„Вистинска инклузија кај нас има само на збор и на слика, толку!“: Денис Космонаутко за реалноста на лицата со попреченост
По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, разговараме со Денис Јанкуловски, подобро познат како Космонаутко – еден од најгласните активисти за правата, достоинството и видливоста на лицата со попреченост во Македонија. Неговата работа, од детските книги до силните јавни настапи и настаните на „Школка“, одамна го позиционираа како човек кој не зборува само за инклузија, туку секојдневно ја практикува.
Во ова искрено и длабоко интервју за Фемина, позитивниот медицински брат по професија, зборува за реалноста зад институционалните бариери, за тоа каде навистина „запнува“ системот и што значи да се создаде општество во кое различностите навистина се почитуваат и слават.
Денес е Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Како го доживувате овој ден лично, но и како активист кој секојдневно се бори за правата на оваа заедница?
365 дена треба да се бориме за зголемување на свесноста за различностите, за подобрување на нивниот, а со тоа и заедничкиот живот
Овој ден е значаен ден за сите оние мои и наши другари, ден посветен на нивното прифаќање, почитување и инклузија. Но, овој ден не треба и не смее да биде само еден ден во годината, 365 дена треба да се бориме за зголемување на свесноста за различностите, за подобрување на нивниот, а со тоа и заедничкиот живот. Тоа се постигнува преку почитување на нивните човекови права, исто како што секој друг сака и очекува да биде почитуван. Токму затоа и се сите оние активности кои заедно со една голема група истомисленици ги правиме, сè со цел да им овозможиме на нашите другари да покажат и докажат дека знаат, умеат, можат и сакаат да дадат придонес во секојдневието.
Кои се трите најкритични бариери со кои лицата со попреченост во Македонија се соочуваат секојдневно – од институциите, инфраструктурата или од општеството?
Лицата со попреченост се соочуваат со многу бариери, почнувајќи од роднините, комшиите, посочувањата и исмевањата кога се движат по улица
Лицата, а со тоа и нивните семејства, се соочуваат со голем број бариери, почнувајќи од средината каде што живеат, роднините, комшиите, посочувањата и исмевањата кога се движат по улица. Еве тоа нека биде првата критична бариера.
Втората се институциите, каде овие лица не можат да ги завршат некои обврски. Според мене, треба да има и обука на вработени за да можат лица со оштетен слух да бидат услужени, лесно да се разберат. Кога ќе вработат некое лице со атипичен развој, да биде заштитено, а не напаѓано само затоа што е различно од другите.
Трето инфраструктурно, за што има огромен број примери. Само неколку ќе набројам: недостаток од пристапни рампи за лица во количка, недостаток од сензорни патеки за лица со оштетен вид, недостаток од заштитни огради на тротоари кај училишта каде учат лица со атипичен развој. Ова се конкретни примери, видливи и според мене, не само лесно туку ИТНО решливи. Па сите овие лица, без разлика дали се со оштетен вид, дали имаат проблеми со движењето, па нели и тие треба да отидат во некое Министерство, на концерт, во библиотека, исто како и секој друг. Пак ќе речам, има милион примери за бариери, само треба да има слух и желба од страна на институциите за решавање на овие проблеми.
Често велите дека „инклузијата не е само збор, туку практика“. Каде најмногу ни недостига практика – образовниот систем, здравството, работната средина или нешто трето?
Сите грешиме, но ако сакаме да ја поправиме грешката, тогаш има начин
На збор сите сакаме инклузија и велиме дека има, но во пракса е сосема друго нешто. Недостигот е насекаде, на пример во образовниот процес, тоа често го кажувам, има, ама не како што треба и не секаде. Во некое училиште има инклузија, има пристапност, во друго не, слично е и во здравството или речиси во секоја пора од општеството.
Според мене, она што треба да е да им се овозможи на овие лица според нивните можности да дадат придонес, без разлика за каде се работи. Има примери каде дете со некоја атипичност е во одделението (ќе речеме инклузија) ама тоа седи на крај со асистентот, само и одвоено од другите. Да не ме разберете погрешно, не напаѓам само еден дека е виновен, повеќе чинители има за успешна инклузија. Но, пак ќе речам, ако има волја, тогаш ќе се реши.
Еве еден пример од нашите активности. На нашите настани на Школка учествуваат и лица во количка, танцуваат, пеат. До пред два настани сите други беа на сцена, другите пред, затоа што тешко беше да ги качиме, немаше рампа. Се ангажирав, се обратив до соодветни институции и наместија пристапна рампа. Сакам да кажам дека сите грешиме, но ако сакаме да ја поправиме грешката, тогаш има начин.
Вашите книги со „Другарко“ и прекрасната песна „Гуш и Бац“, како и настанот што секоја година се одржува на Школка се одличен пример за инклузија на дело. Но, како изгледа вашата визија за вистински инклузивно општество и кои се првите конкретни чекори што Македонија мора да ги преземе за таа визија да стане реалност?
Голем број родители остареа и се изморија чекајќи да видат нешто подобро за децата
Вистинска инклузија значи вклученост на нашите другари во секојдневието, онаму каде што можат да бидат активни и на начин на кој можат да бидат. За да биде сето тоа како што треба, прво треба да си признаеме дека нема вистинска инклузија кај нас. Има на збор и на слики. Толку. Следен чекор е ајде да видиме како да ја направиме инклзуијата реална. Значи ги прашуваме родителите/старателите кои најдобро знаат што им треба на нивните деца, не треба никој да претпоставува. Одговорите се кај нив. Потоа да ги вклучиме стручните лица, образовните асистенти и секој друг релевантен фактор во осмислување на инклузијата. Не треба брзање по секоја цена колку да се рече - еве има инклузија.
Иако ова одамна требаше да се направи, затоа што голем број родители остареа и се изморија чекајќи да видат нешто подобро за децата, никогаш не е доцна за нешто квалитетно да се направи. Да се увидат грешките, недостатоците и да се коригираат. Само тогаш може да очекуваме видливи резултати и само тогаш може да кажеме дека живееме во општество каде се почитуваат човековите права, каде се почитуваат различностите и каде сите растеме ЗАЕДНО како ЕДНО. Тогаш може да кажеме дека живееме во здраво општество.
ГУШ и БАЦ општество :)
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk