Венчавка и пораѓај во 3 часа: На Србинка ѝ пукна водењакот на патот до матичар, се венча, па роди бебенце
Животот навистина пишува неверојатни сценарија.
Вања Васиќ од Србија во само неколку часа доживеа два најважни животни настани – се омажи и роди дете.
Иако за повеќето луѓе подготовките за свадба или пристигнувањето на бебето траат со месеци, Вања, спремна или не, успеа сè да заврши во еден единствен ден, а нејзиното искуство брзо стана вирален хит на социјалните мрежи.
Младата мајка сподели видео во кое стои пред матичар заедно со својот избраник, а едвај успева да издржи поради силните контракции. „12 часот венчавка, 15 часот пораѓај. Матичарката едвај се согласи да нè венча“ – стои во описот на видео.
„Носете ја веднаш во болница“ – се слуша како вели матичарката откако ќе им честита на младенците.
Откако видеата станаа вирални, Вања сподели детали за овој специјален ден. Нејзин термин за пораѓање бил 21 јули, а венчавката ја закажале за 10 јули и не очекувале дека бебето ќе дојде на свет токму тогаш.
„Не планиравме венчавка, не ни беше тоа толку важно. Си мислев, каде сега да се мажам, бремена и со толкав стомак. Но, мојот драг свекор, чичко Боле, ми рече: ‚Ајде венчајте се‘. И си помислив – зошто да не“ - раскажа таа.
Вања имала само два дена да се подготви за регистрацијата, а само што завршила со дотерувањето тој ден, седнала во автомобилот и ѝ пукнал водењакот.
Иако ја советувале да оди веднаш во болница, Вања одлучила да не го менува планот. „Не се дотерував за џабе“ – вели таа.
Од Општината, таа отишла во болница и по само три часа, се роди нејзиното синче Бошко.