„Водата изгледа како фотошопирана, а песокот никогаш не се загрева“: Кристина од Ресен за животот и работата како туристички водич на Малдивите
На само 25 години, Кристина Пецалевска успеа да го претвори својот детски сон во реалност – живее на Малдивите, каде што работи како туристички водич и организатор на патувања, опкружена со океанот и природата кои неизмерно ја инспирираат.
Со повеќе од една деценија искуство во креирање и водење авантуристички патувања низ светот, шармантната девојка од Ресен им помага на луѓето да избегаат од динамичното секојдневие и да откријат поинаков начин на живот. Како вљубеничка во истражувањето, нуркањето, сурфањето и јогата, Кристина верува дека вистинската слобода се крие во поврзаноста со природата, а токму таа филозофија ја споделува со сите оние кои ќе се впуштат во нејзините незаборавни патувачки приказни.
За Фемина, таа открива како изгледа животот на Малдивите, што ја одвело таму и зошто токму островскиот начин на живот ја направил посреќна и поисполнета. Споделува и корисни совети за сите кои сонуваат за незаборавен одмор на рајските острови.
Кога за првпат замина на Малдиви и што те однесе токму таму?
На Малдиви за првпат дојдов во 2023 година поради работата, но многу брзо сфатив дека ова место е многу повеќе од само туристичка дестинација. Начинот на живот, океанот, мирот и едноставноста ме натераа постојано да се враќам и да поминувам сѐ повеќе време тука.
За мене Малдивите станаа место каде што најмногу се чувствувам поврзано со природата, океанот и самата себе. Токму поради тоа, минатата година решив да се преселам на ова рајско парче земја и да се посветам на тоа да ги споделувам овие убавини со што е можно повеќе луѓе.
Дали првично планираше да останеш кратко и што пресуди да го продолжиш престојот? Како започна твојата приказна на Малдивите?
Луѓето на Малдиви не брзаат никаде и живеат во хармонија со природата и океанот
Првично бев разочарана што наместо Занзибар, како што беше планирано, ги добив Малдиви како дестинацијата за водење тури. Како и повеќето луѓе, имав сосема поинаква слика за животот тука и мислев дека Малдивите се само луксузни ресорти и туристички одмор.
Но, уште од првиот ден кога пристигнав, почувствував посебна енергија - нешто што го немам почувствувано во ниту една од речиси 40-те држави што сум ги посетила. Ги соблеков папучите и почнав да живеам боса, по прашкастата корална песок која никогаш не се загрева. Ова се острови што се тивки и мирни – тука улиците не се бетонски, туку песочни. Луѓето не брзаат никаде и живеат во хармонија со природата и океанот.
Некако целосно се пронајдов во таа атмосфера, во тој начин на живот и во чувството на мир што го носат Малдивските острови. И еве ме тука - речиси четири години подоцна.
Како стана туристички водич и што најмногу те привлекува во оваа професија?
Уште од мали нозе имав пасија да им покажувам убави места на луѓето и да споделувам искуства со нив. Првата тура што ја организирав беше сосема спонтана - на само 9-годишна возраст. Растев на падините на Галичица, а инспирирана од желбата да им покажам еден прекрасен извор на гостите кои престојуваа во камп во близина на куќата на баба ми, дојдов до идеја да им понудам бесплатна прошетка и тура до изворите. Луѓето што дојдоа беа искрено воодушевени, а тоа чувство дека некому сум му подарилa убаво доживување ми остави силен впечаток уште тогаш.
На 12 години веќе му помагав на братучед ми како придружник и преведувач при реализација на излети до островот Голем Град на Преспанското Езеро, кој се наоѓа во непосредна близина на местото каде што растев. А на 15 години, започнав активно да организирам тури и патувања за КУД „Таше Милошевски“ од Ресен.
Подоцна решив и професионално да се насочам кон оваа професија, станав лиценциран туристички водич и започнав со подалечни патувања и интернационални тури. Но, суштината остана иста како и првиот пат кога сакав да покажам едно убаво место — желбата да споделам убавина, авантури и незаборавни искуства со луѓето и преку тоа да ги направам посреќни.
Секој барем еднаш во животот треба да го почувствува мирот, слободата и убавината на оваа тропска егзотика
Само што сега тие искуства добија поинаква форма и станаа нешто навистина необично за нашето поднебје. Доживувањето на океанот и океанските авантури за најголем дел од нас сѐ уште се нешто непознато и далечно. А јас искрено верувам дека секој барем еднаш во животот треба да го почувствува мирот, слободата и убавината на оваа тропска егзотика - без метеж, без брзање и без грижи.
Каков е твојот секојдневен живот на Малдивите? Што правиш кога не работиш?
Секојдневниот живот на Малдивите е прилично бавен, мирен и едноставен — опкружен со природа, океан, сонце и палми. Тука животот некако тече поспоро и луѓето многу повеќе се поврзани со природата и сегашниот момент.
Кога не работам, најчесто времето го поминувам во океанот — нуркање, слободно нуркање или сурфање. Сакам и да истражувам нови острови, да кампувам, читам книги, учам нови работи, практикувам јога и да поминувам време со локалните жители. Често сум посветена и на едукација, волонтирање и различни креативни активности и уметност.
Мислам дека токму таа едноставност, мир и поврзаност со природата се најубавиот дел од животот тука.
Кои се најголемите предизвици, а кои најубавите страни од животот таму?
Моите лични најголеми предизвици беа прилагодувањето на поинаков начин на живот, различната култура и фактот што сум сама далеку од домот, семејството, пријателите и животот што го градев повеќе од 20 години во нашата прекрасна Македонија. Не е лесно да се биде толку далеку од сè што ти е познато и блиско, но дефинитивно вреди за сите убавини што ги носи животот тука.
Предизвик за сите што живееме тука знае да биде транспортот, како и ограниченоста во ресурси - нешто што не се чувствува секојдневно, но дефинитивно постои. Сепак, токму тука многу силно се чувствува и она чувство дека „има доволно“, а мислам дека тоа е една од најубавите работи во овој начин на живот.
Температурата е речиси константна, а подводниот свет е подобар од кој било аквариум
Една од работите што најмногу ги ценам е односот што локалците го имаат кон океанот - нивното знаење, почит и неверојатна способност за океански експедиции и живот на море. Исто така, прекрасно е што температурата е речиси константна во текот на целата година и никогаш не е ладно. Тука има прекрасна храна, насмеани и гостопримливи луѓе, исклучителна безбедност, мека бела песок, едни од најубавите плажи во светот и подводен свет подобар од кој било аквариум.
Што научи за себе откако се пресели на Малдивите?
Научив многу работи за себе откако се преселив на Малдивите. Пред сè, сфатив колку човек може да биде посилен, поспособен и поадаптибилен отколку што мисли. Животот толку далеку од сè што ми било познато ме стави во многу нови и непредвидливи ситуации, а токму тие искуства уште повеќе ми потврдија колку добро умеам да се снаоѓам во непознатото.
Сфатив и колку многу сите претходни искуства, патувања и животни предизвици ме изградиле како личност и ме подготвиле за ваков начин на живот.
А можеби најважното што го научив е дека домот не е секогаш место - понекогаш домот е чувството што го носиме во себе. Кога човек ќе научи да биде мирен со себе, тогаш може да се почувствува „дома“ насекаде во светот.
Што најчесто ги изненадува туристите кога првпат ќе пристигнат на Малдивите?
Она што најчесто ги изненадува туристите кога првпат ќе пристигнат на Малдивите е тоа што природата навистина изгледа нереално - особено бојата на водата, која често делува како да е фотошопирана, а всушност токму коралните системи и чистотата на океанот ја создаваат таа неверојатна тиркизна нијанса. Луѓето се воодушевуваат и од прашкастата бела песок која речиси никогаш не се загрева, дури ни на силно сонце.
Многумина се изненадени и од чувството на безбедност на островите. Тука луѓето често оставаат лични работи на плажа или во кафуле без страв дека некој ќе ги земе, што денес навистина ретко може да се доживее.
И секако, една од најголемите импресии што им останува на сите е подводниот свет - неговата убавина, разновидност и блиските средби со морскиот живот за време на нашите излети и океански авантури.
Кои места и искуства според тебе се задолжителни за секој кој ќе ги посети Малдивите?
Препорачувам пливање со желки, делфини, манти, кит-ајкули, па дури и со ајкули на безбеден и организиран начин
Мислам дека секој што ќе ги посети Малдивите треба вистински да го доживее океанот, бидејќи токму тој е срцето на оваа земја. Пливање со желки, делфини, манти, кит-ајкули, па дури и со ајкули на безбеден и организиран начин, се едни од најуникатните искуства што природата може да ги понуди и нешто што ретко каде во светот може да се доживее на ваков начин.
Би препорачала и посета на различни локални острови, затоа што секој има своја атмосфера, ритам и убавина. Расду, Тоду, Омаду, Дигура, Тинаду, Гули, Маафуши, Дараванду и многу други острови нудат сосема различни искуства - од мирни локални средини и долги песочни плажи, до неверојатни точки за нуркање и океански авантури.
Исто така, задолжително е барем еднаш да се доживее изгрејсонце или зајдисонце на песочен насип, нуркање со боци, пикник на пуст остров и испробување на локална храна.
Мислам дека најубавите работи на Малдивите не се само местата што се гледаат, туку чувствата и искуствата што остануваат долго по патувањето.
Кој остров или место ти е тебе омилено и зошто?
Иако секој остров на Малдивите има своја посебна убавина и енергија, мислам дека моето омилено „место“ всушност не е еден конкретен остров - туку океанот. Токму таму го чувствувам најголемиот мир, восхит и присуство во сегашниот момент.
Без разлика дали нуркам, слободно нуркам, сурфам или едноставно пливам, океанот е местото каде што најмногу се чувствувам поврзано со природата и самата себе. Под вода времето како да запира — сè станува потивко, поедноставно и пореално.
Океанот постојано ме потсетува колку природата е моќна, совршена и жива, а истовремено и колку ние сме мал дел од неа. Мислам дека токму затоа секогаш му се враќам.
Кога е најдобриот период за посета на Малдивите и зошто?
Најпопуларен период за посета на Малдиви е од ноември до април
Малдивите се дестинација што може да се посети во текот на целата година, бидејќи температурите речиси секогаш се движат помеѓу 28 и 32 степени. Сепак, периодот од ноември до април се смета за посув и постабилен, со помалку дождови и помирен океан, па затоа е и најпопуларен за посета.
Од друга страна, периодот од мај до октомври е потропски и понепредвидлив, со повремени дождови, повеќе ветер и побрановиден океан, но токму тогаш природата е најжива, има помалку туристи, а условите за сурфање и средби со поголем морски свет често се уште подобри.
Искрено, мислам дека секој период има своја убавина - сè зависи од тоа какво искуство бара човек. Малдивите не се место каде што дождот значи расипан одмор; често после краток тропски дожд повторно излегува сонце и времето изгледа прекрасно. А надвор од најпосетениот период, островите често можат да се доживеат и на многу поавтентичен начин - без големи гужви, со поприфатливи цени и со поголема свежина во воздухот.
Што е нешто интересно или неочекувано што повеќето луѓе не го знаат за Малдивите?
Песокот на Малдивите е создаден од корали и школки, поради што е толку бел, мек и речиси никогаш не се загрева
Мислам дека многу луѓе не знаат дека Малдивите не се само луксузни ресорти и туристички фотографии, туку вистинска островска држава со локален живот, култура и традиција. Малдивите се составени од околу 1.200 острови, но само околу 400 од нив се населени. Од тие населени острови, околу 200 се локални острови каде што живее локалното население, а останатите се приватни ресорти до кои најчесто не може да се пристапи без резервација или посебна дозвола за посета.
Исто така, повеќе од 99% од територијата на Малдивите е океан, а островите се едни од најниските во светот. Малкумина знаат и дека токму од локалниот јазик дивехи потекнува терминот „атол“, кој денес се користи насекаде во светот.
Интересно е и тоа што песокот на Малдивите е создаден од корали и школки, поради што е толку бел, мек и речиси никогаш не се загрева.
А можеби најнеочекуваното нешто за многумина е колку животот тука е едноставен и мирен. Иако Малдивите често се поврзуваат со луксуз, луѓето овде живеат многу блиску до природата и океанот, а токму тоа е делот што најмногу ги менува луѓето кога ќе дојдат.
Кои локални обичаи или правила на однесување туристите треба да ги знаат?
Шетање во бикини надвор од одредените „bikini beach“ зони не е дозволено
Во однос на културата и обичаите, важно е туристите да знаат дека Малдивите се муслиманска земја и дека постојат одредени правила на однесување кои произлегуваат од религијата, особено на локалните острови. Шетање во бикини надвор од одредените „bikini beach“ зони не е дозволено.
Исто така, напладне најголем дел од продавниците се затворени поради главната молитва, па тоа е дел од дневниот ритам на живот кој е добро да се почитува и прифати. Во многу продавници за сувенири се бара да се соблечат обувките при влегување, за да не се внесува песок внатре.
Алкохол не е достапен на локалните острови, но постојат специјални бродови укотвени во близина, од каде што е достапен за туристите. Сепак, треба да се има на ум дека изборот е поограничен, а цените се повисоки од вообичаеното.
Исто така, една многу убава страна на локалната култура е гостопримството. Локалците често ги поздравуваат туристите, им помагаат и понекогаш нудат и бесплатни услуги или мали гестови на добрина - не од интерес, туку од искрена љубезност и желба да направат луѓето да се чувствуваат добредојдено.
И на крај, најважно е почитта кон природата - особено кон океанот и морскиот свет. Малдивите се дом на многу чувствителен екосистем, па однесувањето со грижа и одговорност прави голема разлика.
Дали досега си имала туристи од Македонија и по што се препознатливи?
Да, досега сум имала повеќе од 1.200 гости од Македонија и навистина е интересно да се гледа како луѓето од кај нас го доживуваат ова место.
Би рекла дека се препознатливи по тоа што се љубопитни, заинтересирани за сè и искрено восхитени од природата и океанот. Сакам што најголем дел од нив не доаѓаат само за фотографии, туку вистински сакаат да го искусат животот на островите, да се дружат со локалците, да пробуваат нови работи и да уживаат во авантурите.
Исто така, многу брзо се прилагодуваат на островскиот начин на живот, иако е сосема различен од кај нас - често ги оставаат обувките на страна, одат боси, поспоро и поопуштено, како да биле создадени за ваков ритам на живот.
Што треба да знаат туристите од Македонија пред да го испланираат своето патување на Малдивите?
Туристите од Македонија треба да бидат подготвени за сосема поинаква околина и начин на живот од оној на кој сме навикнати. Малдивите се место каде што природата е во центарот на сè, времето како да тече поспоро, а секојдневието изгледа многу помирно и поедноставно.
Добро е да знаат и дека екваторското сонце е навистина силно, климата е тропска, а животот на островите функционира поинаку - транспортот најчесто е со бродови и хидроавиони, па овде буквално заборавате на автомобили и класичен градски ритам. Исто така, бидејќи Малдивите се муслиманска земја, важно е да се почитуваат локалните правила и култура на локалните острови - да бидат облечени адекватно надвор од туристичките плажи.
Но, токму сите тие разлики го прават ова место толку посебно. Малдивите нудат можност за едни од најубавите океански искуства во животот - од пливање со морски животни до доживувања и авантури што многу мал процент од светската популација има можност да ги искуси.
Што ги прави Малдивите различни од другите тропски дестинации?
Малдивите имаат некоја посебна енергија што тешко може да се објасни додека не се доживее. Не се работи само за убави плажи и луксуз, туку за чувството на мир и поврзаност со природата што го носат островите.
Она што навистина ги прави уникатни е нивната геологија. Ова е местото од каде што потекнува и самиот термин „атол“, збор што доаѓа од локалниот јазик Дивехи и го објаснува начинот на кој се формирани островите и коралните системи што создава пејзаж кој изгледа речиси нереално и сосема поразлично од останатите тропски дестинации.
Исто така, Малдивите нудат едно многу поавтентично и поблиско доживување со океанот и природата. Овде секој остров е мал свет за себе, со свој ритам, локален живот и посебна атмосфера. Луѓето многу брзо почнуваат да се чувствуваат посмирено, порелаксирано и поприсутно во моментот.
Малдивите се и едно од ретките места каде што речиси секојдневно можеш да пливаш со желки, делфини, манти, китови, ајкули и кит-ајкули во нивното природно живеалиште. А ние ги реализираме тие искуства на етички начин, без да го вознемируваме или загрозуваме живиот свет, што исто така за жал е голема реткост на Земјата.
Мислам дека Малдивите не се само дестинација што се посетува, туку место што се чувствува.
Кое животно мото те води низ животот?
Мислам дека низ животот најмногу ме води желбата да живеам мирно, слободно и автентично - во согласност со себе, природата и работите што навистина ми значат. Верувам во живот исполнет со љубов, присутност и искуства што нè поврзуваат со светот околу нас. А една од најубавите работи за мене е кога можам да споделам убавина, инспирација и незаборавни моменти со други луѓе, и преку тоа да поттикнам позитивна промена, храброст и желба кај некого да живее поисполнето, послободно и во поголема поврзаност со себе.
Доколку би требало сето тоа да го сумирам во една реченица, таа би гласела: „Живеј мирно, сакај длабоко, истражувај храбро и оставај убавини зад себе“.
Ако треба да се опишеш себеси со една реченица, како би звучела таа?
Душа која е во постојан процес на раст, која се стреми кон највисоката верзија од себе, живеејќи свесно, автентично, храбро и слободно, во хармонија со она што навистина го чувствува и во поврзаност со сегашниот момент.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk