Антониа Гиговска ги разбуди емоциите на публиката со настапот во ревијалниот дел на првата вечер на „Макфест“ во Штип.
Со впечатливиот вокал и со минималистички сценски пристап, македонската пејачка им даде свој печат на дел од најсаканите песни од фестивалот. Седејќи на стол, во придружба на музичар на пијано, Антониа го насочи вниманието кон музиката и емоцијата во секој стих.
На нејзиниот репертоар се најдоа „Кога те нема“ на Хелена Благане, „Сонце за три светови“ на Мики Јовановски-Џафер, „Свирете ја ’Зајди, зајди’“ на Олгица Христовска и „Осамен“ на Трајче Манев. Антониа ја изведе и својата „Никогаш не вели никогаш“, со која победи на „Макфест“ во 2018 година, како и баладата „Жена“.
За сценското појавување, таа избра модерна и елегантна креација од македонскиот дизајнер Дејан Сидор. Долгиот фустан во темносива нијанса, со нагласени раменици и висок шлиц, го комбинираше со црни салонки. Мазно прибраната коса во долга плетенка и впечатливиот накит на увото го заокружија стајлингот.
Изведбите предизвикаа бројни пофалби на Instagram, каде публиката го истакна нејзиниот вокал и емотивниот пристап кон познатите песни.
„Ежење. Сите песни што ги испеа денес на Макфест се испеани со посебен вид емоција“, гласи еден од коментарите.
„Каков вокал! Треба ова во живо да се слушне“, „Вонсериска“ и „Настап за историја и преслушување“ се дел од останатите реакции за нејзиното музичко потсетување на макфестовските хитови.
Фото: Тоши Трајчев, Дејан Коцев / Femina.mk