„Во Париз беретки едноставно мораше да има“: Елена за семејната авантура со слатките близначки
Париз изгледа уште помагичен кога се доживува со најсаканите.
Елена Динова, која стои зад Instagram профилот ell_ena, отпатува во француската метропола заедно со сопругот и 9-годишните близначки Антонија и Анастасија. Нивната авантура беше исполнета со стил, детска возбуда и многу семејни моменти.
Тие уживаа во прошетките низ Градот на светлината и љубовта, се забавуваа во Дизниленд, го посетија Лувр и, секако, не пропуштија да направат фотосесија пред Ајфеловата кула.
За Фемина, Елена раскажува како изгледало патувањето, што најмногу ги одушевило во Париз и кои моменти од посетата на Лувр денес со насмевка ги прераскажуваат. Таа открива и зошто ваквите заеднички патувања за неа се многу повеќе од обична авантура.
Што ве поттикна токму Париз да биде дестинација за вашето семејно патување?
Париз беше патување кое го планиравме подолго време и некако постојано го остававме за „вистинскиот момент“. Оваа година конечно решивме да го реализираме, а дополнителна причина беше и тоа што Антонија и Анастасија сега имаат 9 години и сметавме дека се на идеална возраст навистина да го доживеат градот, да уживаат во прошетките и знаменитостите, а секако и во Дизниленд. Сакавме патувањето да биде комбинација од нешто интересно за нас и нешто што за нив ќе биде вистинска детска магија. На крај, Париз навистина ни го даде токму тоа – многу заеднички моменти и спомени што сигурно долго ќе ги паметиме.
Како реагираа девојчињата кога за првпат го посетија Дизниленд и се сретнаа со омилените цртани ликови? Дали имаше некој момент кој особено ви остана во сеќавање?
Дизниленд дефинитивно беше еден од моментите што најмногу го очекуваа. Уште од самото влегување беа возбудени – сè што дотогаш го гледале само на екран, одеднаш беше пред нив. 😊 Иако понекогаш сакаат да се однесуваат како да се „големи“, таму повторно беа мали девојчиња кои искрено се радуваат на секој лик, атракција и детаљ.
Мислам дека најубаво од целото искуство беше да ги гледаме нивните реакции. Ние како родители можеби сме биле исто толку среќни гледајќи ги нив, колку што тие беа среќни што се во Дизниленд. Тоа се оние моменти кога сфаќаш дека патувањата со деца понекогаш знаат да бидат напорни, но токму ваквите спомени се причината зошто вредат.
Фотографиите пред Ајфеловата кула изгледаат како од разгледница. Дали однапред замислувавте како сакате да изгледаат кадрите?
Секако дека кога одиш во Париз имаш некоја замисла за фотографија пред Ајфеловата кула. 😊 Но, не сакавме сè да биде премногу испланирано и наместено. Повеќе ни беше важно фотографиите да ја доловат атмосферата и моментот, а особено девојчињата да бидат природни и да уживаат.
Париз самиот по себе е толку фотогеничен што навистина не е потребно многу. Ајфеловата кула во позадина, париската архитектура, улиците – каде и да се свртиш имаш прекрасен кадар. На крај токму тие фотографии што изгледаат најспонтано најмногу ни се допаѓаат, затоа што кога ќе ги погледнеме повторно, нè враќаат во моментот.
Антонија и Анастасија изгледаа преслатко во своите усогласени модни комбинации со беретки. Чија идеја беа овие стајлинзи и дали девојчињата веќе сакаат да учествуваат во изборот на гардеробата?
Идејата за стајлинзите беше моја. 😊 Кога веќе одиме во Париз, беретки едноставно мораше да има!
Сакав комбинациите да имаат малку париски шмек, а сепак да бидат детски и да им биде удобно додека шетаме цел ден.
Но, Антонија и Анастасија веќе се на возраст кога дефинитивно имаат свое мислење за тоа што ќе облечат. Иако се близначки, имаат свои вкусови и карактери и сè повеќе сакаат сами да учествуваат во изборот на облеката. Јас можам да ја дадам идејата, но последниот збор веќе не е секогаш мој. 😊 За среќа, за „париските комбинации“ лесно се договоривме, а беретките на крај беа деталот што целосно го заокружи изгледот.
Патувањето со две мали девојчиња бара добра организација. Дали деновите ви беа испланирани до детали или се препуштивте на спонтано шетање низ париските улици?
Дефинитивно бевме од оние што планираат до детали. 😊 Кога патувате со две деца, а имате само неколку дена во град како Париз, мислам дека добрата организација е половина од успешно патување. Уште пред да тргнеме имавме план што ќе посетиме секој ден, во кој дел од градот ќе бидеме, како ќе стигнеме дотаму, каде можеме да направиме пауза, а дел од посетите, како Лувр, Версај и Дизниленд, секако беа резервирани однапред.
Се трудевме планот да биде реален и приспособен и на Антонија и Анастасија, затоа што сепак не можеш од две деветгодишни деца да очекуваш цел ден да следат туристичка агенда без пауза. 😊 Имавме време и за кафе, нешто благо, одмор или едноставно да застанеме некаде и да уживаме во Париз. Така што, планот беше детално направен, но во него намерно оставивме простор и за оние спонтани моменти кои често знаат да бидат најубави.
Секогаш има некоја забавна анегдота кога се патува со деца. Која е онаа непланирана ситуација од патувањето која денес ви мами насмевки?
Можеби најинтересна ни беше посетата на Лувр. За нас тоа беше едно од местата на кои навистина му се радувавме и бевме воодушевени од сè што гледаме, додека по некое време на лицата на Антонија и Анастасија можеше да се прочита нешто сосема друго. 😄 Мислам дека во еден момент тие Лувр повеќе го доживуваа како казна отколку како една од најголемите светски ризници на уметноста.
Ние сакаме да застанеме, да погледнеме уште нешто, да влеземе во уште една просторија, а нивниот поглед беше во стилот: „Уште колку слики и статуи има?“ 😊 Секако, тие се уште мали за целосно да ја разберат вредноста и значењето на она што се наоѓа таму и тоа е сосема нормално. Најважната мисија за нив беше да ја видат Мона Лиза – откако тоа го исполнивме, мислам дека во нивните глави посетата на Лувр можеше слободно да заврши. 😄
Сега токму на тоа најмногу се смееме. Можеби за неколку години повторно ќе го посетиме и тогаш ќе го доживеат сосема поинаку, а ние сигурно ќе ги потсетиме колку „уживаа“ првиот пат.
Колку ваквите семејни патувања ви значат како родители? Дали сметате дека децата, иако се мали, веќе создаваат трајни спомени од ваквите искуства?
Многу ни значат. Сметаме дека патувањата се едно од најубавите нешта што можеме да им ги подариме на децата, не само поради местата што ќе ги видат, туку поради времето што го поминуваме заедно и сите мали моменти што ги создаваме како семејство.
Антонија и Анастасија сега имаат 9 години и веќе многу добро ги паметат патувањата, местата, но и некои детали за кои ние понекогаш сме изненадени дека воопшто ги забележале. Веруваме дека токму ваквите искуства остануваат со нив. Можеби со текот на времето нема да се сеќаваат на секоја знаменитост што сме ја посетиле или на секоја улица по која сме поминале, но ќе го паметат чувството, возбудата и времето што сме го поминале заедно.
А на крајот, и за нас како родители тоа се непроценливи спомени. Децата растат неверојатно брзо и затоа сакаме, колку што можеме, да создаваме што повеќе вакви заеднички моменти додека сè уште сакаат насекаде да патуваат со мама и тато. 😊
Сега кога стивнаа впечатоците и се испразнија куферите, почнавте ли веќе да размислувате каде би било следното ваше патување?
Кај нас обично уште не сме ги распакувале целосно куферите, а веќе почнуваме да зборуваме каде би можеле да одиме следно. 😊 Има многу места што сакаме да ги посетиме, но една голема желба за следно семејно патување ни е Њујорк.
Тоа е сосема поинакво искуство од Париз и токму затоа нè привлекува. Би сакале заедно да го доживееме градот, да шетаме низ Менхетен, да го видиме Тајмс Сквер, Централ Парк, погледот кон Статуата на слободата и сето она што со години го гледаме на филмови и фотографии.
Сè уште немаме конкретен план и датум, засега е желба, но искуството нè научи дека така започна и Париз – прво како идеја за која долго зборувавме, а оваа година конечно стана едно од нашите најубави семејни патувања. Можеби Њујорк ќе биде следниот. 😊