Таткото на Надица, која загина во „Пулс“, скршен од болка на нејзиниот 18-ти роденден: „Верувам дека нè гледаш од небото“
Надица Наунова вчера требаше да го прослави својот 18-ти роденден, но за жал, нејзиниот живот прерано згасна во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Нејзиниот татко Александар со трогателна порака го одбележа денот кога Надица требаше да стане полнолетна и да зачекори во светот на возрасните.
Среќен 18-ти роденден, љубов моја…
Денес требаше да славиме со смеа, со свеќички и со соништа за иднината. Наместо тоа, ти го честитам твојот прв небесен роденден – со солзи, со тишина и со љубов што никогаш нема да згасне.
Ти засекогаш ќе останеш моето дете, мојата гордост, мојата најголема болка и најсветла светлина. Иако не си до мене физички, те чувствувам во секој здив, во секоја солза, во секое чукање на срцето.
Верувам дека денес ангелите ти пеат, а ти нè гледаш од небото со твојата насмевка.
Тато те сака бескрајно. Родендените ќе болат, но љубовта кон тебе ќе живее вечно. Среќен небесен роденден, мое ангелче.

Животите на Александар, неговата сопруга Габриела и малата ќерка Ангела се тотално поразлични по загубата на Надица. Тие се дел од секој „Марш за ангелите“, барајќи правда за сите згаснати млади животи.
Во саботата, на 35-тиот „Марш за ангелите“, Александар низ солзи одржа трогателен говор:
Утре, 28 декември, го славиме твојот небесен роденден, ќерко моја. На 8 Март, мојата ќерка Надица ѝ го подари последниот подарок на својата мајка. Мал гест, но исполнет со љубов, таква каква што само едно дете знае да даде. Во тој момент не знаевме дека тоа ќе биде нејзиното последно дарување, нејзин последен знак на внимание, нејзино последно „Те сакам“ преточено во дело.
Во тој миг бевме среќни. Седнавме тогаш да ручаме, сите заедно, како вистинско семејство. Разговаравме, се смеевме, си ги гледавме лицата со радост и надеж. Зборувавме за нашиот најсреќен ден 28 декември, денот кога мојата прва рожба, мојата прва радост требаше да наполни 18 години. Зборувавме за музиката што таа ќе ја избере, за диџејот што ќе ја крене салата на нозе, за фустанот што ќе го носи, за тоа што толку ќе биде убава и горда. Зборувавме за гости, за пријатели од Србија, за смеа, за торта, за тоа што ќе биде голема колку нејзините соништа. Тоа не беа само планови туку тоа беше живот што го очекувавме.
Но, на 16 март сè згасна, во еден миг светлината се претвори во мрак. Нашиот дом се исполни со тишина што боли повеќе од секој крик. Ја изгубивме нашата Надица...
Од тој ден јас не живеам како порано, јас опстојувам – рече меѓу другото Александар кој додаде дека живее за денот кога правдата ќе биде задоволена.
![]()
