„Вака се сака Македонија“: Стотици Македонци пловат на Охридското езеро и пеат староградски песни
Охридското Езеро пулсираше во ритамот на македонската традиција и љубов кон песната. По повод Петровден, се одржа седмото издание на традиционалната староградска пловидба „Ој љубов, љубов“, која годинава привлече рекорден број од над 1.300 посетители.
Езерото беше преплавено од стотици граѓани кои со бротчиња, кајчиња, кајаци и СУП даски создадоа импресивна и невообичаена сцена и заедно со легендарните ВИС „Билјана“ ги пееја најубавите староградски песни.
„Лихнида кајче веслаше“, „Бисер Балкански“ и „Шеќерна“ беа меѓу многуте песни кои одекнаа во Охрид, благодарение на организацијата на Културолошката иницијатива „5 до 12“.“
„Ова го нема никаде во светот. Македонија е единствена“, „Има ли поубаво? Без микрофони, без светла, без техника: само чиста љубов и грло за песна со љубов и од душа испеана, браво“ и „Ако не ти доаѓаат морници по телото кога гледаш и слушаш нешто најубаво од нашата Македонија, тогаш не си Македонец. Браво наши Охриѓани“ – се дел од коментарите на социјалните мрежи.