„Тагував по Брајан 4 години пред да почине“: Сандра Булок за првпат проговори за загубата на љубовта на нејзиниот живот од ужасна болест
Сандра Булок првпат јавно проговори за тешкиот период низ кој поминувала додека нејзиниот долгогодишен партнер Брајан Рандал се борел со амиотрофична латерална склероза (АЛС), како и за болката со која се соочила по неговата смрт.
62-годишната оскаровка гостуваше во поткастот „SmartLess“, во кој откри зошто со години молчела за дијагнозата на човекот кого го нарекуваше „љубовта на својот живот“.
Рандал почина на 5 август 2023 година, на 57-годишна возраст, по мачна битка со АЛС. Неговата желба била болеста да остане далеку од очите на јавноста, а Булок ја почитувала до самиот крај.
„Тој ме замоли да не кажувам. Знам зошто ме замоли да не кажувам“ – рече таа.
Актерката призна дека одлуката да ја чува неговата здравствена состојба во тајност истовремено ја оставила многу осамена и изолирана во еден од најтешките периоди од нејзиниот живот:
„На почетокот си реков: ‘О, можам да се справам со тоа. Можам да молчам. Не сакам да им наштетам на другите. Па, мислам дека беше добро што извесно време не зборував’.“
Дијагнозата дошла во периодот кога светот се соочуваше со пандемијата, а Сандра истовремено се грижела за Рандал и за нејзините две деца – синот Луис и ќерката Лејла.
„Целиот свет беше затворен поради пандемија. Тоа буквално беше како конечна дијагноза, иако тој беше болен во текот на половина од нашата врска. Дијагнозата дојде речиси истовремено со пандемијата. Кога започна пандемијата, а јас имам дете со тешка астма, ме фати паника. Имав две мали деца кои се обидуваа да се снајдат во сето тоа, особено едно мало девојче кое го гледаше како таткова фигура... Не смеев никому да кажам. Мојата сестра беше единствената која знаеше извесно време. Тоа е огромен товар“ – призна таа.
Подоцна, Булок сепак им се доверила на неколку блиски луѓе, меѓу кои и Џенифер Анистон и Аманда Анка, сопругата на Џејсон Бејтман.
Особено емотивен е моментот кога актерката призна дека процесот на тагување за Брајан за неа започнал многу пред неговата физичка смрт:
„Мислам дека, со оглед на тоа каде беше тој во своето патување, и физички и ментално, почнав да тагувам по Брајан четири години пред да почине. Нешто се промени... Мојот човек замина многу порано отколку што замина неговото тело. Мислам дека никогаш не се справив со тоа сè додека не почина, бидејќи едноставно постојано си на таа лента за трчање.“
Во периодот кога се грижела за него, Булок истовремено имала и професионални обврски и морала да промовира филм, иако зад насмевката на црвениот тепих се криела сосема поинаква реалност.
„Во исто време морав да промовирам филм и да зборувам за сè и сешто. Се видов себеси на црвениот тепих и си реков: само погледни ми го лицето. Изгледам како парче дрво.“
АЛС е ретка, прогресивна невродегенеративна болест која ги зафаќа нервните клетки во мозокот и 'рбетниот мозок и постепено доведува до губење на контролата врз мускулите. За болеста во моментов нема лек.
Сандра и Брајан се запознаа во 2015 година, кога тој беше ангажиран како фотограф на роденденската прослава на нејзиниот син Луис. Набрзо започнаа врска, а во октомври истата година првпат се појавија заедно во јавност.
Иако никогаш не стапија во брак, беа заедно осум години, а Рандал имаше важна родителска улога во животот на двете деца на актерката.
Во 2021 година, додека тој веќе тајно се борел со АЛС, Булок јавно го нарече „љубовта на мојот живот“.
По неговата смрт, семејството откри дека токму Брајан од самиот почеток одлучил неговата битка да остане приватна:
„Брајан уште на почетокот одлучи своето патување со АЛС да го задржи приватно, а оние од нас кои се грижеа за него направивме сè што можевме за да ја почитуваме неговата желба.
Неизмерно сме им благодарни на неуморните лекари кои заедно со нас се движеа низ непознатиот терен на оваа болест и на неверојатните медицински сестри кои станаа наши цимери, честопати жртвувајќи го времето со сопствените семејства за да бидат со нашето.“
Три години по неговата смрт, Булок за првпат дозволи јавноста да погледне зад тишината со која ја штитеше нивната најтешка животна битка.