори и денот кога ќе го кажеме судбоносното „да“ пред нашите најблиски. Но, она што за нас е најважно е дека веќе го направивме првиот голем чекор.
Нашето запросување не беше само романтичен момент покрај Охридското Езеро. Тоа беше почеток на едно ново поглавје и ветување дека сите идни авантури ќе ги живееме заедно.