Живописната природа на Бистра, звукот на жуборењето на Радика, тишината и духовната убавина на едно од најзначајните светилишта во Македонија... Стефан Драгишевски избра безвременска сценографија во прегратките на манастирот „Св. Јован Бигорски“ за да ја побара раката на Ивона Стојановска.
Нивната љубов се родила во 2015 година, на првиот средношколски ден. Уште веднаш „си фрлиле око“ еден на друг, но тогаш ниту 26-годишниот кумановец, ниту неговата 26-годишна избраничка не знаеле дека пред нив е најубавата заедничка приказна.
Бевме само дел од истото друштво и истата школска средина. Се дружевме, се шегувавме, а јас дури и му ги „местев“ моите другарки и го задевав кога ќе побараше помош да си најде девојка. 🤣 А вистината била дека тој потајно сакал да биде со мене, додека јас несвесно ја играв улогата на негов „љубовен советник“.
Во февруари 2018 година конечно престанавме да се преправаме дека сме само другари. Така започна нашата љубовна приказна – приказна која денес трае 8 и пол години, а се познаваме повеќе од 10 години.
Заедно поминавме низ безброј убави моменти, но и низ тешки периоди, животни предизвици и искуства кои само уште повеќе нè зближија. Со текот на годините сфативме дека љубовта не е само во убавите денови, туку и во тоа да останеш покрај некого кога не е лесно – раскажува Ивона за Фемина.
Ивона знаела дека еден ден ќе дојде на ред и прашањето за брак. Со оглед на тоа што нејзиниот партнер многу добро ја познава, имала и свои претпоставки каде би можел да ја запроси.
За запросувањето очекував дека може да се случи во најразлични моменти. Познавајќи го него, можев да замислам илјада сценарија – на летен одмор, на некој убав видиковец, можеби покрај море… И токму затоа успеа целосно да ме изненади.
Прстенот со него патуваше од Македонија до Црна Гора, каде што бевме на летен одмор, а потоа продолжи со нас и во Босна, каде што одевме на рафтинг. Имал повеќе идеи како да го направи моментот посебен – дури размислувал да го стави прстенот во шише со вода за време на рафтингот, или да го направи тоа на некој од прекрасните видиковци со поглед на Бока Которска, бидејќи знае колку ги сакам – открива таа.
Но, на крајот Стефан се одлучил за место кое носи сосема поинаква симболика.
Ме запроси во манастирот „Св. Јован Бигорски“, на свето место, далеку од целата врева и секојдневие. Таму, во еден од најубавите моменти од нашето патување, го извади прстенот и ме праша дали ќе се омажам за него. Иако го очекував прашањето во некој момент, кога навистина се случи – бев целосно изненадена❤️ – искрена е идната невеста.
По романтичниот предлог за брак следувала и прослава, одржана на 29 август. Денот, сепак, започнал со доза неизвесност, бидејќи токму тогаш „летото“ решило да им приреди големо невреме.
Имаше стрес, нервоза и моменти кога се прашувавме дали воопшто ќе успее забавата. Но, како и во нашата врска и овој пат поминавме низ невремето заедно.❤️ Господ беше на наша страна, времето конечно се смири, а потоа вечерта се претвори во нешто кое никогаш нема да го заборавиме.
Имавме прекрасна атмосфера до самиот крај, смеа, музика, танцување и околу нас луѓе кои ни значат најмногу. Сите тие ја направија нашата вечер уште посебна и создадоа спомени кои ќе ги носиме цел живот.
А можеби токму тоа е најубавиот дел од целата приказна – што љубовта која започна меѓу две деца од средношколските клупи, денес ја славиме со луѓето кои нè сакаат и нè поддржуваат – вели Трајковска.
А сега верениците веќе кројат и план за свадба.
Свадбата ја планираме пред почетокот на велигденските пости, најверојатно во зима. Замислуваме вистинска зимска бајка – снег, светилки, бела атмосфера, романтика и чувство како да сме излезени од некоја приказна.
Од две деца кои уште првиот ден си фрлиле око, преку другарство, шеги, „местење“ девојки и повеќе од осум години љубов, стигнавме до едно прашање во „Св. Јован Бигорски“ и едно мало „Да“ кое ја отвори следната страница од нашиот живот. А приказната допрва започнува… – откриваат тие.
Даница Караташова Илиоска