Маријана од Прилеп, единствена Македонка во хуманитарна експедиција на Хималаите: „Силата се разбуди кога помислив да се откажам“
Од Прилеп и семејните излети на Селечка Планина, преку Алпите и Андите, па сè до Хималаите... патот на Маријана Ѓорѓиевска е приказна за освојување врвови, но и за лични пресврти, истрајност и пронаоѓање на себеси во тишината на планината.
Иако по професија е дипломирана социјална работничка и магистер по економски науки, нејзината најголема љубов е планината, љубов која започнала уште во детството, а со текот на годините прераснала во сериозни високогорски искачувања. Во 2016 година го освоила својот прв врв над 3.000 метри на Алпите, а денес зад себе има и десетици врвови над 5.000 метри, три над 6.000 метри и искачување на Аконкагва, највисокиот врв во Јужна Америка, висок 6.962 метри.
Неодамнешната експедиција на Хималаите за едукантката по семејна и системска психотерапија, имала поинакво значење. Вторпат се нашла на оваа огромна планинска верига, но сега со цел поголема од личниот предизвик. Како единствена претставничка од Македонија, заедно со уште 23 учесници од различни земји, се искачувала во рамките на хуманитарната иницијатива „Kili4Kids“, преку која се собираат средства за образование на деца во Индија.
Од 300 метри надморска височина до 6.070 метри за само пет дена, тешки услови, висинска разлика, проблеми со храната и алергиска реакција, ова за Ѓорѓиевска било и физичка и, пред сè, лична борба. Во еден момент дури размислувала да се откаже, но токму тогаш во неа се разбудила сила која ја одвела до врвот и назад. А таму, меѓу облаците и височината, сфатила дека вистинскиот врв е можноста едно дете да добие образование и подобра иднина.
За Фемина, основачка и претседателка на здружението „Пелагона Прва“, раскажа за посебната врска со планината, како изгледа едно вакво искачување, што значи да се бориш со самата себе на повеќе од 6.000 метри и зошто понекогаш најважниот врв е оној кој не го освојуваш за себе.
Од каде започна вашата љубов кон планинарењето и искачувањето?
Планината најпрво ме привлече со својата убавина, а потоа ме задржа она што го буди во мене
Љубовта кон планината постои онолку долго колку што е и моето сеќавање. Живеевме во близина на Селечка Планина, па многу често со моето семејство одевме на излети. Исто така, со маалските другари знаевме да шетаме низ нејзините падини. Имаше едно место, кое и ден-денес постои – неколку измазнети карпи по кои се лизгавме. Местото е познато како „Лизгајци“ и се наоѓа под „Бела Чешма“. Тоа беа други времиња...
Така, љубовта кон природата и планината растеше низ годините, сè до 2016 година, кога го искачив првиот врв над 3.000 метри на Алпите. Тоа за мене беше како да се отвори една нова врата.
Или, со други зборови – планината најпрво ме привлече со својата убавина, а потоа ме задржа она што го буди во мене. Со текот на времето сфатив дека не одам таму само за да стигнам до некоја точка. Одам за да се сретнам со себе.
Се сеќавате ли на првото искачување кое ве освои?
Како што кажав погоре, сите мои сеќавања од детството се поврзани со планината – излетите со мојот покоен дедо, букетите кои ги правевме, потоците кои ги прескокнувавме, вкусот на ужината која ја носевме. Но, искрено, не можам да се сетам на некое конкретно искачување.
За разлика од тоа, многу добро го паметам моето прво високогорско искуство на Алпите – аклиматизациското искачување на Полукс во Италија и искачувањето на Мон Блан од француската страна. Сè уште го паметам чувството на восхит пред големината на планината и сознанието колку сме ние мали и немоќни во споредба со неа.
Кој е вашиот омилен врв во Македонија и зошто токму тој?
Не би можела лесно да издвојам само еден. Секој врв има своја приказна и секој ми дал нешто различно. Дури и кога одам на исто место во различен период од годината или во различен дел од денот, во себе носам различно чувство. Секое време поминато на планина е уникатно искуство.
