„Успеавме со пакетче да стигнеме до буквално секое дете“: Ивица од Велес за хуманитарната акција „Дедо Мраз на мотор“
Деновиве, кога празничната магија често се сведува на украси и формалности, постојат луѓе што ѝ даваат вистинска смисла – преку дела, искрена човечност и личен пример.
Ивица Пренџов е еден од нив. Сопруг, родител, мото-ентузијаст и претседател на мото-клубот „Носачи на Крстот“ од Велес, но и неуморен хуманитарец кој со години гради традиции што оставаат длабока трага во заедницата.
Неговата приказна, раскажана за Фемина, е сведоштво дека хуманоста не бара гласни пароли, туку отворено срце и искрена намера.
Ивица за себе зборува едноставно, без големи зборови: „Јас сум сопруг и родител, човек што верува во семејството како темел на сè“. Професионално работи како референт за транспорт, а приватно е голем вљубеник во моторите и мото-културата. Токму таа љубов го довела и до позицијата претседател на мото клубот „Носачи на Крстот“ од Велес, клуб кој денес е препознатлив не само по моторите, туку и по хуманоста.
Една од најпрепознатливите иницијативи со кои Ивица и клубот се поврзуваат е „Дедо Мраз на мотор“. Приказната започнува уште во 2008 година, но со текот на времето, добива длабоко лична димензија.
„Моја ќерка имаше голем страв од Дедо Мраз и од целата еуфорија што го следи. Наместо да го избегнуваме тоа, решив јас лично да се преправам и да возам како Дедо Мраз, за полека да ѝ помогнам да го надмине стравот“, раскажува Ивица.
Денес, приказната има среќен пресврт. „Таа ја дели мојата љубов кон моторите и сега со нетрпение чека да го види Дедо Мраз на мотор.“
Она што започнало како семејна идеја, прераснало во традиција на мото-клубот „Носачи на Крстот“, со краток прекин само за време на пандемијата.
Успеавме буквално до секое дете да стигнеме со пакетче
„Искрено, не е тешко да се реализира кога вистинските луѓе го прават тоа од срце“, вели тој. Годинава, како и претходните, резултатите биле импресивни: „Успеавме буквално до секое дете да стигнеме со пакетче.“
Мото Дедо Мразите влегле во сите градинки, делеле пакетчиња на бината во Младинскиот парк, го посетиле детското одделение во болницата, ресурсните центри и децата со различни попречености.
„Со моторите се движевме низ улиците и дававме пакетче на секое дете што ќе го сретневме“, додава.
Покрај тоа, реализирале и донација за болницата, помогнале на три социјално загрозени семејства и донирале значителна сума за дете на кое му била потребна операција, иако не е од Велес.
Ивица јасно потенцира дека зад сето тоа не стои сам. „Зад мене стои еден исклучителен клуб од добри момци и силна соработка со општината“, вели со благодарност.
Кога станува збор за вербата во Дедо Мраз, неговиот одговор е повеќе од симболичен:
„Да, верувам во Дедо Мраз. Во свет каде што возрасни луѓе сè уште веруваат во чаеви за слабеење, вербата во нешто што носи радост и надеж навистина не треба да биде чудна.“ Секоја година, вели, си посакува желба – „лична и насочена кон тоа да бидам подобар човек отколку што сум бил вчера“.
На прашањето на што е најгорд во изминатата година, Ивица искрено признава дека му е тешко да издвои само едно нешто. Особено ги издвојува крводарителските акции:
„Само со две акции во 2025 година успеавме да донираме над 365 единици крв – бројка што зборува сама за себе.“
Горд е и на хуманитарните активности, каде што заедно готват, собираат средства и ги насочуваат таму каде што се најпотребни. Но, најмногу, вели, е горд на своето семејство.
„Горд сум на себе си, на моето семејство и посебно на мојата ќерка, затоа што токму тие се мојата најголема поддршка, мотивација и причина зошто сè што правам да има смисла.“
За животното мото нема звучна реченица. „Се водам по тоа делата да зборуваат наместо зборовите“, кратко порачува.
А неговата новогодишна порака е едноставна, но силна:
„Да бидеме похумани, со чиста мисла и силна волја. Да не заборавиме дека најголемата промена почнува од нас самите.“
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk