Тајзи за критичен момент од животот: „Мајка ми имаше тумор, татко ми беше во притвор. Сакав да си одам во странство, но Слаткар ме спречи“
Како гостин во подкастот на Лазаров, Тајзи отворено зборуваше за еден од најтешките периоди во неговиот живот, кога истовремено се соочувал со сериозна семејна ситуација и со голема неизвесност за сопствената иднина.
Во периодот кога ја подготвувал музиката која подоцна требало да биде дел од неговиот албум, на мајка му ѝ бил дијагностициран тумор на главата, додека татко му бил во притвор.
„Се соочувам со една друга животна ситуација, да не звучи малку патетично, мајка ми се разболува од тумор на главата, а татко ми во тој момент беше во притвор.
Јас бев многу разочаран од државава, многу разочаран од сè што се случува околу мене. Дали финансиски ќе можам да одговорам на целиот тој момент, а го имав спремено овој албум. Пред да отидам во Иноватива, јас имав од сите овие песни направено демо верзии. И сакав да заминам во странство. Седнувам со Марко на муабет и му го кажувам ова, дека сакам да си замина од државава, не да заминам засекогаш, туку да заминам од економски причини за да помогнам таму каде што треба да помогнам“ - раскажува Тајзи.
Слаткар го слушнал целиот албум, а Тајзи му ги отпеал песните една по една. Марко потоа му предложил да остане, да продолжи со музиката и заедно да градат кариера.
„И ги памтам зборовите на Марко и ден-денеска ‘Ти друже никаде нема да идеш’. Го слушаше албумот на тераса кај нив во куќа, му ги пеев сите песни. И тој ми кажа ‘Ти нигде нема да идеш, ќе правиш музика ќе бидеме тука кај што ќе бидеме и те молам да разговараме за договор и да потпишеме со Иноватива. Да градиме заедно кариери’“ - се присети тој.
За Тајзи, овој момент оставил трага врз неговиот живот и кариерата. Тој со благодарност зборува за поддршката која ја добил од Слаткар, особено во периодот кога сè уште се пробивал на музичката сцена.
„Не само на мене што ми помогнал, животот му даде затоа што беше многу несебичен, многу ретко кај нас да сретнеш луѓе коишто се несебични, кои ќе ти помогнат. Доаѓаше со мене кај секој продуцент да го убеди дека треба да ми прави песна. Голем удел во мојата кариера, би му кажал големо фала на Марко-Слаткар. Кој несебично ми даде дел од себе, не сакаше да се мери со ништо, туку сакаше сите да растеме“ – дополни македонскиот музичар.