• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Важно е децата да растат гледајќи дека нивната мајка ги следи своите соништа“: Симона Поповска за музиката, медицината и семејството

5 април 2026, 17:10
  • cподели
Симона Поповска

Уметноста успешно да се навигира во две сосема различни професионални сфери наложува силна амбиција, но пред сè огромна посветеност и дисциплина, а Симона Поповска го владее тој баланс. За јавноста, таа е гласот кој со синглот „Небитен“ ја потврди релевантноста во музичкиот етер, додека за пациентите во болницата „8 Септември“ е грижлива и фокусирана докторка која ја гради својата кариера во дерматологијата.

Сепак, нејзината најкомплексна и најдрага „специјализација“ се случува дома, кога ќе се соблече белиот мантил и Симона е мајка, сопруга, жена... Откако во 2018 година ја круниса својата љубов со сопругот Крис, нејзиниот свет доби нова димензија и смисла преку синовите Никола и Стефан, кои се нејзиниот мир, нејзиниот хаос и нејзината најголема инспирација.

Симона за Фемина открива како се краде време за музика меѓу дежурства, за вината што ја чувствува секоја вработена мајка и за моќта на семејството кое е нејзиниот најсилен ветар во грбот. Нејзиниот „типичен“ ден е исполнет со многу кафе, незапирлива амбициозност и љубов која е единствениот вистински лек за сè.

Симона Поповска со семејството
Симона, ти успешно балансираш меѓу музиката и медицината. Кога ќе се погледнеш денес, која од тие две професии повеќе те дефинира како личност?

Музиката и медицината се две страни од мојата личност

Тешко ми е да ги одвојам, затоа што и двете се дел од мене. Медицината е мојата професија и огромна одговорност, таа ме научи на дисциплина, посветеност и емпатија кон луѓето. Од друга страна, музиката е мојот начин на изразување, нешто што го носам во себе уште од многу мала. Искрено, не чувствувам дека едната ме дефинира повеќе од другата, тие едноставно се две страни од мојата личност.

Во моментов специјализираш дерматологија во Градската општа болница „8 Септември“. Колку е предизвикувачки да се биде специјализант и активна пејачка во исто време?

Многу е предизвикувачки, затоа што специјализацијата бара многу време, учење и присутност во болница. Но, исто така музиката бара посветеност, снимања, настапи и работа во студио. Реално, понекогаш денот е многу долг, но кога нешто навистина го сакаш, наоѓаш начин да го вклопиш. За мене е важно и двете да ги работам сериозно, без компромис во квалитетот.

Симона Поповска
Како изгледа еден твој типичен ден кога треба да одговориш и на обврските во болница и на студиските ангажмани? Дали постои тајна формула за добра организација?

Тајната формула нема... само дисциплина, организација и многу кафе 😊

Обично денот ми започнува многу рано со обврските во болница. Таму сум фокусирана на работата со пациенти и на учењето, затоа што специјализацијата е период кога навистина треба многу да се вложува. Попладне или навечер се посветувам на музиката во студио, снимања или подготовка за нови проекти. Нема некоја тајна формула, освен добра организација и дисциплина. И, секако, многу кафе. :)

Дали пациентите те препознаваат како пејачка? Си добила ли некогаш интересен или неочекуван коментар во ординација поврзан со музиката?

Во ординација сум пред сè лекар и се трудам фокусот да биде на пациентот

Да, се случува пациентите да ме препознаат, особено после телевизиско гостување. Понекогаш знае да биде симпатична ситуација, доаѓаат за дерматолошки преглед, а разговорот накратко се префрла и на музика. Но, во ординација секогаш сум пред сè лекар и се трудам фокусот да биде на пациентот и на проблемот со кој дошол.

Мајчинството е огромна животна улога. Како раѓањето на твоите синови те промени како жена и како уметник?

Со мајчинството станав посвесна за тоа што е навистина важно

Мајчинството те менува на начин што тешко може да се објасни додека не го доживееш. Кога ги добив моите синови, некако природно се сменија приоритетите, но истовремено добив и една нова сила. Како жена станав многу потрпелива и посвесна за тоа што е навистина важно. А како уметник, мислам дека мајчинството ми донесе и поголема емоционална длабочина, почнуваш поинаку да ги доживуваш работите и тоа неминовно се чувствува и во музиката.

Симона Поповска со децата
Симона Поповска со децата
Какви деца се твоите момчиња Никола и Стефан? Повеќе мирни и повлечени или темпераментни и креативни? Дали веќе покажуваат афинитет кон музика?

Секое дете има свој карактер и тоа веќе се гледа и кај нив. Имаат многу енергија, љубопитни се и сакаат да истражуваат. Дома често има музика, па нормално е и тие да реагираат на тоа, знаат да пеат, да играат, па дури и да „настапуваат“ на свој начин. Сè уште се мали, па не би сакала да им наметнувам нешто, но убаво е кога ќе видиш дека уживаат во музиката.

Каква мајка си ти? Строга и принципиелна или повеќе другар и поддршка?

Мислам дека сум некаде на средина. Сметам дека децата мора да имаат граници и правила, затоа што тоа им дава сигурност. Но, исто така, сакам да чувствуваат дека секогаш можат да разговараат со мене и дека сум тука како поддршка. Најважно ми е да растат во средина каде што ќе се чувствуваат сакани, но и ќе учат одговорност.

Симона Поповска со децата
Кој е најемотивниот момент што ти се случил како мајка, а кој засекогаш ти го сменил погледот кон животот?

Мислам дека самото раѓање на дете е момент што целосно го менува погледот кон животот. Во тој момент, сфаќаш дека постои нешто што е поважно од сè друго.

Дали некогаш чувствуваш вина што времето мора да го делиш меѓу кариерата и семејството и како се справуваш со тие внатрешни дилеми?

Важно е децата да растат гледајќи дека нивната мајка работи и ги следи своите соништа

Мислам дека секоја мајка која работи понекогаш го чувствува тоа. Но, се трудам да гледам на тоа и од друга перспектива – важно е децата да растат гледајќи пример дека нивната мајка работи, се труди и ги следи своите соништа. Меѓутоа после градинка скоро секогаш сум заедно со нив и се трудам тоа време да биде квалитетно поминато.

Колку поддршката од партнерот и семејството ти е клучна за да можеш паралелно да градиш медицинска и музичка кариера?

Поддршката од семејството е навистина клучна. Кога имаш повеќе улоги, многу е важно да имаш луѓе околу себе кои веруваат во тебе и ти даваат стабилност.

Симона Поповска
Симона Поповска
Музиката лечи душа, медицината лекува тело – дали некогаш си почувствувала дека овие две професии се надополнуваат повеќе отколку што изгледа на прв поглед?

Апсолутно и двете се поврзани со луѓето и нивните емоции. Во медицината се трудиш да му помогнеш на човекот физички, а музиката има моќ да допре до емоциите и да му даде утеха или сила. Затоа мислам дека тие две професии не се спротивности, туку на некој начин се надополнуваат.

Кој момент досега ти бил најголем предизвик: првиот настап пред публика, првата ноќ со бебе без сон или првиот ден како доктор на пракса?

Секој од тие моменти носи свој вид одговорност и емоција. Првиот настап пред публика е голем адреналин, првиот ден како доктор носи чувство на огромна одговорност, а првата ноќ со бебе без сон те учи на една нова форма на љубов и грижа. Можеби токму комбинацијата од сите тие искуства те гради како личност и ти дава перспектива.

Симона Поповска
Симона Поповска со децата
Кога ќе се погледнеш по пет или десет години, како ја замислуваш Симона – повеќе на сцена, во ординација, или конечно во баланс кој ќе ти носи личен мир?

Се надевам дека ќе биде баланс. Медицината е професија на која сум многу посветена и во која се гледам на долг рок, но музиката е дел од мене кој не можам да го одделам. Би сакала и понатаму да работам како лекар, но и да продолжам да создавам музика и да настапувам. Најважно ми е сето тоа да биде во рамнотежа со семејството и со личниот мир.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Симона Поповска

Најнови

  • Симона Поповска

    „Важно е децата да растат гледајќи дека нивната мајка ги следи своите соништа“: Симона Поповска за музиката, медицината и семејството

    Sun, 04/05/2026 - 17:10
  • EDS

    До 40% пониски сметки и вреден подарок: ЕДС со понуда што носи реална заштеда за бизнисите

    Sat, 04/04/2026 - 16:52
  • Мал херој, голема победа: 8-годишно момче го победи ракот и со танц прослави пред да заѕвони на победничкото ѕвонче

    Fri, 04/03/2026 - 21:00
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.