Талентираната Ивана наслика прекрасна илустрација која ги пречекува патниците на охридскиот аеродром
Препознатливата охридска куќа, бели лебеди и галеби, прекрасната црква Св. Јован Канео, златната маска од Требеништа... се само дел од убавините на живописно нацртаната илустрација која ги пречекува патниците на реконструираниот аеродром „Св.Апостол Павле“ во Охрид.
Девојката која стои зад извондредната уметност е Ивана Горичан Иванишевиќ. Како дипломиран графичар, но и долгогодишен тату-артист, на Охриѓанката ѝ биле потребни само седум дена за едно вакво ремек-дело.
За Фемина, таа изјави:
„Илустрацијата за реконструираниот Охридски аеродром беше нарачка, но начинот на кој дојде до мене е особено интересен. Покрај тетовирањето, го водам и Tiger Print Club – мал авторски проект со кој го донесов концептот на бавната пошта, односно snail mail, за првпат кај нас. Секој месец обработувам различна тема преку илустрации, разгледници и други хартиени производи.
Целиот концепт е инспириран од едно малку побавно и поаналогно време. Луѓето се претплаќаат на Tiger Print Club, а потоа еднаш месечно добиваат тематско писмо директно на својата домашна адреса, со илустрации и хартиени изненадувања. Идејата е да се врати она мало задоволство на добивањето вистинско писмо на врата, да се одвои време за нешто физичко и лично, наместо сè да се случува дигитално и веднаш.
По повод шест месеци од неговото постоење, темата за јули беше Охрид. Изданието го посветив на градот, преку неговата историја, култура и некои помалку познати приказни. Една од претплатничките, Софија, која работеше на проектот за аеродромот, го виде изданието и токму така ми ја понуди работата.“
За Ивана, Охрид крие многу убавини и приказни кои секогаш вреди повторно да се откриваат.
„Самиот Охрид е една непресушна инспирација. Иако сум родена таму, сè уште откривам нови места и детали. Сакав илустрацијата на аеродромот да го пренесе токму тоа чувство – патниците уште при пристигнувањето да почувствуваат дека дошле на посебно место и да добијат малку од атмосферата што ги очекува.
При изборот на деталите ми беше важно да прикажам што повеќе препознатливи елементи на Охрид, но истовремено илустрацијата да остане складна и ненатрупана. Во трите панели се појавуваат охридската куќа, чуновите и рибарите, стариот дел на градот, булките како еден од карактеристичните детали на охридскиот пејзаж, како и златната маска од Требеништа. Тука се и познатата фотографија на жена која белее платно, охридскиот лебед, галебите, езерото, Галичица и Охридската Пастрмка.
Посебно ми беше важно да го вклучам и традиционалниот охридски вез – конкретно мотив од охридска кошула. Третиот панел го заокружува Св. Јован Канео, еден од најпрепознатливите охридски пејзажи, заедно со езерото, Галичица, делови од градот и тополите.
Секако, Охрид има уште безброј приказни и детали што би можеле да се најдат во илустрацијата, но сакав ова да биде само мал навестувач – нешто што ќе ја разбуди љубопитноста за сето она што ги очекува кога ќе излезат од аеродромот“ - дополни таа.
Ивана зборуваше и за предизвиците и за краткиот рок во кој ја финишираше илустрацијата.
„Рокот за изработка беше прилично краток, околу 15 дена, иако самата илустрација ја завршив за околу една недела. Немав некои поголеми потешкотии во самата изработка, бидејќи цртачкиот дел одамна не ми претставува предизвик, повеќе се задржав во одбирање на стилот.
Најголемиот предизвик беше изборот на вистинските елементи и начинот на кој ќе ги вклопам. Ова е илустрација која со години ќе стои на едно место кое го посетуваат илјадници луѓе, па ми беше особено важно секој елемент да биде автентичен и добро одбран.
Исто така, сакав стилот и вибрантните бои да создадат чувство на добредојде и радост. Илустрацијата требаше да биде блиска и разбирлива за сите што ќе ја видат и, на некој начин, уште на самиот почеток да им каже дека пристигнале на вистинското место за одмор“ - раскажа талентираната девојка.
За неа ова е многу повеќе од уште еден уметнички проект.
„Искрено, чувството е прекрасно и ми значи многу повеќе отколку што можам да објаснам со неколку зборови. Фактот дека нешто што сум го создала јас ќе биде првото нешто што ќе го видат луѓето кога ќе пристигнат во Охрид ми носи особена радост, но и одредена одговорност. Сакам тие илустрации да им создадат убаво чувство уште во првите моменти и да бидат еден мал дел од нивното сеќавање на Охрид.
А тоа што токму во мојот роден град имам можност да оставам свој белег преку она што го работам ми значи навистина многу. Како уметник, најубаво е кога она што го создаваш не останува само во твоето студио или на нечие тело, туку станува дел од просторот во кој живееш и од приказната на градот што го носиш со себе цел живот. Ова за мене е токму таков момент и сум многу благодарна што можев да му се оддолжам на Охрид на еден ваков начин“ - гордо вели авторката.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk