• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Тешките времиња не се казна, туку се дел од патот“: Инспиративната Ангела Дончева отворено за борбата со леукемијата

4 март 2026, 13:20
  • cподели
Ангела Дончева

Ангела Дончева од Струмица пред осум години ја извојува најтешката животна битка – ја победи леукемијата. Во период кога требало да живее безгрижно, да сонува, да открива и да искусува нови нешта, нејзиниот живот ненадејно запрел. Наместо слобода и планови, следувале болнички ѕидови, врзаност за кревет и дијагноза што не нудела јасни одговори, ниту сигурни прогнози.

Една година по дознавањето за болеста, тогаш 22-годишната Ангела поминала низ трансплантација во Фленсбург, а во меѓувреме и низ бројни хемотерапии кои силно го исцрпиле нејзиното тело. Во најтешкиот период ослабела цели 20 килограми и тежела само 40, бројка која сега ја спомнува како потсетник за својата сила.

По речиси 300 дена поминати во кревет во период од две години исцрпувачка борба, Ангела конечно го слушнала зборот „победник“. Денес, таа има 60 килограми и ништо не зема здраво за готово. Животот го живее со длабока благодарност, со свесна грижа за своето тело и со јасна желба да биде поддршка за сите кои поминуваат низ слична борба.

Токму од таа потреба да помогне, оваа 30-годишна девојка која сега живее во Скопје, станува мат пилатес инструктор, а воедно е и една од основачите на брендот за спортска опрема HUMN. За најтешката борба во својот живот, за лекциите кои засекогаш ја промениле и за новата смисла што денес ја живее, Дончева во искрен разговор за Фемина.

Ангела Дончева
Ангела Дончева
Како и кога дозна за дијагнозата и што прво ти помина низ глава?

Сето тоа започна со болки на одредени делови, мускули во телото. Болки што не се издржуваа и стануваа поинтензивни од ден за ден. Ни повеќе, ни помалку, една недела пред да летам за Америка на „Work & Travel“ и тоа на денот на роденденот на сестра ми - 19 Мај, одлучивме да направиме уште една крвна слика, зборувам повторно, бидејќи правев целосен преглед четири недели пред тоа и сè беше во ред. Откако излезе крвната слика, првично не ми споделија за што точно станува збор, за каква дијагноза, само дека треба да одиме во Скопје во болница, а после една недела ми соопштија дека имам леукемија.

Но, првата помисла кога ми соопштија дека треба да го одложам летот и дека ќе се пролонгира тоа патување, не го сфаќав тоа сериозно, заплакав и им реков на моите: „Морам да одам за Америка, сакам да ја видам Америка и сакам да работам, па макар тоа да се пролонгира за еден месец”, бидејќи морам да признам од мала сум воркохоличар. Но, не ја знаев деталната дијагноза и моментот дека тоа лекување трае некогаш и со години.

Како изгледаа првите денови по дознавањето и прифаќањето на дијагнозата „леукемија“?

Имаше плачење. Имаше тишина. Имаше милион прашања без одговор

Првите денови беа како во магла. Телото беше тука, ама умот не можеше да стигне што се случува.

Имаше плачење. Имаше тишина. Имаше милион прашања без одговор. Физички слабост, а ментално – шок, во четири ѕида. Почнав да истражувам што е тоа, многу тежок збор за мене беше „леукемија”. Почнав да читам луѓе што се борат по форуми, по социјални медиуми… главата ми беше вртелешка.

„Ангела, остави форуми, посвети се на себе, на твоето лекување и не размислувај за ништо друго” – дојде еден ден во соба и ми рече мајка ми. Ми требаше неколку дена да го прифатам тоа и си реков „Океј, со некоја причина ми се случува сето тоа, ајде да ја вратам Ангела при себе, и да започне борбата”.

Ангела Дончева
Како се одвиваше лекувањето? Што беше најтешкиот дел од борбата со леукемијата и каде ја наоѓаше силата да продолжиш?

Најтешко беше чувството на губење контрола над сопственото тело

Лекувањето се одвиваше дел во Скопје на хематологија, дел во Германија, каде што се преселивме таму со мајка ми, татко ми и сестра ми на седум месеци. Тоа беше долго и исцрпувачко. Имаше денови кога единствена цел беше да го издржам денот. А најтешко беше чувството на губење контрола над сопственото тело, чувството дека во најубавите години ти си затворен во четири ѕида, секој ден ти е мачен, се молиш да го поминеш без компликации и секој ден се соочуваш со некоја нова нус појава…

Силата – Бог пред сѐ, фамилијата и сите оние што беа околу мене тој период.

Ангела Дончева
Колку важна беше поддршката од семејството, пријателите и медицинскиот тим во процесот на лекување?

Уфф… тоа е нешто без кое не можам да го замислам сето тоа патување… стварно не можам, тоа е ужасна слика, што без ниту еден од сите што се најдоа на тој пат, не можам да го замислам тој процес.

Ангела Дончева
Како го доживеа моментот кога почна да паѓа косата и колку тоа влијаеше врз чувството на женственост и самодоверба? Дали отсекогаш имаше кратка фризура, која денеска изгледа како да е твој заштитен знак?

Со време сфатив - женственоста не е во косата

Кога почна да паѓа косата, тоа беше реалност што не можеш да ја скриеш. Искрено, јас сум голем авантурист, сакам да експериментирам, и од една страна ми беше и забавно, пробував сѐ што не можев да го спречам, да го направам да ми биде забавно. Да, влијаеше на самодовербата. И килажата и тоа како изгледаш на почеток ми влијаеше многу. Се погледнуваш во огледало и не се препознаваш, но со време сфатив - женственоста не е во косата. Почнав да си се допаѓам и да размислувам дека и кога ќе заврши сето тоа, ќе си останам со кратка коса, бидејќи беше нешто различно, несекојдневно. Тоа секогаш ме води во животот, различното, несекојдневното, а тој заштитен знак е потсетник дека сум поминала низ нешто големо и сум останала јас.

Ангела Дончева
Ангела Дончева
Ангела Дончева
Како изгледаше моментот кога ти соопштија дека си „cancer free“ и што почувствува во тие секунди?

Е тоа не можам да го доловам со зборови. Но, ќе пробам. Тоа е како да излегуваш од длабока вода после долго нуркање. Цело време си задржувал здив, а не си ни свесен колку. И одеднаш, вдишуваш. Само стоиш… и дишеш. Се чувствуваш слободно, како да си носел многу тежок куфер на грб и некој ти го симнува од грбот…

Ангела Дончева
Од каде ја црпеше позитивната енергија во најтешките денови?

Во деновите кога ми беше страв и тешко, почнав да бегам во иднината

Не бев секогаш позитивна. И тоа е важно да се каже. Не можеш да бидеш светло секој ден кога минуваш низ темнина. Имаше денови кога ми беше многу страв, кога ми беше многу тешко, кога бев лута, кога бев тивка. Но, во тие денови почнав да бегам во иднината. Почнав да си замислувам како ќе изгледа мојот живот кога ќе заврши сето ова. Што ќе правам. Каде ќе патувам. Како ќе се смеам без страв. Како ќе трчам, ќе се движам, ќе го чувствувам телото повторно мое. Таму, во тие тивки соништа, почна да се раѓа нова верзија од мене. Почнав да сонувам не само дека ќе оздравам, туку дека ќе создадам нешто свое. Простор, енергија, движење… нов живот. Умот цело време размислуваше позитивно и градеше некоја замислена иднина и тоа ме држеше најмногу од сѐ.

Која е Ангела денес, што најмногу се промени во тебе по ова искуство?

Денес сум жена што знае колку вреди еден обичен ден

Ангела денес е жена што знае колку вреди еден обичен ден. Не e совршена. Не e секогаш силна. И денес имам лоши денови. Имам денови кога сум уморна, кога сум уморна од своите мисли. Но, разликата е што денес не бегам од тие денови, правам сѐ за да ги прифатам.

