• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Спремете се за трчање по детето и уживајте во хаосот и ‘слатките маки’“: Нина Ангеловска за мајчинството и патувањето со синчето во Амстердам

8 декември 2025, 16:35
  • cподели

Нина Ангеловска, една од највлијателните жени во македонскиот бизнис сектор, одамна го трасира својот пат како еден од најсилните гласови во регионалната дигитална заедница. Низ годините успешно нанижа импресивни титули, а зад сите нив, стои жена која со максимална посветеност ја гради и најважната улога – мајчинската.

Со сопругот Виктор Станков, уролог кој моментално е на тренинг за роботска хирургија во Кина, го има синот Стефан, весел и љубопитен мини авантурист кој веќе открива колку е голем светот.

По посетата на Виктор во Кина, тандемот мајка-син претпразнично уживаше и во Амстердам. За Фемина, Ангеловска открива како навистина изгледа авионски лет со тодлер, што ја освои во празничниот град и сподели практични совети за сите родители кои планираат зимско патување со најмалите.

Нина Ангеловска со синот Стефан во Амстердам
Патувањето со мало дете секогаш носи и убавини и предизвици. Како ти помина овој лет до Амстердам со Стефан? Имаш ли некој „трик“ што ти помогна да биде полесно?

Најдобар „трик“ за да ви биде полесно при патувања – тргнете со ниски очекувања и многу флексибилност

Патување со тодлер е голем предизвик само по себе. Претходно имав искуство со долги летови до Кина, но тоа беше пред неколку месеци, а децата многу брзо се развиваат, напредуваат, менуваат. Па сега, иако мислев дека споредено со тие долги летови овој краток лет од 3 часа ќе биде далеку полесен, не испадна така. Стефан е сега тодлер кој не застанува, сака сè да види, да истражи и тешко е да се задржи на едно место.

Секој родител веројатно си има свои „трикови“ спрема своето дете што најмногу сака, што го анимира, што му одвлекува внимание кога треба.. Стефан на пример многу сака да игра со врвци, ленти, да отплеткува, па секогаш имам во чантатакви работи, покрај некои играчки кои знам дека ги сака. Друго, сака да му се зборува и раскажува нон-стоп, веројатно сите деца сакаат, па секогаш имам и книги во чантата за патување.

Исто носам со мене лепче или бисквита или некои бебешки смоки за да се занимава ако не сака друго. И секако, песнички пееме или пуштам од телефон да слушаме. Биби и Боби ги сака многу, Стела и Сани, Cocomelon и слично, а ако сè друго изгустираме и е кенкав, пуштам да гледаме видеа од него, многу сака да се гледа.

Веројатно најдобар „трик“ за да ви биде полесно би бил – тргнете со ниски очекувања и многу флексибилност. Јас сè уште го учам ова и се навикнувам дека планирање со дете на оваа возраст е скоро невозможна мисија. Планирање да, за да имам рамка, ама и флексибилност за да лесно може да се адаптира тој план, зависно од неговото расположение.

Инаку имаме распоред и за спиење и за јадење и вечерни ритуали за пред спиење, што му дава сигурност на детето, само што кога се патува, се прават отстапки, па тоа дополнително додава на „предизвикот“.

Амстердам во предбожиќен период има ненаметлива магија. Ти го посетуваш често, но секој декември е приказна за себе. Како ти изгледаше атмосферата овој пат, што те одушеви најмногу?

Празничноста во Амстердам се чувствува во детали, не во огромни декорации

Во Амстердам доаѓам често, бидејќи сестра ми и дечко ѝ живеат таму. Иако Амстердам можеби не е меѓу најпознатите европски градови за божиќна еуфорија, за мене има една специфична магија, затоа што покрај сестра ми некако веќе се чувствувам како локалец.

Светилките по уличките, малите кафулиња, каналите навечер… Иако градот е динамичен, празничноста се чувствува во детали, не во огромни декорации. И јас и сестра ми сме големи фанови на новогодишните и божиќните празници, имаме ритуали и традиции и многу го сакаме овој период, па мислам дека го носиме празничниот дух и енергија во себе каде и да сме.

 

Стефан е во онаа слатка фаза на откривање на светот – сè му е ново, интересно, чудесно. Кои моменти таму најмногу го израдуваа, што најсилно го привлече во таа празнична гужва и магија?

Стефан најмногу уживаше во „Vondelpark“. Ги бркаше гулабите, ги гледаше шатките во езерцата, точаците, сè му беше интересно и ново. На „Dam Square“ повторно му беа најинтересни гулабите кои ги има во изобилие.

Имаше и „средби“ со многу накитени елки низ градот, што беше идеална проба за тоа како ќе поминеме дома со нашата елка оваа година :). Сакаше да ги допре лампионите, беше многу љубопитен, но за среќа, не ги вадеше. Се надевам така ќе остане.

Шопингот не му беше омилена активност, па ние влегувавме во продавници кога спие, а кога беше буден, а надвор врнеше, одевме во продавници каде што има играчки, во тие продавници уживаше.

За многу родители патувањето со мало дете е микс од возбуда, логистика и хаос. Што би им порачала на оние кои размислуваат да го посетат Амстердам во овој период? Колку е напорно и колку вреди?

Се трудам сè повеќе и работам на себе да сум посмирена и да уживам во хаосот и „слатките маки“

Патувањето е напорно да, додека шетањето таму ако го следите неговото темпо, не е нешто поразлично од тука, секако зависи од динамиката што родителите ја имаат воспоставено и за кога се дома. Исто така, вреди, напорот се заборава брзо, кога ќе го видите тој зачуден, љубопитен поглед и гласни насмевки.

Ако треба да дадам некои препораки, тоа би било родителите да планираат удобен распоред, без преголем број активности. Да бидат флексибилни и да го следат темпото и расположението на детето, па спрема тоа да го модифицираат распоредот. Да се спремат психички и физички за „трчање“ по детето, особено ако патуваат со 1-2 годишен тодлер, чести се моментите кога трча во спротивна насока, се качува, се симнува по скали.

И на крај, да пробаат да уживаат во хаосот и во малите моменти. Знам дека е лесно да се каже, често го слушав тоа и кога беше мало бебе кое имаше грчеви и често плачеше и се чудев на почетокот на ваквите „совети“ како да се ужива во тие моменти, ама како што поминува време, се трудам сè повеќе и работам на себе да сум посмирена и навистина да пробам да уживам во хаосот и „слатките маки“, зошто навистина се слатки.

Амстердам е град каде што и само прошетка низ кварт, со кафе во рака и детето кое се смее на трамвајот, може да биде совршен ден.

За нас, неделата таму беше комбинација на семејна блискост, празничен дух и многу „toddler-chaos“ моменти.
 

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Нина Ангеловска

Најнови

  • Нина Ангеловска со синот Стефан во Амстердам

    „Спремете се за трчање по детето и уживајте во хаосот и ‘слатките маки’“: Нина Ангеловска за мајчинството и патувањето со синчето во Амстердам

    Mon, 12/08/2025 - 16:35
  • Нела Манческа на Јуниорската Евровизија

    Македонската претставничка Нела Манческа блесна на првата проба на Јуниорската Евровизија

    Mon, 12/08/2025 - 14:30
  • Емили во Рим: Трејлерот за петтата сезона на „Emily in Paris“

    Fri, 12/05/2025 - 20:02
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2025 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.