„Оди бос. Помини под прскалките во паркот. Смеј се“: Видео со важна животна лекција кое ќе ве замисли
Не се потребни спектакуларни кадри за да се допре до нечие срце. Мерима Џелиловиќ го докажа тоа со своето видео, во кое преку топли семејни моменти и емотивна рецитација испрати потсетник дека животот не треба да се помине во чекање.
Популарната инфлуенсерка преку компилација од секојдневни мигови и поема нè поттикнува да живееме похрабро, поискрено и со повеќе љубов.
Се жениш пред триесеттата, затоа што така треба.
Имаш две деца, диплома, работа, сметки за струја.
Десет дена летување.
Можеби петнаесет.
Имаш здравствено осигурување, пензиско осигурување и сметки за греење.
Брзаш дома од канцеларија, а се откажа од сонот да одгледуваш пчели.
И од тоа често да се смееш.
Одиш во теретана, затоа што така треба.
Се возиш во колона.
Никогаш не претекнуваш.
Како да не умееш веќе да сакаш.
А би сакал.
Подоцна и тоа исчезнува.
Лажеш дека си добро.
Лажеш дека се смееш.
Пушиш скришум.
Ги пцуеш возачите.
Сметки, сметки, сметки.
Имаш премногу брчки.
Пееш, затоа што велат дека таквите луѓе се весели.
Имаш дваесет години повеќе.
Чекаш лифт.
Страшно си мирен кога ќе се расипе.
Чекаш ред.
Чекаш во банка.
Чекаш жена ти повторно да ти каже: „Те сакам“.
Чекаш повторно да ја засакаш.
Чекаш лето.
Чекаш да ги израснеш децата.
Чекаш да ја омажиш ќерката.
Чекаш да го ожениш синот.
Чекаш да се пензионираш.
Ја чекаш следната година.
Собуј се.
Оди бос.
Тогаш смееш да одиш и по трева.
Капи се додека се разденува.
Зборувај за работите кои ги сакаш.
Никогаш не превртувај палачинки со нож или со рака, само фрли ги во воздух.
Ќе се одлепат од таванот, не грижи се.
Научи да кршиш јајце со една рака.
Лулај се во три часот наутро.
Нарачај пет топки сладолед.
Насмевни се на предупредувањето „само за деца“.
Помини под прскалките во паркот!
Застани пред врата со сензор, плесни со рацете и преправај се дека се отворила по твоја команда.
Смеј се, многу смеј се.
И не покривај ја устата со рака затоа што имаш еден крив заб.
Само нека е здрав.
Повеќе болат кривите патишта во животот.
Прави мусака.
Организирај семеен турнир во карти.
Искисни.
Обој ја собата во жолто.
Пеј, ако така чувствуваш.
Плачи, ако така чувствуваш.
Купи шатор.
Најголемиот во продавницата.
И опрема за кампување.
Реди сложувалки.
Редовно јавувај им се на родителите, затоа што така сакаш.
Јави се и кога е предоцна.
Посоли ако не е доволно солено, освен ако имаш висок притисок, а тогаш само празно соларниче протреси над јадењето и ќе видиш дека ќе стане посолено само од себе.
Кажувај „ние“, наместо „јас“.
Гради во себе, а не околу себе.
Донеси ѝ семе за нане и оригано од службено патување.
Живеј.
Не дозволувај да дојдеш до крајот, па тогаш да се сетиш да живееш.
Биди малку... поразличен.
Што друго ти преостанува?