Сопругата на Андреј од ДНК: „Препознавањето го изврши најдобриот другар, ќерка ми 24 часа не излегуваше од соба и не јадеше“
Наталија Ѓорѓиеска за првпат зборуваше за моментите кога дознала за смртта на нејзиниот сопруг, за трауматичниот момент кога требало да се идентификува неговото тело и за последиците кои несреќата ги остави кај нејзината 10-годишна ќерка Јана.
Во подкастот на Ландов „Претрес“, сопругата на Андреј, пејачот од ДНК кој почина во пожарот во „Пулс“, ги сподели деталите од потрагата по него откако ја прими веста за пожарот.
Пред да почнам со потрагата низ болниците... Медиумите објавија информација дека мојот сопруг е дома, не знам од каде им стигнала таа информација. Од Скопје се упативме кон Штип... Се упатив во болницата... Среќа наидов на една сестра којашто ме седна, почна да ми чита од списокот и наидува на име и презиме слично на мојот сопруг и ми дава информација: „Тука е, да не се секираш“.
Читам името и презимето беа Андреј Ѓеоргиевски, додека името и презимето на мојот сопруг е Андреја Ѓорѓиески, што е тотално различно. Прашав како стигнале до таа информација и кажа дека самите тие кажувале, значи биле свесни кога го кажувале своето име и јас тогаш сфатив дека тоа не е мојот сопруг и дека настанува збрка.
Решивме да се упатиме кон Кочани... Ми ѕвони непознат телефонски број, ми се претставува лице од крим техника, но со чуден тон ме прашува: „Каде е вашиот сопруг?“ Јас му велам дека сум по пат за да го најдам.
На тоа добив одговор: „Кога и да го најдете вашиот сопруг, ве молам да ме побарате на овој број бидејќи треба да даде изјава“. Мојот починат сопруг треба да даде изјава...
Десет минути пред јавувањето, тие ја наоѓаат мојата адреса и ѕвонат на врата. Во мојот дом беа мојата сестра, мојата ќерка и внуката. Таму тие тропаат немилосрдно како мојот сопруг да е криминалец на некој начин, прашуваат каде е, проверуваат да не го криеме.
За мене беше многу вознемирувачко заради тоа што не можев сопругот да го лоцирам, а притоа некој упорно вели дека е дома.
Веќе кога пристигнавме во Кочани, мислам дека таа глетка никогаш нема да ја заборавам. Пред болницата имаше толку многу народ, претпоставувам дека беа блиски, роднини, родители, мајки, татковци, синови, ќерки кои трагаа по своите најмили... Како да беше период на воена криза, многу неубаво чувство. Беше како во хорор филм – раскажа Наталија.
Следувал најтрауматичниот дел, препознавањето на Андреја коешто го извршил неговиот најдобар другар.
Се најдов во собата за препознавање... Бев известена дека мојот сопруг е починат, на некој начин бев принудена да одам да го препознаам, иако не бев во состојба да влезам во таа просторија. Не знаев на што ќе наидам и ги замолив да не ме форсираат да правам нешто што не сум сигурна дека можам да го издржам, бидејќи имам малолетна ќерка дома за којашто треба да сум силна понатаму.
Препознавањето на Андреја го изврши неговиот најдобар другар Славко со којшто секој ден беа заедно и кога се врати, ми се појави една зелена фаца и сфатив дека тоа е вистина.
До последно мислев дека ќе го најдам некаде, ме водеше мислата дека е на распит... Секакви сценарија ми се вртеа, но не и дека не е помеѓу живите - споделува таа.
Наталија била многу разочарана кога веста за смртта на Андреј се раширила уште пред таа да успее да ѝ ја соопшти на ќерка си.
Се случи и друга неблагодарна работа... Во истиот момент кога го препознавме сопругот... само два чекори пуштив од болницата и веќе дел од медиумите објавија вест дека е препознаен според деталите кои ги дискутиравме во таа една соба во која беа присутни 2-3 лица.
Ќерка ми во тој момент не знаеше, но знаеше дека нешто се случува. Бидејќи меѓу нас никогаш немало тајни, уште дента јас ѝ соопштив на мојата ќерка дека нејзиниот татко е некаде далеку на небото.
Таа не го прифаќа ова. Имаше период кога буквално беше 24 часа затворена во соба, воопшто не комуницираше со никој, не ја интересираше ништо. Кога и да влезев во соба, немаше одговор, не јадеше... Таа болка е преголема, бидејќи Андреја пред сè на двете ни беше прво најдобар другар, после сопруг и после татко - рече Наталија.
За Андреј има само убави зборови и со ќеркичката ќе го паметат по советите, хуманоста и добрината. Вели дека ќе се потруди нејзината ќерка засекогаш да ги памети моментите со него.
За Андреја морам да кажам дека беше многу посветен и како сопруг и како татко. Беше многу пожртвуван за нас, нè чуваше под едно стаклено ѕвоно и пробуваше да нè заштити од сè. На секоја жена би ѝ посакала да има таков човек и таков другар до себе... Што и да кажам, ќе биде во суперлатив.
Не можам со зборови да ви ја опишам таа врска што ја имаа Андреја и Јана... Дури ни јас. како мајка, не можам да го заменам. Беа деноноќно заедно, имаа врска којашто е многу ретка. Разговараа на многу теми, ѝ даде многу добра основа да препознае што е добро, што е лошо. По многу работи ќе го памти, а јас ќе се потрудам тие сеќавања, никогаш да не избледат.
Тоа што се вратил да спасува животи, не ме изненади. Јас и неговите најблиски не ни очекувавме дека тој пробал да се спаси... Животот го гледаше како еден предизвик, велеше: „На животот мора да му се пркоси“... Бил пронајден на крајот од дискотеката каде пробувал да го изгасне пожарот - сподели Наталија.
Запрашана што би му порачала кога би бил Андреј тука, таа низ солзи рече:
Би му упатила благодарност што со Јана нè научи да бидеме јаки како личности. Вложуваше во моето знаење, ми помогна во мојот кариерен пат. Благодарение на него, сум она што сум денес и мојата ќерка е она што е.