Стефанија Насеска освојуваше во Кина: Македонската дизајнерка го оживеа Стоби во Харбин и ни сподели детали
Со сигурен авторски печат и јасна креативна визија, Стефанија Насеска Попадинец одамна има специјално место на македонската модна сцена, а денес сè почесто освојува позиции и на светската. Дизајнерката од Прилеп не ги следи трендовите слепо, туку ги преведува низ сопствен јазик, длабоко вкоренет во македонската историја, култура и идентитет.
По огромниот успех на впечатливата колекција „Вечност (Eternity)“, инспирирана од златните маски од Требеништа, со која оствари ретка симбиоза меѓу археолошкото и авангардното, меѓу националното наследство и современата женска форма, Стефанија го продолжува својот јасен и доследен авторски пат.
Новата колекција, претставена на Модната недела во Харбин, е инспирирана од археолошкиот локалитет Стоби – од неговите мозаици, столбови, релјефи и тивки приказни врежани во каменот. Целата линија е изработена во бела боја, како директна асоцијација на мермерот, вечноста и чистотата на формата, со што дизајнерката намерно создава баланс меѓу сложените структури и современото, со минималистички сензибилитет.
Нејзиното претставување во Кина беше силно визуелно доживување со кое македонското наследство зазеде место на глобалната модна мапа. За Фемина, Насеска Попадинец раскажува за колекцијата што предизвика внимание далеку од дома, за инспирацијата што доаѓа од минатото, но зборува на јазикот на современата мода, како и за патот на една македонска дизајнерка која храбро и достоинствено ја носи својата приказна пред светот.
Вашата ревија на Модната недела во Харбин остави силен впечаток со автентичноста. Како би ја опишале колекцијата што ја претставивте и која е нејзината главна порака?
Точно така, голем дел од странската публика и модната фела своето внимание го насочи кон мојот настап на Модната недела во Харбин- Кина, иако на настанот учествуваа големи имиња од светската модна сцена и такви кои за клиенти ги имаат Бијонсе, Наоми Кембел, Блек Пинк… Конкуренцијата во Харбин е голема, но суетата на дизајнерите и да не постои таму.
Колекцијата е инспирирана од нашиот археолошки локалитет Стоби и од артефактите кои се пронајдени таму. Како дизајнер сметам дека конкурентни во морето од дизајнери би биле само ако на светот му ја покажеме нашата автентичност, а како би ја покажале ако не преку нашата историја, нашето минато и нашата култура. Моето творештво најчесто се базира на обиди за спој на минатото и сегашноста, со тековни светски модни трендови, но сепак со јак и автентичен дизајнерски печат. Единствената порака која сакам да ја испратам до нашата публика е што е можно повеќе да си го цениме нашето и да им покажам дека светската публика е подготвена за нашите уметници повеќе од кога било, и да видат колку многу нè ценат странците, па да почнеме што повеќе ние сами да се цениме и поддржуваме.
Колку време и какви подготовки беа потребни за создавањето на колекцијата, особено имајќи предвид дека се претставувате пред сосема нова публика и култура која е потполно поразлична од нашата?
Предизвикот беше огромен затоа што имав само еден месец за истражување и разработување на инспирацијата и нејзина реализација и токму поради краткиот временски период, останаа повеќе идеи нереализирани, особено оние кои бараат премногу рачна изработка. Но, тие идеи нема да останат само идеи и наскоро колекцијата ќе добие проширување. Истражувањата се состоеја од посета на музеи, посета на Стоби и анализа на целиот град, откривање на релјефи и мотиви кои може да послужат како инспирација. Темелни истражувања на интернет, „копање“ по стручна литература од дигиталните библиотеки, читање на објавени трудови од археолози и најважно од сè, е откажувањето од секаков социјален живот во периодот на изработка на колекцијата. И на крај, успеав во мојата невозможна мисија.
Да се успее дома е премногу лесно, бидејќи се знаеме со публиката, но да се успее во странство, пред публика која те гледа за прв пат, е вистинска мисија. Кина и нејзиното население знаат да препознаат квалитет и да ценат рачна работа и мислам дека тоа го видоа кај мене и ме наградија со многу внимание. Кинезите се премногу трудољубив народ и ценат кога го гледаат тоа и кај гостинот.
Инспирацијата е клучен дел од секоја модна приказна. Од каде тргна идејата за оваа колекција и како таа се развиваше до финалниот изглед на пистата?
Знаејќи дека ќе има учесници од цел свет, решив инспирација да барам во нешто што другите не би го имале и не би го направиле. Размислувајќи која конкретно тема да ја обработам, дојдов до идеја дека сакам да ги работам мозаиците на некој од нашите локалитети, затоа што за мене тие претставуваат посебно богатство и бесценета уметност. Така некако дојдоа мозаиците од крстилницата во Стоби и нивното значење за вечниот живот.
Идеја по идеја се развиваше парче по парче во колекцијата. Столбовите во јонски стил ги реализирав во стилизиран бел мантил, еден кратер од мермер со декоративни рачки беше реализиран во сако-фустан.
При истражувањето открив дека се пронајдени три глави кои според положбата на вратовите се претпоставува дека се реплика на античката скулптура „Трите грации“, па јас ја реализирав целата скулптура во 3Д фустан корсет. Статуата Херкуланката од Стоби ја преведов во тродимензионален корсет изработен во вајарски стил со специјална еко техника. Столбовите со пауни, како и мозаиците со пауни стилизирано беа преведени во 3Д рачно изработени апликации на парчиња гардероба изработени од еко кожа. Цела колекција беше изработена во бела боја за да ја смири комплексноста на моделите и да направи баланс и донесе модерен сензибилитет на колекцијата, а идејата за бело потекнува од белиот мермер на статуите.
За магијата да биде поголема се погрижи режисерот од Виетнам со кого соработував на настанот. Кога ја слушна мојата инспирација, веднаш доби идеја Стоби да го донесе во Харбин, па неговиот тим спреми визуелни ефекти и успеа да ја смести публиката од Харбин во ѕидините од Стоби. Подот од пистата го претворија во мозаикот од крстилницата и пауните оживеаја на самата писта. Светлосните ефекти само го дополнија ефектот, а музиката која за мене ја припреми Дамјан Божиноски ги понесе присутните на едно временско патување и уживање во целата ревија.
Какви реакции добивте од кинеската публика, модните критичари и професионалците по ревијата? Дали нешто ве изненади особено?
Не очекував таков прием и такви реакции, бидејќи сепак бев дизајнер кој таму настапува за прв пат, за разлика од другите колеги на кои веќе тоа им е и домашна сцена. Меѓутоа трудот ми беше награден, не само со насмевки, извици за браво и аплаузи, туку и со многубројни интервјуа и редици од луѓе кои ме чекаа надвор за да се фотографираат со мене.
Модниот настан во Харбин е можеби и најголемиот моден настан во Кина, со беспрекорна организација во позадина и гости од целиот свет. Често знаев да кажам модниот свет во мало собран на едно место. Токму овој настан е совршена прилика за вмрежување на луѓе од различни модни професии. Па, според реакцијата која ја предизвика мојата колекција, добив доста понуди за учество на повеќе модни недели низ Европа, меѓу кои Лондон, Париз, Милано, Словачка, Грузија...
Конекциите и познанствата остануваат и за понатаму бидејќи настаните од овие градови доаѓаат доста бргу, а јас ја оставив на подолг период својата колекција за промоција во Пекинг и да го освои остатокот од модниот пазар во Кина. Оваа сезона, според тајмингот, ќе видиме која модна недела ќе може да ја покриеме.
Харбин е специфичен град, со силен визуелен и културен идентитет. Каков впечаток ви остави градот и дали неговата енергија влијаеше врз вашето доживување на ревијата?
Харбин ми остана во срцето! Кога одев натаму не знаев што да очекувам, знаев дека ќе биде многу ладно, за што и психички се припремив и мислев ќе биде сè поразлично. Освен тоа што не можев да прочитам ништо и да разберам ништо, другото различно и не беше така различно како што очекував. Наидов на европска архитектура и некако се почувствував како дома.
Градот бил под руско влијание и архитектурата во центарот е буквално како да се шеташ во некоја европска метропола, руски ресторани, руски продавници, руски десерти и сладоледи, дури имаат и црква Св. Софија која буквално е изградена во руски стил и имате чувство дека се наоѓате на Црвениот плоштад во Москва. Пробав да прошетам максимално колку што ми дозволуваше слободното време и распоредот, а во моите намери не ме спречија ниту нормалните за таму ниски температури од -25°C. Едноставно уживав во гостопримството и во секој момент поминат во Харбин.
Како ја доживеавте кинеската култура, односот кон модата и професионализмот во организацијата на Модната недела?
Кинезите се народ кој почитува, па токму така ја доживеав и нивната култура, богата но со огромна почит кон соговорникот. Уште од првиот момент од стапнување на аеродромот во Харбин, го почувствував нивното гостопримство со пречекот кој ми го направија.
Во текот на целиот престој имав личен асистент, преведувач, личен шофер и обезбедување кои се грижеа ни влакно од главата да не ми фали, иако сметам дека немаше потреба од толку напори, бидејќи јас лично се чувствував многу безбедно во градот. Од самиот пречек знаеш дека станува збор за страшно добра организација во позадина и дека си дел од нешто големо.
Целиот град пулсираше во знакот на модната недела. Локацијата во која се одржуваше настанот беше стара напуштена фабрика која ја модернизирале и ја претвориле во Центар за модерна уметност и во луксузен шопинг мол. Тимот не можеше да се доброи, луѓе за логистика, луѓе за техника, осветлување, озвучување, визуелни ефекти, огромен број на професионални модели азиски и европски, бекстејџ со посебна просторија за секој дизајнер, шминкери, фризери, камермани, асистенти и што ли уште не. Организација која ги надминува сите мои досегашни посети во различни земји. А најмногу што забележав дека владее беше ред и дисциплина и запазување на тајмингот до последна секунда, како од организатори, така и од публика.
Што значи за вас, како македонска дизајнерка, да ја претставувате Македонија на ваква голема меѓународна сцена?
За ова ќе одговорам многу кратко - ова за мене е УСПЕХ.
По ова искуство во Кина, како гледате на вашиот понатамошен креативен и професионален пат? Дали ова отвора нови врати и соработки?
Се разбира дека отвора, чекор по чекор, полека, но сигурно се позиционирам на интернационалната модна сцена. Секој мора да почне од некаде, некои од нас побрзо се лансираат до врвовите, некои подоцна и со повеќе труд, но откажување никако нема. Со сите нови познанства што ги остварив, се надевам дека ме чека светла модна иднина, но не заборавам од каде доаѓам и секогаш ќе бидам доследна на мојата домашна публика, затоа што јас сум Стефанија Насеска -дизајнерка од Македонија, токму поради нив и нивната поддршка.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk