Таткото на Меган Маркл уапсен за детска порнографија, пронајдени експлицитни фотографии на кои е со девојчиња
Томас Маркл, таткото на Меган Маркл, е уапсен од ФБИ на Флорида и обвинет за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Според британскиот медиум Daily Mail, апсењето следувало откако во магацински простории кои ги изнајмувал во Лос Анџелес биле пронајдени спорни материјали, меѓу кои и сексуално експлицитни фотографии на кои тој е со малолетни девојчиња.
„ФБИ и нашите партнери го уапсија Томас Маркл Постариот откако истрага на ФБИ откри дека поседувал материјали со сексуална злоупотреба на деца. Според наводите, господинот Маркл таргетирал невини деца, сакајќи да им ја одземе невиноста со своите криминални дејства. Во соработка со нашите партнери од Министерството за правда, нашите агенти брзо дејствуваа, ги идентификуваа и пронајдоа експлицитните материјали и го уапсија господинот Маркл на Флорида“ – изјавил директорот на ФБИ, Кеш Пател.
82-годишниот поранешен холивудски директор на осветлување бил приведен утрово во домот за стари лица „Маравида“ во Лејкленд. Daily Mail објави фотографии од моментот кога агентите го изнесуваат со лисици, во инвалидска количка и го префрлаат во амбулантно возило. Маркл користи инвалидска количка по ампутацијата на ногата на Филипините минатата година.
Според извештајот, на новинарско прашање дали е педофил, Маркл одговорил „Не“, а не одговорил на прашањето дали некогаш собирал материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Апсењето доаѓа неколку дена откако Daily Mail го известил ФБИ за сомнителни материјали во магацински простор во Росарито, Мексико, во близина на поранешниот дом на Маркл. Во просторот имало околу 20 кутии. Покрај семејни фотографии, писма и лични спомени, медиумот тврди дека биле пронајдени фотографии и списанија со содржини за кои постои сомнение дека прикажуваат сексуална злоупотреба на деца. Имало и фотографски негативи, видеокасети, стари компјутери и хард-дискови.
Паралелна истрага се води и на Филипините, каде Маркл претходно живеел со својот син, Томас Маркл Помладиот.
Синот тврдеше дека во кутии во нивниот поранешен дом во Себу пронашол стотици, можеби и илјадници фотографии со сексуална злоупотреба на деца, по што ги известил надлежните органи.
Истражителите во Себу потврдиле дека на дигитални уреди биле пронајдени експлицитни содржини со малолетни лица од двата пола.
Томас Маркл ги отфрли обвинувањата на својот син, нарекувајќи ги лаги. Во претходна изјава за Daily Mail, тој признал дека плаќал за сексуални услуги на Филипините, но тврдел дека никогаш немал сексуален однос со лице помладо од 18 години и негирал дека поседува материјали со сексуална злоупотреба на деца.
По објавувањето на првичните обвинувања во октомври, Меган Маркл изрази длабока вознемиреност и порача дека нејзините мисли се со децата кои можеби биле повредени.
Војвотката од Сасекс сподели дека пред повеќе години ѝ било покажано писмо испратено до лондонската полиција, кое содржело вознемирувачки обвинувања против нејзиниот татко. Според неа, добила уверување дека случајот се истражува.
Се надевам дека сега ќе се разбере дека, и покрај искривувањата во одредени медиумски објави низ годините, причината за моето оддалечување од татко ми и за мојата одлука да не му дозволам контакт со нашите деца беше само една: да ги заштитам.
Имав доверба дека надлежните органи го прават истото и за другите семејства.
Иако обемот на она коешто сега излезе на виделина е повознемирувачки отколку што некој би можел да замисли, мојата најискрена надеж е дека правдата ќе биде целосно задоволена и дека приоритет ќе останат безбедноста и заштитата на невините деца“ – стои во изјавата на Меган.
Британскиот таблоид „The Sun“ објави дека писмото за кое зборува Меган го напишала поранешната сопруга на Томас, Розлин Лавлес. Во него се тврдело дека во една прилика го соочила со обвинување за сексуална злоупотреба на деца, кое тој го негирал, но притоа наводно ѝ дал вознемирувачко објаснување за своите чести патувања во Азија.
„Го прашав Томас за обвинувањето. Тој го негираше, но изјави дека патува на Филипините и во Тајланд бидејќи таму е легално да се има сексуален однос со 12-годишни деца“, напишала Розлин во писмото, според „The Sun“.