• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Мода

„Современата жена мора да има добар блејзер и накит препознатлив само за неа“: Стилистката Пупи Милена за модата и импресиите од Париз

20 февруари 2026, 17:00
  • cподели

Милена Танаскоска, во јавноста етаблирана под псевдонимот Пупи Милена, е синоним за естетска интелигенција и професионален интегритет. Како автентична протагонистка на македонската модна сцена, таа поседува портфолио кое е збир на ангажмани како моден уредник, стилист и костимограф, а нејзината кариера е лекција како се станува релевантен глас преку посветеност и континуирана еволуција.

Личната естетска приказна ѝ е дефинирана преку терминот „урбан шик“. Бестрашно си поигрува со принтови и силни бои, а секоја нејзина појава е прецизно осмислена композиција во која и најмалиот детаљ има своја функција.

Милена Танаскоска - Пупи Милена

За Фемина, Милена отворено раскажува за почетоците и за тајните зад успешните модни приказни, ни најавува кои ќе бидат најсилните трендови во 2026-та, но и евоцира спомени од нејзиното неодамнешно патување во Париз кога гостуваше на ревијата на висока мода на Стефан Ролан, а се најде и до модните гиганти Џон Галијано и Ана Винтур.

Милена, твојот професионален пат во модата е исклучително динамичен, кој момент го сметаш за пресвртница која те дефинираше како стилистка?

Во списанието Unique, кое веќе не постои, соработувавме со сите брендови на месечно ниво за рекламирање. Таму бев моден уредник 7 години, а пресвртницата да бидам моден стилист настана како доверба од маркетинг директорката на Fashion Group – тогаш Јасмина, која ме покани да го изработам првиот каталог за нив. Мислам дека беше 2017 година.

После тоа, почнав да работам за скоро сите македонски брендови како стилист за нивните каталози и фотосесии. Eye Cue ми беа првите приватни клиенти од музичката естрада. Сметам дека нема некој голем пресврт, само години искуство и работење од еден на друг проект. Во 2018 година, се случи да почнам да работам за Vodafone Албанија како стилист и оттогаш, сè уште до денес, сум ангажирана за многу нивни реклами.

Милена Танаскоска - Пупи Милена
Се вели дека стилот е продолжение на карактерот, како и дека е многу важен за прв впечаток. Како изгледа твојот личен стил денес и како се менувал низ годините?

Стилот е нешто што го имаш, но и го надградуваш низ годините. Сите ние, додека сме помлади, повеќе експериментираме – со бои, текстури, форми. За својот стил мислам дека е урбан шик со доза на елеганција и женственост. Секогаш го надополнувам со впечатливи додатоци и сакам парчиња кои отскокнуваат. Не се плашам да правам микс од бои и принтови, сакам секогаш да сум средена, па и да отскокнувам – не ми пречи.

Милена Танаскоска - Пупи Милена
Работиш со бројни јавни личности. Кој е најголемиот предизвик кога треба да се изгради визуелен идентитет за некој кој веќе е во фокусот на јавноста?

Кога работам со јавни личности, секогаш тргнувам од нивниот карактер и од тоа колку се прилагодливи и спремни за промена. Гледам да се чувствуваат добро во своја кожа, но притоа да прифатат сугестии. Најтешко ми е да ги убедам да пробаат нешто што мислат дека не им одговара или не е нивен стил. Но, штом ќе ги убедам да пробаат, кога ќе ја видам насмевката и коментарот кој најчесто го добивам – „јас во ова не се замислував, а баш ми стои“, знам дека сум си ја исполнила задачата.

Неодамна беше на ревија за висока мода во Париз. Какво беше чувството да се најдеш во срцето на светската мода и што те импресионираше најмногу?

Искрено, ова ми беше прва посета на ревија за висока мода во Париз. Претходно бевме на Коцарева во октомври. Овој пат бев на ревијата на Stéphane Rolland, која се одржуваше во Cirque d’Hiver. Целото шоу беше феноменално замислено. Coco Rocha беше еден од моделите што чекореа на пистата. Целата колекција беше инспирирана од кали и цвеќиња, вткаени во фустани. Сето тоа да го видиш во живо е посебно чувство, до ежење. За мене беше остварување на еден голем сон – додека пишувавме во Unique зад компјутер за ревиите, а сега да бидам таму и да го почувствувам тој дух во живо.

Милена Танаскоска - Пупи Милена
Милена Танаскоска - Пупи Милена

Случајно, додека бевме во Париз, мојата другарка Perfumistress, која е голем обожавател на Џон Галијано и неговата ера во Диор, знаеше дека има изложба на парчиња од Диор кои за некој ден ќе одат на аукција, па бевме да ги видиме во живо. Тоа беа посебни мастер-парчиња од ревиите за висока мода, во сопственост на страстен колекционер. Уште едно прекрасно искуство – да се видат во живо тие парчиња, за кои секое едно има над 200 часа рачна работа.

Исто така, имавме огромна среќа да седиме во ресторан каде што се појавија Џон Галијано и Ана Винтур, неколку минути пред ревијата на Диор – уште еден момент за паметење. 🙂

Џон Галијано и Ана Винтур
Изложба на креации на Џон Галијано
Париз отсекогаш бил симбол на стил и елеганција. Како овој град влијае врз твојата креативност и начинот на кој размислуваш за модата?

Париз ме учи на тивка самодоверба. Таму стилот не вика, туку шепоти. Жените не се облечени за да импресионираат, туку за да бидат верни на себе. Тоа ме инспирира да размислувам за модата не како тренд, туку како идентитет.

Градот ме тера да забавам. Да обрнам внимание на деталите: како паѓа еден капут, како стара чанта носи приказна, како несовршеноста станува шарм. Во Париз научив дека најсилниот стил е оној што изгледа ненаметливо, а е длабоко промислен.

Париз, исто така, ме потсетува дека модата е култура. Таа е уметност, историја, архитектура, парфем во воздухот и кафе на агол. Сето тоа несвесно влегува во мојата креативност и ми помага да креирам изгледи што не се само убави, туку и емоционални. Модата во Париз не се носи за да се импресионираат другите, туку за да се изрази себеси — и токму тоа е најголемата инспирација.

Милена Танаскоска - Пупи Милена
Милена Танаскоска - Пупи Милена
Милена Танаскоска - Пупи Милена
Дали однапред смислуваш модни комбинации за ваквите патувања?

Отсекогаш сум се спремала за патување со модни комбинации (во друштвото бев девојката со два куфери). Но, последниве три години, со мојата другарка Марија (Perfumistress) спремањето за патување ни стана ритуал, каде што претходно три месеци осмислуваме што ќе носиме за дневна, вечерна комбинација или за некој посебен настан што го имаме на тоа патување и самото тоа спремање го прави уште повозбудливо. Така што, секоја комбинација што ќе ја видите е претходно добро осмислена и мислам дека секоја жена треба така да патува за да си го олесни самото патување, а притоа да е средена за секоја прилика.

Пупи Милена и Perfumistress
Пупи Милена и Perfumistress
Пупи Милена и Perfumistress
Како изгледа твојот процес на работа, од првата идеја до финалниот изглед што го гледаме на сцена, во видео или на црвен тепих?

Секогаш прво имам состанок, ја слушам идејата на клиентот и желбата. Потоа, спремам moodboard или нацрт на модел, зависно за каква соработка станува збор. Следи барање парчиња онлајн што можат да се нарачаат. Додатоците ми се особено важни – го даваат целиот дух на еден изглед. Материјали за шиење, контактирање шминкери и фризери, за целосниот изглед да биде издржан.

Кои се трендовите што, според тебе, ќе ја дефинираат 2026 година, а што дефинитивно заминува во модна пензија?

Многу се радувам што во наредната сезона се враќа color blocking, јаките бои во палета како црвена, виолетова, сина, statement додатоци, точките како принт, ресите во облеката. Заминуваат нискиот струк, а премногу cut-outs се заменуваат со драпинг во моделите.

Денес сè повеќе се зборува за одржливост и свесна мода. Колку тоа реално го менува начинот на кој работиш како стилистка?

Кај нас second hand пазарот сè уште не е добро развиен, но ако би можеле да наоѓаме парчиња, сметам дека тоа би било супер за двете страни. Ќе се многу поуникатни изгледите на секој клиент што ќе го средам. А кога шиеме, секогаш користам материјали – ресто останати, што секако е дел од одржливата мода.

Што мора да поседува една современа жена во својот гардеробер, кои се трите парчиња без кои не може да се замисли стилска основа?

Една современа жена мора да поседува добар блејзер, една чанта со совршен облик и парче накит кое ќе биде препознатливо само за неа.

Милена Танаскоска - Пупи Милена
Милена Танаскоска - Пупи Милена
Која личност или модна ера најмногу те инспирирале и зошто?

Дефинитивно моја омилена ера се 80-тите, а YSL ми е еден од омилените дизајнери. Широки раменици, тесни здолништа, одела како дел од женската облека – сето тоа проткаено со сексапилност, многу злато во облеката и многу накит.

Што следно за Милена - професионално, креативно и лично?

Ах, мојот пат се менува на секои три години – од моден уредник, раководител во фабрика за плетенини, основач на бренд, до тоа последниве три години да работам како костимограф за реклами. Следно, мислам дека сите го очекуваат од мене – мое студио за целосен стајлинг, па мислам дека следниот чекор ќе биде во таа насока.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

 
 
 
 
View this post on Instagram
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Milena Tanaskoska (@pupimilena)

Tags
Милена Танаскоска

Најнови

  • Сонуваме Менуваме

    Музичко-театарскиот спектакл „Музичка beat-ка“ доаѓа и пред скопската публика

    Fri, 02/20/2026 - 19:24
  • Peaky Blinders: The Immortal Man

    Томи Шелби се враќа: Трејлерот за филмот „Peaky Blinders: The Immortal Man“

    Fri, 02/20/2026 - 18:03
  • Милена Танаскоска - Пупи Милена

    „Современата жена мора да има добар блејзер и накит препознатлив само за неа“: Стилистката Пупи Милена за модата и импресиите од Париз

    Fri, 02/20/2026 - 17:00
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.