• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Стравот кој го почувствував за животот на своето дете остави длабока трага“: Маја Андоновска Илијевски за мајчинството, актерството и стилот

22 јуни 2026, 08:30
  • cподели

Харизматична, талентирана и инспиративна... Маја Андоновска Илијевски е уметница која со фанатична посветеност му пристапува на секој проект, без разлика дали креира магија во театарот или го задвижува културниот пулс на Битола.

Зад нејзиниот беспрекорен професионален хабитус и препознатливиот гламур кој му дава светска димензија на црвениот тепих на „Браќа Манаки“, стои жена со челична волја. Нејзиното 20-годишно актерско творештво е далеку од едноставна интерпретација на туѓи текстови и претставува промислено соголување на сцената кое ја буди критичката мисла и константно ѝ пркоси на просечноста. Во годините кога раководеше со Центарот за култура, таа докажа дека уметноста може да изгради мостови кои дури и политиката не може да ги сруши, претворајќи го својот роден град во блескава точка на меѓународната културна мапа.

Сепак, вистинската сила на маркантната битолчанка извира од нејзината најинтимна приказна. Во разговорот за Фемина, Маја отворено споделува за стравот кој ја променил за време на најтешката животна битка за здравјето на нејзиниот син Николај, за неговите први музички успеси, за безрезервната поддршка од мајка ѝ, но и за моментите на апсолутна тишина покрај морето, каде што без шминка и гламур ја пронаоѓа својата најдобра верзија.

Маја, многумина ќе кажат дека првата асоцијација за вас е искрена и широка насмевка. Што ве радува најмногу моментално и од каде ја црпите позитивноста?

Сè што понекогаш гледаме здраво за готово мене ми е причина за радост

Благодарам на комплиментот и се радувам што навистина насмевката ми е заштитен знак. Ме радува животот, убавите мигови кои ги носи денот, ме радува син ми, секој миг поминат со семејството, ме радува професијата, ме радува кога имам време за себе, за вежбање, ме радува кога можам да отпатувам некаде, ме радува квалитетното време поминато со моите пријатели... буквално сè што на животот понекогаш гледаме здраво за готово мене ми е причина за радост. 

Актерската професија бара целосно емотивно соголување пред публиката. Дали некогаш ви се случило одредена улога приватно да ве промени или да ви отвори нови погледи кон животот? 

Кога подобро ќе размислам, се случило и улога да ме промени и работа со одреден режисер/ка, а понекогаш не само улогата или режисерот туку процесот е тој кој ќе ми го измести тлото под нозете. Мојата професија значи постојано истражување, гледање очи во очи со животот, отворен ум и уште поотворено срце... а кога си отворен си и ранлив и кревок, и учиш како да станеш цврст... Имам професија која дозволува константна брканица со себеси, во која само што ќе помислиш си се стигнал, имаш нов врв за искачување. 

Позната сте како уметничка душа со исклучително развиена емпатија. Како успеавте да ги балансирате овие особини со административните лавиринти, бројките и менаџирањето додека бевте на директорска позиција на Центарот за култура?

Не се трудев да балансирам, бев тоа што сум. Понекогаш имаше луѓе кои ја злоупотребуваа таа моја особина, но и луѓе кои бескрајно ја почитуваа. Претпоставувам дека тоа небалансирање и таа моја емпатија, и тоа како оставија свој печат во мојата работа како директор на Националната институција Центар за култура Битола. На лавиринтите и бројките, не им се исплашив во ниеден миг, само научив да ги менаџирам беспрекорно, а во секој проект да дадам своја душа. А и имав прекрасен тим професионалци на кои цврсто се потпирав шест и пол години и сум бескрајно благодарна за сè што сработивме заедно како тим.

По 6-годишен период на раководното столче, повторно целосно ѝ се вративте на првата љубов, т.е. на театарската сцена. Што најмногу ви недостигаше од актерството во тие години додека фокусот ви беше на менаџирањето?

Морам да признаам дека актерството не беше ставено на пауза, јас имав секоја година по една или две премиери. Можеби не бев активна како претходно, но не дозволив театарски да ставам пауза и враќањето да биде тешко без актерски континуитет. 

Приватно сте посветена мајка, која со гордост го поддржува синот Николај додека тој го трасира музичкиот пат. Насетувавте ли дека ќе биде склон кон уметноста од мало дете или ве изненади неговиот избор да заплива во музичките води?

Не сум изненадена од неговата желба за пеење. Прво ќе ја споменам генетиката дека во неговиот случај изиграла голема улога, генот за уметност го наследил и од мене и од брат ми. Николај пее од мало бебе, уште не знаеше да зборува како што треба, а ги пееше мелодиски сите детски песнички кои му ги пуштав да ги слуша.

Николај генот за уметност го наследил и од мене и од брат ми

Многу ја сака музиката, а и од многу мал го носев на сите концерти кои ги организирав како директорка на Центарот за Култура во кои уживаше и сè уште ужива. Кај нас дома се слуша музика и се пее секој ден. Неколку години пееше на детскиот фестивал Си До, пред две недели беше избран во финалистите на „Музичка фабрика“ и пееше на големиот концерт во Скопје. Оваа година Николај беше и дел од театарската претстава Пинокио, во која исто така се пее, но тоа беше и негова прва средба со театарскиот свет, кој можам да кажам дека многу го примами и му ја подари магијата од другата страна на завесата. 

Дали музиката или уметноста во иднина ќе бидат негов професионален избор не знам, бидејќи има само 11 години, но знам дека ќе бидат значаен дел од неговиот живот. 

Имате споделено дека Николај по раѓањето поминал низ сериозна животна битка. Колку тој период ве промени како жена и мајка и дали денес можете поотворено да зборувате за тие моменти?

Стравот кој го почувствував за животот на своето дете остави длабока трага во мојата душа

На 4 месеци Николај преживеа сепса, добиена од болничка бактерија после примена вакцина. Поминавме едно сериозно животно премрежје како семејство, кое остави длабока трага во нашиот живот. Месец дена лежење на клиника и борба за живот, а потоа уште неколку години редовни контроли...

Фала му на Бога, нашата приказна заврши добро и Николај е денес здраво и силно момче, но стравот кој го почувствував како млада мајка за животот на своето дете е нешто што остави длабока трага во мојата душа.

Некои животни ситуации знаат да го променат човек од корен и да му ја истестираат силата и вербата. Во родителството тоа се случува повеќе пати претпоставувам… 

Како би ја опишале вашата врска со Николај денес? Дали сте строги или пристапувате пријателски?

Нашата врска е силна и интензивна. Мајка и син, но и пријатели, еден баланс кој сега засега добро функционира. Во претпубертетските години, почнува да се буди бунтовникот во него и повеќе да ме доживува како мајка отколку како другарка, ама сите фази се природни, а јас, како и секој родител, се трудам да го усмерам да стане добар човек пред сè.

Што денес најмногу ве плаши како мајка и која е најважната животна лекција која сакате Николај да ја научи од вас? 

Ме плаши времето во кое расти, изместените вредности, онлајн реалноста...

Посакувам да остане свој, автентичен каков што и е, и да го слуша својот глас, посакувам да има свое мислење, свој став, и никогаш да не се слева во толпата затоа што тоа е во мода! 

Од мене сакам да научи дека со труд и упорност, може да се стигне до зацртаните цели, сакам да научи да не се откажува, да верува во себе, и сакам да создаде вистински и силни пријателства, искрено му посакувам да има пријатели како моите. 

Кој е вашиот најголем критичар, а која е личноста на чие рамо се потпирате кога товарот ќе стане претежок?

Мајка ми е мојот потпорен ѕид, мојот ветер во грб

Мајка ми. Отсекогаш и засекогаш! Сè што сум и сè што не сум ѝ го должам неа. Таа е мојот потпорен ѕид, а кога растев, беше мојот ветер во грб! Не ме штедела од критика, но од друга страна, кога и да сум паѓала, била тука да ме потсети која сум, што сум и колку можам. Благослов е да се има таков родител.

Дали постои мал ритуал без кој не ви започнува денот... утринско кафе, музика, тишина, разговор со најблиските?

Кафе и тоа турско без шеќер е моето добро утро кое најчесто ми го подготвува сопругот и ми подарува време за моја тишина и незборување, затоа што знае дека тоа ми е најпотребно после будењето. По кафето, следува туширање со музика и денот може да почне. 

Не сум утринска личност и ми треба време да влезам во денот... но, тој мал ритуал на будење трае кратко, после тоа сум како ураган...

Помеѓу актерството и личните обврски, како изгледа еден 24-часовен ден на Маја? Каде го наоѓате вентилот за ресетирање од секојдневниот стрес?

Благословена сум да работам професија каде можам да исфрлам на сцена сè што ми е вишок и го носам како товар во душата.

А кога не работам, теретаната е тој вентил, иако последниве месеци немам многу време за теретана. 

Мојот ден почнува во 9 наутро, а завршува во 3 (исто така наутро) следниот ден. Најчесто утрински сум на проба во театар, а кога немам проби сакам да испијам кафенце и да си се видам со пријателите. Попладнињата и вечерите се повторно резервирани за театар кога играм претстави или ги поминувам со моето семејство. Кога куќата се смирува и сите спијат, тоа е она време кое го користам за себе. И уживам во гледање серии, филмови, слушање музика, учење или повторување на текст. Но, надвор од секојдневието навистина многу сакам да патувам и запознавам нови култури и тоа е можеби една од работите која навистина сакам да ја правам сè почесто.

Од црвен тепих до прес-конференција или вечерна забава... Секогаш изгледате ултра елегантно со умерена гламурозна нота. Колку ви е важен визуелниот идентитет во секојдневието? 

Каде и да сум, се трудам да сум средена соодветно на приликата на која сум поканета

Можам да кажам дека од многу мала сакав да бидам дотерана и со средена коса, тоа некако ме следи ден-денес, а и велат тоа што го гледаш, тоа стануваш. Мајка ми е една средена убава дама и како мала, со уживање ја гледав како се шминка и дотерува за на работа. Како растев, тоа стана дел и од мојот личен ритуал и се трудам каде и да сум, да сум средена соодветно на приликата на која сум поканета. И верувајте уживам максимално кога го правам тоа. 

Вие сте меѓу дамите кои значително го подигнаа стилското ниво на црвениот тепих на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. Како течат подготовките за свеченоста и каков е фидбекот кој го добивате од публиката со оглед на тоа што немаме многу домашни манифестации од ваков тип?

Кога бев трета година студентка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, осамнав на насловна страница на тогашниот весник Вест како дотерана битолчанка која оди по црвениот килим на затворањето на Филмскиот Фестивал „Браќа Манаки“. Фотографот кој ја направил фотографијата нити ме знаел, нити ме познавал, а ме направи лице од насловна страна. Мислам дека од тој момент сфатив дека појавувањата на црвениот килим на филмскиот фестивал во Битола, не се ништо помалку значајни од црвените килими од кои било филмски фестивали во светот. 

И секако дека секоја година се трудам максимално да го испочитувам Фестивалот, а на свечените отворања и затворања да го оставам својот печат како актерка и уметник од Македонија, но и да поддржам македонски дизајнери и костимографи, по примерот на светските актерски имиња и големите брендови и креаторски дизајни кои ги носат на себе. 

Се трудам на свечените отворања и затворања на „Браќа Манаки“ да го оставам својот печат

Јас на црвениот килим сум носела најмногу креации на македонскиот креатор и костимограф Андреј Папаз, но исто така, низ годините сум ги поддржала и креаторката Марта Дојчиновска и нејзиниот бренд Лом, костимографот Благој Мицевски, креаторката Викторија Арсова, а и бев заштитно лице на Весна и Офелија од Ермитаж. 

Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ носи гости од цел свет во Битола, носи Оскаровци, холивудски и европски актери и режисери, директори на фотографија и големи имиња од светот на филмот. Сметам дека најмалку што можеме да направиме за овој фестивал, единствен ваков на Балканот, е да се претставиме достоинствено како домаќини. 

Но, црвениот килим е само една алка од приказната, освен убавите креации уште поважно за мене е да не си одиме и да не ја празниме салата по отворањето/затворањето и да го изгледаме филмот со кој се отвора или затвора фестивалот. Но... тоа е веќе друга тема, за која имам многу критика! 

Вашата родна Битола е позната по специфичниот чаршиски дух и културата на пиење кафе. Кое ви е омилено катче во градот каде што едноставно се исклучувате од светот и каде Маја е само ’Маја‘, а не јавната личност?

Во Битола може да ме видите секаде. Јас сум човек кој го има на Широк сокак, во чаршија, низ градскиот пазар, на концерт, на забава, секогаш меѓу луѓе, секогаш присутна ...

Но, местото каде бегам од сè, за да се сретнам со себе и сопствениот мир, да си го смирам пулсот кој скоро секогаш е во тахикардичен ритам, да си ги успорам мислите, да спијам без аларм... не е во Битола. 

Се наоѓа покрај море, на 2 и пол часа возење од Битола, а таму седнувам на плажа, читам книги и уживам во најмагичните зајдисонца кои секогаш од почеток ме воодушевуваат. Таму сум без исклучок Маја без шминка, со бушава коса извиткана од морската сол, без гламурозна гардероба, а со душа и насмевка кои светат како сонцето... 

Кога би можеле да ѝ испратите една порака на помладата верзија од себе, на онаа Маја која допрва би чекорела кон актерскиот свет, што би ѝ кажале?

Хм... она што им го кажувам на сите млади актери кои доаѓаат, а немаше кој да ми го каже мене. Тоа што е твое, ќе си го пронајде својот пат, а твое е да си дисциплинирана, да веруваш, да работиш, да не се откажуваш и да си отворен и кон пофалба и кон критика! 

А што би сакале да слушнете од идната Маја, односно што би сакале да постигнете на професионален и личен план во следните 5 години?

Моја желба е пред сè да сум здрава и жива и да продолжам да работам со иста љубов и желба, со иста возбуда и страст... Сега сум во најплодните години, со 20 години професионално искуство зад себе.

Сакам квалитетен театар, но сакам да ми се случи и филм

Веќе сум доволно зрела да знам што сакам, а што не сакам да работам во театар... И искрено си посакувам да работам повеќе претстави во кои нема да правам компромис со себеси, претстави кои нема да се додворуваат на публиката, сакам да работам на проекти во кои ќе создаваме критичка маса која еден ден ќе нè наследи во театар, но и надвор од него. Сакам квалитетен театар, но сакам да ми се случи и филм. 

Tags
Маја Андоновска Илијевски

Најнови

  • „На 5-6 години правам голема грешка. Наоѓам дома некакви пари и ги крадам...“: Слаткар откри како го доби својот прекар

    Mon, 06/22/2026 - 09:29
  • „Стравот кој го почувствував за животот на своето дете остави длабока трага“: Маја Андоновска Илијевски за мајчинството, актерството и стилот

    Mon, 06/22/2026 - 08:30
  • Young Dadi и Ема Камчевска

    Зајдисонца, море и љубов: Young Dadi со девојката Ема се забавува на одмор на Тасос

    Sun, 06/21/2026 - 23:35
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.