Стојанче Јовановски денеска беше осуден на максимална казна затвор во траење од 12 години во врска со трагичната смрт на неговата сопруга Ивана и нивната мала ќерка Катја.
Тој беше прогласен за виновен за трите кривични дела за кои се товареше – телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство.
За првпат во нашата држава е изречена казна за наведување на самоубиство како кривично дело поради вршење семејно насилство.
За време на судењето беше утврдено дека Јовановски со години вршел физичко, психичко и економско насилство врз неговата сопруга Ивана, доведувајќи ја во состојба на длабок очај.
По континуираното физичко малтретирање (кое често се случувало и пред очите на детето), тешките психолошки навреди, понижувањата и финансиското искористување, Ивана одлучила да си го прекине животот и на 2 март скокнала од балкон заедно со 6-годишната ќерка.
Трагедијата поттикна многу дебати, особено за непостапувањето на надлежните за заштита на жртвите.