Трансродовата пејачка Фифи по хормонската терапија и губитокот на гласот објави спот со AI
Фифи Јаневска ја објави новата песна, насловена „Free“.
Македонската трансродова пејачка, која повеќе од една деценија живее во Шведска, на социјалните мрежи го сподели своето најново музичко остварување кое летово го сними во студио во Скопје со Андријана Јаневска.
Фифи откри дека видеозаписот е направен со вештачка интелигенција.
Животот ќе те научи на многу лекции. Некои луѓе ќе те предадат, тешкотиите ќе те обликуваат, лажните пријателства ќе ти ги отворат очите, а можеби токму непознати луѓе ќе ти помогнат да заздравиш. Сето тоа е дел од патувањето.
Најважната лекција? Остани верен/верна на себе. Никогаш не се менувај и не се намалувај себеси само за да се вклопиш во нечиј туѓ свет. Никогаш не губи се себеси барајќи прифаќање, љубов или разбирање.
Избери се себеси. Заштити го својот дух. Следи го своето срце.
Секогаш биди #СЛОБОДЕН/СЛОБОДНА. ❤️“ - напиша македонската музичарка која сега настапува со името Џиа.
Во јануари годинава, Фифи откри дека претрпела неправда, која ѝ одзела дел од талентот за пеење.
Мојата бескрајна љубов кон музиката, мојата страст, сè што знам... Мојот глас, мојата гордост, мојата најголема сила... Сето тоа ми беше одземено пред две години од хирург во Стокхолм, кој пред операцијата за намалување на гркланот ми вети дека на никаков начин нема да влијае врз мојот глас. Се покажа дека тоа било лага.
Една година подоцна, кога повторно се сретнавме за да разговараме за проблемите со мојот глас, таа ме информираше дека дури тогаш, преку истражувања, откриле дека операцијата всушност може да влијае врз гласот.
И еве нè денес. Ќе се борам за она што неправедно ми беше одземено, како сето тоа да било само шега. Вежбам и се надевам дека повторно ќе ја вратам целосната моќ и опсег на мојот глас. Сепак, се збогував со високите „свиркачки“ тонови.
Јас сум борец, отсекогаш сум била! 🙏 Затоа, оваа ситуација само ме направи посилна и поиздржлива! - откри на социјалните мрежи и сподели видео од нејзините почетоци.
Фифи стекна популарност пред повеќе од 10 години како Филип Јаневски во музичкото шоу „Икс Фактор Адриа“, во кое ја покажа автентичноста со својот уникатен стил со многу модни додатоци и високи потпетици.
Во земјава наиде на неприфаќање поради нејзината определба, па замина да живее во Стокхолм. Таму Фифи направи неколку хируршки интервенции кои ѝ помогнаа да го добие посакуваниот изглед како трансродово лице, а примаше и хормонска терапија. Сега продолжува да се занимава со музика и настапува низ клубови во Скандинавија.