Славни гости, розови декорации... Марк Антони и Надја Фереира направија гламурозна забава пред раѓањето на ќеркичката
Марк Антони и Надја Фереира со стил го одбележаа претстојното раѓање на нивната ќеркичка.
57-годишниот пејач и неговата 27-годишна избраничка организираа раскошна „бебешка“ забава во Мајами, на која ги поканија членовите од семејството, блиските пријатели и бројни познати личности.
Поранешната Мис Парагвај на социјалните мрежи сподели фотографии од прославата, покажувајќи ја бајковитата атмосфера исполнета со розови тонови, цветни аранжмани и внимателно осмислени детали во чест на бебето кое треба да се роди во август.
Надја блескаше во долга розова креација која ѝ го истакна трудничкото стомаче, а Марк носеше модна комбинација со светлорозово сако.
Меѓу гостите имаше и славни личности кои учествуваа и во забавни игри, како натпревар во пресоблекување кукли и хранење со шишенце.
Во описот на објавените фотографии, Надја упати емотивна порака до својата неродена ќерка:
„Пред да те запознаеме, славиме за тебе. Секој цвет, секоја прегратка и секоја насмевка беа за тебе, малечка. Благодариме на сите што го направија овој ден толку посебен за нашето растечко семејство“.
Ова ќе биде второ заедничко дете на Марк и Надја. Тие веќе го имаат синот Марко, кој се роди во јуни 2023 година, само неколку месеци по нивната свадба во Мајами.
За славниот пејач, пак, ова ќе биде осмо дете.