„Тука сме, видете нè, слушнете нè, сакајте нè“: Бојана Скендеровски со моќна песна и спот со дечињата од домот „11 Октомври“
Бојана Скендеровски испраќа силна порака дека секое дете заслужува да биде видено и слушнато со песната „Тука сме“, која им ја посвети на децата од ЈУ Детски дом „11 Октомври“ – Скопје по повод 80-годишниот јубилеј на установата.
Како нивен амбасадор на хуманоста, македонската пејачка ја прифати оваа улога со особена емоција и одговорност, но и со желба преку музиката да ја пренесе пораката на децата и да потсети дека секое од нив има своја приказна, соништа, надежи и потреба да биде слушнато.
Кога ми се даде довербата да бидам нечиј глас, за тие кои можеби понекогаш се невидливи, чинам срцето ќе ми излезеше од градите🥹
Ние сакаме да Ви раскажеме кои сме, и само сакаме да чуете дека сме тука…❤️🩹
Храбрите борци водат тивки битки, и победуваат!
Ви ја подаруваме 'ТУКА СМЕ'“ ❤️🩹– стои во пораката на Бојана на Instagram.
Музиката, аранжманот, како и миксот и мастерингот се на Димитар Андоновски, додека текстот го потпишува Тина Иванова. Во реализацијата учествуваа и децата од Детскиот дом „11 Октомври“, како и децата од НВО Дневен центар „Доза среќа“, а посебна топлина на песната ѝ даде и детскиот хор „Ѕвончиња“ од Битола.
„Среќна сум што ја имам можноста да бидам дел од една ваква приказна и што можам да придонесам да се слушне гласот на овие прекрасни деца. Со нив се дружам со огромно задоволство и секоја средба ме потсетува колку многу можеме да научиме од нивната искреност, храброст и насмевки. Не сакам да зборуваме за нив како за деца на кои нешто им недостига, туку да ги запознаеме како личности со свои соништа, таленти и желби. Тие имаат што да ни кажат, а наше е да застанеме, да ги слушнеме и да им покажеме дека не се сами. За мене, оваа песна е многу повеќе од музички проект, таа е порака дека храбрите, искрени борци водат тивки битки и победуваат“ – рече Бојана.