• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Тешко ми е, но јас сум херој и морам да успеам“: Храбриот борец Роман во количка опкружен од соучениците – слика која топи срца

14 мај 2026, 20:35
  • cподели

Храбриот Роман Лескароски денеска по тешка операција се врати во своето училиште „Јахја Кемал“ во Струга, каде беше пречекан со насмевки и прегратки од своите соученици. Дечињата со радост ја туркаа неговата инвалидска количка низ ходниците, не се делеа од него и му влеаја силна надеж, а потоа и заедно ја направија завршната слика за оваа учебна година.

По сите немили настани кои деновиве ги слушаме за врсничко насилство, нивната фотографија е вистински зрак светлина дека емпатијата и вистинското другарство сè уште постојат и дека децата се најмилите суштества на светот ако се воспитуваат на вистинскиот начин.

Роман Лескаровски
Роман Лескароски

„Пред да влезам во училиште имав разни мисли – ‘како ќе реагираат кога ќе влезам во количка’. Но, кога влегов и кога ги видов сите наставнички како се радуваат и ме гушкаат, кога ги здогледав другарите и другарките, бев и среќен и тажен... Мама и тато ми кажаа дека ова денес треба да ми е инспирација што побрзо да станам од количка. Тешко ми е, но јас сум херој и морам да успеам“ – изјави за Фемина 11-годишниот Роман.

Смелото дете е петто одделение и учи со деца од различни вери и националности, кои покажуваат дека душата, емпатијата и меѓусебната љубов немаат граници и треба да се пример за секој.

Неговата посветена наставничка Ана Џајкоска со возбуда ни сподели:

„Роман - синоним за насмевка, храброст и сила кој нè учи дека вистинската вредност на човекот е во срцето. Денес почувствував уште поголема љубов, почит и благодарност што имам можност да бидам дел од неговото секојдневие. Срцето ми е полно кога ги гледам моите ученици како растат во добри, хумани и внимателни личности. Денес не видов само деца, туку големи срца исполнети со љубов, почит и другарство. Горда сум на секој еден од нив“.

Роман Лескароски

За ова неуморно и позитивно дете лекарите тврдат дека едноставно е медицински феномен, кој и покрај сите дијагнози (тумор на хипофиза, дијабетес, епилепсија, инсипиден дијабетес и проблеми со нозете како последица на форма на церебрална парализа), не запира со својата вера и енергија да ги изненадува.

Моментално е во инвалидска количка, затоа што помина низ тешка операција на едната нога и ќе треба одново да учи да оди.

Роман Лескароски

Неговата мајка Ивана, низ силни емоции ни раскажа:

„Една од дијагнозите се испостави дека е церебрална парализа, но посебен вид, кој му ги напаѓа десната нога и левата рака. Роман со психичкиот развој е многу напредно дете со голема меморија и голема желба за учење, обожава јазици и сѐ тоа го отежнуваше процесот за дијагностицирање. Зошто кога ќе се спомене церабрална парализа, асоцира на повеќе пречки во развојот, а кај Роман тоа не е случај и дефинитивно ѝ пркоси на медицината.

Останатите дијагнози се јасни и се дел од нашето секојдневие. Оваа операција ја изведе професор Попков од Русија и првпат во животот се соочив со помислата дали Роман ќе се разбуди после операција. Имав милион прашања кои сама си ги одговарав. Во врска со анестезијата, си помислував позитивно влијание може да има во случај ако добие епилептичен напад, зошто знам дека кога си под целосна анестезија се смируваат нападите... Од друга страна, што ако падне во хипо или влезе во хипер гликемија, што ако инсипидниот дијабет тргне наопаку... што ако аденомот (туморот) во хипофиза се искомплицира зошто тој сѐ уште не ни е отстранет.

Со сѐ ова се борев со себе, но пред да влезе во сала, силно верував во него и сигурна бев дека Бог е со него, затоа што некој толку да го сака животот, а во исто време да се бори со истиот, немам сретнато“.

Ивана Лескароски со сопругот и малиот Роман

Роман летово го очекува рехабилитација во болница во Србија.

„Ни следува долг процес и од јуни заминуваме повторно во Србија, каде ќе посетуваме клиника за роботика за што поскоро да застане на нозе“ – споделува Ивана.

Грижливата мајка е категорична дека најпрво нејзиниот сопруг Дејан, а потоа и мајка ѝ, другарките и сите блиски околу неа ѝ биле огромна физичка поддршка за да ги издржи последните два месеци, за кои вели дела биле пеколни.

„Психичката поддршка, како и секогаш, ја имаме во изобилие, навистина премногу. Љубов има околу нас и секој ден добиваме пораки од луѓе кои не ни ги знаеме. Роман е цел така љубовен и не може човек да не го сака“ – додава Ивана, која посочува дека училиштето „Јахја Кемал“ и целиот тим со директорот, наставничката и децата одиграле главна улога во закрепнувањето на нејзиниот син.

„Наша единствена молитва е Роман шесто одделение да го започне одејќи сам на нозе“ – гласи единствената желба на семејството Лескароски.

„Сепак е само дете кое има и тешки денови и мисли. Помислата дека никогаш нема да го наследи тато и дека нема да е фудбалер е како најголем удар за него... пливањето му е тоа кое му ја трга таа мисла, па секој ден кажува како еден ден ќе биде добар тренер или спортски коментатор, бидејќи е експерт за фудбалски статистики, трансфери и што уште не, информации од пред 50 години па до денес... и тоа го прави секој ден. Но, она што ние го научивме и што ни е како водич во цела оваа битка е тоа да не гледа никогаш на кој му е поубаво и е здрав, туку да е среќен и благодарен за тоа што имаме опција да се лекуваме, зошто некој цел живот ќе биде во кревет, а некој пак ја губи битката и умира.

Тој има можност да се бори и лекува и нема да се откажеме до последен здив. Ова секој ден го повторуваме заедно со него и кога се присутни тие тешки и лоши денови, ова го води. Премногу работиме со него како родители, имаме помош од неговиот духовен отец и исто така, кога и да посака, го носиме да разговара со психолог“ – вели за крај Ивана, која во претходно интервју за Фемина, ја раскажа нејзината тешка животна приказна за губењето на двете тукушто родени бебиња.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Роман Лескароски
Ивана Лескароски

Најнови

  • Роман Лескароски

    „Тешко ми е, но јас сум херој и морам да успеам“: Храбриот борец Роман во количка опкружен од соучениците – слика која топи срца

    Thu, 05/14/2026 - 20:35
  • Обука на Матрона и dm

    dm и „Матрона“ организираат бесплатен едукативен и интерактивен настан за идни родители во Битола

    Thu, 05/14/2026 - 15:06
  • Ријана си ги истетовира „чкртаниците“ на децата, коментарите не стивнуваат: „Изгледа како варикозни вени“

    Thu, 05/14/2026 - 14:14
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.