Но, она што со сигурност можам да го кажам е дека македонските планини ми се омилени. Ако треба да го опишам чувството што го имам кон нив, тоа е припадноста. Овде ги препознаваш мирисот, каменот, шумата и ветрот. Ова се наши планини и секое искачување за мене носи одредена интимност.
Хималаите можат да те восхитат со својата големина, но македонската планина те пречекува како нешто свое.
Што ви дава планината и што ве тера повторно да ѝ се враќате?
Планината ми дава тишина во која можам да се слушнам себеси
Планината ми дава нешто што тешко го наоѓам на друго место – тишина во која можам да се слушнам себеси. Ме учи дека ништо не се постигнува веднаш. Сè оди чекор по чекор. Важно е само да не се откажеш. Од неа научив и дека не мора секогаш да бидеш најсилен. Понекогаш е доволно едноставно да продолжиш.
По вторпат се искачувавте на Хималаите, како помина експедицијата и по што најмногу ќе ја паметите? По што се разликува од првиот пат?
Mожеби нескромно ќе звучи, но можам да бидам горда на бројот на планински масиви кои ги имам поминато – досега на четири континенти, во 16 држави во Европа, со десетици искачени врвови над 5.000 метри, три над 6.000 метри, а еден на 6.962 метри – Аконкагва во Андите, највисокиот врв надвор од Азија.
И секое од тие искачувања имаат посебно чувство и нешто по што ќе ги паметам. Но, овој пат Хималаите ги доживеав сосема поинаку. Овој пат не тргнав само со лична цел. Со мене беа уште 23 луѓе од различни земји, обединети околу идејата преку искачувањето да обезбедиме средства за образование на деца во Индија. Бев единствената претставничка од Македонија и имав голема чест да стојам рамо до рамо со жени од различни делови на светот.
Експедицијата најмногу ќе ја паметам по луѓето и по жените
Експедицијата беше исклучително предизвикувачка, земајќи ја предвид големата висинска разлика која ја правевме секој ден, непочитувајќи го правилото „оди високо – спи ниско“. Од Делхи, на околу 300 мнв, за кратко време (со лет) стигнавме до Лех, на околу 3.500 метри, а потоа постепено се искачувавме до базниот камп и, конечно, до 6.070 метри. Сѐ тоа само за 5 дена.
Сепак, најмногу ќе ја паметам по луѓето и по жените. По тоа колку брзо непознати можат да станат тим кога ги поврзува заедничка цел.
Што беше најтешко: подготовките, физичкиот напор, надморската височина, условите или борбата со самата себе?
Борбата со самата себе.
Височината беше огромен предизвик. Преминот од 300 до повеќе од 6.000 метри за толку кратко време е сериозен шок за организмот. А, ако се земе предвид дека повеќе од 18 месеци немав никакви физички ни ментални подготовки, за мене тоа беше исклучителен предизвик.
Верувам дека поради тоа имав проблеми со храната, тешко го поднесов скокот од 300 на 3.500 метри, а потоа добив и алергиска реакција. Во еден момент сериозно размислував да се вратам. Но, потоа нешто се промени. Како што другите стануваа сè поизнемоштени, во мене почна да се буди некоја сила. Сила која ме одведе безбедно до врвот и назад.
Како изгледа подготовката за едно вакво големо искачување и колку жртви бара пред воопшто да тргнете на пат?
Конкретно за ова искачување воопшто не се подготвував. Мојот план беше да стигнам само до базниот камп на 5.200 метри. Но, Бог имал друг план за мене. Верувам дека годините на континуирана кондиција и правилниот пристап кон планината ми помогнаа телото да ми се „заблагодари“ на овој начин и безбедно да ми дозволи да го искачам врвот и да се симнам.
Генерално, искачувањето на високите планини е посебна филозофија. Основните правила се едноставни: континуирана физичка подготовка, добра кондиција, силна психа, верба во себе и во опремата, многу вода, бавно движење, добра исхрана и доволно одмор.
Жртвата која ја принесуваш зависи од тоа дали искачувањето го правиш заради лично задоволство или публицитет. За мене подготовките се задоволство. Не значи дека не бараат откажувања, но не ги доживувам како жртва.
Единствено би сакала да не морам да го жртвувам мојот годишен одмор. Би сакала да се промени односот кон планинарењето и индивидуалните спортови, за да имаат еднаков третман со другите спортски дисциплини. Една ваква експедиција понекогаш трае онолку денови колку што ми е целиот годишен одмор и навистина ми е тешко да ги менаџирам моите слободни денови за тренинг, експедиции или други работи како што е на пример одмор на море или посета на моето село.
И на крај, жртвата не ја поднесува само оној кој се искачува. Ја поднесуваат и луѓето околу него – семејството, родителите, пријателите и сите оние кои те поддржуваат, дури и во моментите кога самата се сомневаш.
Искачувањето на Хималаите имаше и хуманитарна цел – поддршка за децата во Индија. Како се роди идејата и што значеше за вас?
Планот е преку десет големи експедиции да се изградат десет училишта
Така е. За мене ова е најважниот дел од целата приказна. И да не дојдеше поканата да се приклучам на оваа интернационална иницијатива, можеби овој врв немаше воопшто да се случи.
„Kili4Kids“ е иницијатива поврзана со „Lions Club International“, чија цел е преку планинарски експедиции да се собираат средства за изградба на училишта за деца кои немаат еднаков пристап до образование. Планот е преку десет големи експедиции да се изградат десет училишта. Ова беше четвртата експедиција. Досега се изградени две училишта – во Кенија и Танзанија, а започната е и изградбата на училиштето во Непал.
Мене особено ме допре улогата на жените во оваа иницијатива. Тие се искачуваат, ги претставуваат своите земји и ја пренесуваат приказната понатаму. Тоа е многу повеќе од планинарење. Тоа е порака дека жената може истовремено да биде хуманитарец, лидер, спортист, планинар и носител на промена.
Ние се искачуваме на планината, но вистинскиот врв е детето што ќе седне во училишна клупа.
Што чувствувате во моментот кога конечно ќе го освоите врвот, по сите напори и тешки моменти?
Ова искачување го доживеав премногу емотивно. Навистина многу плачев
Многу често, кога ќе ми го постават ова прашање, навистина не знам што да одговорам. За мене, искачувањето до врвот и враќањето назад се еден вид процес на промена. Допирот со чистата енергија на планината може да ти го отвори срцето и да ти го разбистри умот на начин на кој малку што друго може. Од секое искачување се враќам како малку подобра и многу посмирена верзија од себе.
Конкретно, ова искачување го доживеав премногу емотивно. Навистина многу плачев. Бев трогната од силата која произлезе од мене, но и од причината поради која го правев сето тоа. И повторно ќе кажам – да не се работеше за хуманитарно искачување, не верувам дека во скоро време ќе се убедев да заминам на толку висока планина.
Како изгледа вашиот живот кога не сте на планина?
Во секојдневието, јас сум личност која сака мирни утра, добро кафе, книга, квалитетна музика, сакам дружење, искрени разговори, театар, кино, добра храна, чаша вино и спокој. Последниот период најчесто го поминав во Мариово, барајќи го моето мирно пристаниште по бурниот период кој го имав.
Маријана отсекогаш верувала дека човекот не треба само да поминува низ животот, туку и да остава нешто зад себе.
Кое е вашето животно мото, реченицата која ве турка напред и кога е најтешко?
Не мора да бидеш најсилниот човек за да направиш големи работи
Искрено, не би можела да издвојам една реченица. Секој од нас носи различна планина, а таа тежина секојдневно нè обликува. По ова патување би додала дека не мора да бидеш најсилниот човек за да направиш големи работи. Потребно е само да веруваш, да продолжиш и да знаеш зошто го правиш тоа. Кога имаш причина поголема од себе, добиваш сила за која не си знаел дека ја поседуваш. Ако од моето искачување остане нешто поголемо од фотографија на врвот, ако едно дете добие училиште, образование и подобра можност за иднината, тогаш навистина сум се искачила на најважниот врв.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk