• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

„Со екраните, детето пасивно прима информација, говорот се развива преку интеракција“: Логопедот Ивана Илијоска за говорот на децата

5 јуни 2026, 08:30
  • cподели
Ивана Илијоска, клинички логопед

Во денешно време, кога секој детски чекор се следи со особено внимание, а секое доцнење се доживува како причина за тревога, говорот е една од најчувствителните теми за родителите. „Дали е нормално што сè уште не зборува?“, „Зошто не кажува ‘мама’?“, „Дали направивме нешто погрешно?“, „Дали треба да побарам стручна помош?“ – се само дел од прашањата кои секојдневно ги мачат родителите.

Притисокот е навистина огромен. Од една страна е инстинктот кој вели дека секое дете има свој ритам, а од друга е стравот кој ја наметнува дилематa – дали да се чека или веднаш да се побара помош? Во тој вртлог на сомнежи, често се вплеткуваат и дебатите за вакцинацијата, влијанието на околината и технолошкиот напредок, оставајќи ги родителите во потрага по гласот на разумот и стручноста.

За да ги разјасниме посочените грижи и да понудиме реални одговори, за Фемина го споделува своето знаење и искуство Ивана Илијоска, клинички логопед. Како специјалист за педијатриска логопедија и основач на логопедскиот кабинет „Од А до Ш“, таа секојдневно се соочува со предизвиците на раниот развој и комуникациските вештини кај децата и младинците.

Ивана Илијоска, клинички логопед

Кои се типичните развојни фази на говорот кај децата и на која возраст родителите треба да очекуваат први зборови?

Првите зборови со значење се појавуваат околу 12 месеци

Развојот на говорот кај децата има свои типични фази, иако секое дете се развива индивидуално. Во првите месеци, се јавува гугање и продукција на звуци, околу 6 до 9 месеци се појавуваат повторувања на слогови како „ба-ба“ и „ма-ма“, но без конкретно значење. Околу 9 до 12 месеци детето веќе покажува разбирање, реагира на име и користи гестови како покажување со прст. Првите зборови со значење најчесто се појавуваат околу 12 месеци. До 18 месеци очекуваме зголемување на вокабуларот, а околу 2 години детето веќе треба да почне да спојува зборови.

Каде е границата помеѓу „нормално доцнење“ и „сигнал за загриженост“ кога станува збор за прозборување?

Важно да се реагира ако детето на 2 години не покажува со прст и не реагира на име

Важно е да не се гледа само дали детето зборува, туку и како комуницира. Доколку на 18 месеци нема активни зборови или на 2 години не започнува со комбинирање на зборови, тоа веќе е знак дека треба да се направи проценка. Особено е важно да се реагира ако детето не покажува со прст, не реагира на име или нема интерес за комуникација.

Често слушаме дека машките деца прозборуваат подоцна. Дали ова има научна основа или станува збор за мит?

Да, често се слуша ставот дека машките деца прозборуваат подоцна, но ова во најголем дел е мит кој знае да ги залаже родителите да чекаат подолго отколку што треба. Да, постојат мали разлики во темпото на развој, но тие не се доволни за да оправдаат отсуство на говор или комуникација. Наместо да се водиме по вакви генерализации, многу поважно е да се следи целокупниот развој на детето – како разбира, како комуницира, дали има контакт и интерес за околината.

Ивана Илијоска, клинички логопед

Колку генетиката игра улога во развојот на говорот. Ако родителот доцнел со говор, дали тоа значи дека и детето ќе доцни?

Со правилна стимулација од родителите, може да се надмине потенцијалното доцнење на говорот

Генетиката има значајна улога во развојот на говорот и често гледаме дека ако родителот доцнел со прозборување, постои веројатност и детето да има сличен тек. Меѓутоа, генетиката не е единствениот фактор. Во пракса често велиме дека околу 60 проценти од она што го наследуваме доаѓа од генетиката, но останатите 40 проценти се под влијание на околината. Тоа значи дека иако детето има предиспозиција, начинот на кој родителите и најблиската средина ќе го стимулираат говорот игра огромна улога. Со правилна стимулација, комуникација и вклученост од страна на родителите, може значително да се влијае врз развојот и да се надмине потенцијалното доцнење. Затоа, наместо да се чека со ставот „и јас сум доцнел“, многу поважно е да се реагира навреме и активно да се работи со детето.

Кои се најчестите рани знаци дека детето има потреба од логопедска проценка?

Меѓу најчестите рани знаци дека детето има потреба од логопедска проценка се недостаток на гестови, отсуство на имитација, слаб одговор на име, намален контакт со очи и недоволно разбирање на едноставни инструкции. Овие сигнали често се појавуваат пред самото доцнење во говорот и се многу важни за рано препознавање.

Во која возраст е најкритично да се реагира и да се побара стручна помош и кога чекањето може да направи поголема штета?

Чекањето дека детето само ќе прозбори може да доведе до губење на драгоцено време.

Најкритичниот период за реакција е помеѓу 1,5 и 3 години. Во овој период мозокот има најголема пластичност и најдобро реагира на стимулација. Чекањето со ставот дека детето само ќе прозбори може да доведе до губење на драгоцено време, што подоцна значително го отежнува процесот на напредок. Затоа, секогаш е подобро да се направи навремена проценка отколку да се пропушти периодот кога интервенцијата е најефикасна.

Какво влијание имаат екраните врз развојот на говорот кај малите деца?

Со екраните, детето пасивно прима информација, говорот се развива преку интеракција

Екраните имаат значајно влијание врз развојот на говорот, особено кај малите деца. Најголемиот проблем не е само во содржината, туку во тоа што екранот не нуди двонасочна комуникација. Детето гледа и слуша, но не учествува активно. Говорот се развива преку интеракција – преку контакт со очи, размена на емоции и вклученост во комуникацијата. Кога ова недостасува, детето не учи како да комуницира, туку само пасивно прима информации. Затоа, честото и рано изложување на екрани може да доведе до доцнење во говорот и намален интерес за комуникација со околината.

Ивана Илијоска, клинички логопед

Кои се најчестите грешки кои родителите ги прават кога се обидуваат сами да го поттикнат говорот кај детето?

Една од најчестите грешки што родителите ги прават е што премногу се фокусираат на зборовите, а го занемаруваат начинот на комуникација. Често се форсира повторување, наместо да се создадат природни ситуации за комуникација. Родителите често ги предвидуваат потребите на детето и реагираат пред тоа да има можност да побара. Исто така, користењето на екрани како средство за учење зборови е честa грешка, бидејќи наместо активна комуникација, детето добива пасивно искуство.

Што можат родителите секојдневно да прават дома за да стимулираат правилен говорен развој?

Она што родителите можат секојдневно да го прават е да зборуваат со детето природно и континуирано, да опишуваат што прават и што се случува околу нив. Да го следат интересот на детето и да се вклучат во играта, да користат гестови и да оставаат простор детето да реагира. Читање книги, именување предмети, пеење песни и повторување на секојдневни активности се основа за развој на говорот. Најважно е да се создаде вистинска комуникација, а не само да се инсистира на изговарање зборови.

Ивана Илијоска, клинички логопед

Кога е „предоцна“ за интервенција, или дали навремената логопедска работа секогаш може да донесе подобрување без оглед на возраста?

Секогаш може да се постигне напредок

Не постои возраст на која е предоцна за интервенција, секогаш може да се постигне напредок. Но, разликата е во тоа колку време и напор ќе бидат потребни. Колку порано се започне, толку подобри и побрзи се резултатите. Во раното детство, мозокот е најподготвен за учење и затоа навремената реакција е клучна. Чекањето може да доведе до дополнителни потешкотии, па затоа секогаш е подобро да се реагира навреме отколку да се пропушти периодот кога интервенцијата е најефикасна.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
 

Tags
Ивана Илијоска
логопед

Најнови

  • „Срце што не замолчи, туку продолжи да бие!“: Успешно трансплантирани срце и бубрег од починат органодарител

    Fri, 06/05/2026 - 10:05
  • Ружица Максимовска горда мајка покрај синот Лука на неговата матура откако и татко му Перо Антиќ сподели фотографии со него

    Fri, 06/05/2026 - 09:22
  • „Веќе 4 месеци не сме во врска“: Александар Динев и Евче потврдија дека раскинаа

    Fri, 06/05/2026 - 08:45
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.