„Во петтиот месец го изгубив бебето, а денес под срцето носам нов живот“: Исповед на Македонка која по најголемата болка очекува второ дете
За Цветанче Пажик мајчинството започнало со искушение за кое ниту една жена не може да биде подготвена. Наместо безгрижно исчекување на своето бебе, првата бременост ѝ донела месеци исполнети со страв, неизвесност и, на крајот, загуба која засекогаш оставила трага во неа.
Но, таму каде што болката можела да ја скрши, Цветанче пронашла сила повторно да верува. Денес е мајка на тригодишно момче, а под срцето носи уште еден нов живот.
За Фемина, силната мајка отворено зборува за загубата, тешките бремености и патот од најдлабоката болка до повторно разбудената надеж.
Прочитајте ја нејзината исповед:
Пред четири години, започна едно ново поглавје од мојот живот. Се верив со човекот со кого денес го делам животот и наскоро забременив. Но, наместо безгрижна бременост, започна една од најтешките битки кои некогаш сум ги водела.
Пет месеци поминав во лежење, со многу крварења и страв. А потоа, дојде денот што засекогаш ќе остане во моето срце – во петтиот месец го изгубив моето бебе. Болката беше огромна. Емотивно и физички бев скршена и ми требаше многу сила повторно да се вратам на себеси.
Следуваа испитувања, неизвесност, тешка психичка и физичка работа и борба да продолжам понатаму. Тогаш дознав дека имам тромбофилија – состојба која кај мене бара третман за време на бременостите.
Но, животот понекогаш ни испраќа светлина токму тогаш кога најмалку ја очекуваме.
Шест месеци по загубата, најдов нова работа, а со неа започна и едно ново чудо – во мене повторно растеше живот. Овој пат секој ден беше борба, но и надеж. Девет месеци со Клексан, со стравови, солзи и безброј молитви.
До петтиот месец сè беше во ред, а потоа повторно започнаа компликации. Четири месеци морав да лежам и да верувам дека овој пат ќе заврши поинаку.
И заврши.
На свет го донесов моето здраво, прекрасно машко дете. Денес има три години и е мојата најголема среќа, моето најмирно и најслатко дете, моето мало чудо кое ми покажа дека по најголемата болка, може да дојде најголемата радост.
Три години подоцна, животот ми подари уште едно чудо. Повторно сум бремена. Повторно Клексан, повторно боцкања, повторно девет месеци борба поради тромбофилијата. Но, овој пат не сум истата жена.
Јас сум жена која веќе знае што значи да паднеш и повторно да станеш. Знам што значи да плачеш, а сепак да продолжиш. Знам што значи да се плашиш, а сепак да веруваш.
Затоа денес не се плашам од патот што е пред мене. Го чекорам со надеж, со љубов и со вера дека и оваа приказна ќе има најубав крај.
Од загубата до мајчинството.
Од солзите до насмевката.
Од најтешките денови до најголемата среќа.Јас не сум жена на која животот ѝ бил лесен.
Јас сум жена која, и покрај сè, не се откажала.
А денес, кога го гледам моето тригодишно момче и го носам новиот живот под срцето, знам дека секоја солза, секоја болка и секоја битка вредеа.
Јас сум мајка. Јас сум борец. И повторно верувам во моето најубаво утре.
Со својата исповед, Цветанче испраќа порака до сите идни мајки кои минуваат низ тешки бремености, загуби или неизвесност, дека, иако патот понекогаш е тежок, надежта не треба никогаш да се изгуби.