Топлотен бран: Како да се заштитите и како да реагирате ако ви се слоши или некој е во бессознание?
Поради екстремно високите температури, Институтот за јавно здравје апелира до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од топлотен стрес, со посебен акцент на грижата за ранливите групи како повозрасните лица, децата, бремените жени и хронично болните.
За да го зачувате вашето здравје и да спречите сериозни последици како топлотен удар или дехидратација, од клучно значење е да избегнувате директно изложување на сонце во периодот од 11:00 до 17:00 часот, да престојувате во разладени простории, да носите лесна облека и континуирано да пиете вода.
Како влијае топлото време на нашето здравје и што треба да направиме?
Кога амбиентниот воздух се приближува или ја надминува нормалната телесна температура од отприлика 36,7°С способноста на човековото тело да се лади слабее. Дополнително, кога релативната влажност на амбиенталниот воздух е висока, потта е уште потешко да испари и следствено и ладењето на телото се отежнува.
Кога телото станува премногу жешко или има проблеми да ја балансира температурата, тоа може да доведе до чувство на слабост, сува уста, вртоглавица, гадење, прекумерно потење, сува кожа, грчеви. При влошување на т.н. „сончаница“ може да се појават и следните симптоми и знаци престанок на потење, екстремно топла кожа, конфузија (зашеметеност), забрзана срцева фреквенција, отежнато дишење, несвестица и сѐ до смртен исход.
Ранливи групи:
- Лица над 60 години, бремени жени, деца, социјално ранливи, работници на отворено.
- Лица со хронични заболувања како што се: кардиоваскуларни болести, белодробни и бубрежни болести, шеќерна болест, ментални болести, дебелина и лица под терапија која го зголемува мокрењето (диуретици, некои лекови за епилепсија, Паркинсонова болест итн.).