Во еден дел од мене сум постара од годините. Животот ме научи предвреме што значи страв, неизвесност и борба. Но, во друг дел сум помлада од кога било, се чувствувам како дете на моменти.

А можам да кажам и дека од тоа искуство се роди и „HUMN“, првиот македонски дизајниран бренд за спортска и секојдневна облека за жени. Бренд роден од длабока желба да мотивира и да ја поддржи секоја жена, без оглед на нејзината животна приказна. Тоа е потсетник дека човечкото во нас е најголемата сила. Дека сме повеќе од дијагноза, повеќе од лузна, повеќе од стравови.

Оваа година имам визија да создадам „Wellness Studio“ - место каде секое движење ќе биде благодарност. Каде луѓето ќе можат да се вратат на себе, исто како што јас се вратив преку движењето и физичката активност.

Ангела Дончева
Ангела Дончева
Ангела Дончева
Што те научи болеста за животот, приоритетите и сопствената сила?

Секој од нас добива толку тежина колку што може да издржи - и малку повеќе, за да порасне

Секој од нас добива толку тежина колку што може да издржи - и малку повеќе, за да порасне. Границите што мислиме дека ги имаме, не се вистинските граници. Болеста ме научи дека смислата на животот не е да бидеш непобедлив. Туку да продолжиш да сакаш, да создаваш и да веруваш, дури и кога ти е тешко. И можеби тоа е мојата најголема победа.

Колку здравиот начин на живот денес е дел од твоето секојдневие и што за тебе значи „живеам здраво“?

Здравиот живот за мене не е тренд, туку благодарност кон телото што преживеа сè. По хемотерапијата, моето тело и имунитет се сосема поинакви од луѓето што не поминале низ тоа, па внимавам на секој ден: витамини, суплементи и оброци подготвувани дома, со внимание кон нутриентите и кон тоа што телото навистина му треба. Тоа не е само рутина - тоа е начин да останам силна, присутна и благодарна за секој момент.

Движењето е дел од мојата секојдневна дисциплина. Тренинзите не ги гледам како обврска, туку како начин да му кажам исто „благодарам“ на телото. Особено „cycling“ и пилатес тренинзите, тие ми носат вистинска радост, енергија и чувство на слобода. Во тие моменти, не размислувам на минатото, туку само на тоа колку сум жива.

И секогаш сум отворена за разговори со сите што минуваат низ исто тоа. За оние што треба некој да ги слушне, за оние што сакаат да се поврзат со некој кој поминал низ слично или едноставно да знаат дека не се сами. Дури и едноставен разговор може да биде светлина во најтешките денови.

Ангела Дончева
Ангела Дончева
Ангела Дончева
Што би им порачала на луѓето кои токму сега се соочуваат со тешка дијагноза?

Дозволете си да се исплашите, тоа е човечки

Дозволете си да се исплашите, тоа е човечки. Не морате да минувате сами низ тој трнлив пат.

Побарајте некој што ќе ве слушне, некој што ве разбира, или некој кој поминал низ слично.

Стојте на нозе, со чисто срце и чисти мисли и продолжете да верувате дека дури и најтешките денови ќе поминат.

А ако некогаш ви треба простор да споделите, да ве слушнат или само да знаете дека не сте сами – јас сум тука.

И запомнете: тешките времиња не се казна, туку се дел од патот.

Ангела Дончева

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Ангела Дончева
леукемија

Најнови

  • „Горе конечно си дете. Таму мама ќе те бакнува, без солзи, без страв, без темнина…“: Трогателна песна за малата Катја и Ивана

    Wed, 03/04/2026 - 14:17
  • Vape

    Различни пристапи во борбата против пушењето: додека други охрабруваат алтернативи, кај нас се воведуваат забрани

    Wed, 03/04/2026 - 13:52
  • Ангела Дончева

    „Тешките времиња не се казна, туку се дел од патот“: Инспиративната Ангела Дончева отворено за борбата со леукемијата

    Wed, 03/04/2026 - 13:20
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.