Скандал во семејството на бившиот на Емина Јаховиќ: Сопругата на Мустафа Сандал на потерница, обвинета е за проневера од 197 милиони евра
Сопругата на познатиот турски пејач Мустафа Сандал се најде во центарот на голема финансиска истрага во Турција.
Според турските медиуми, за Мелис Сандал и нејзиниот татко Џихан е издаден налог за апсење, а нивниот имот и банкарските сметки се замрзнати.
Истрагата ја води Обвинителството во Истанбул, а во неа се опфатени повеќе десетици лица.
Во турските медиуми се појавија тврдења дека Мелис, која е 19 години помлада од Мустафа, во период од три месеци повлекла или пренасочила околу 11 милијарди турски лири од фондови кои се во процес на ликвидација, сума која во медиумските извештаи се пресметува на околу 197 милиони евра. Наводите се појавија во рамките на истрагата за фондови која ја води Канцеларијата за истраги за финансирање тероризам и перење пари при Републичкото обвинителство во Истанбул.
Сепак, нејзиниот адвокат ги отфрла овие тврдења. Тој наведува дека сумата од 11 милијарди лири не се пари кои Мелис ги повлекла за лична корист, туку вкупен обем на трансакции направени преку автоматизирани финансиски операции.
Адвокатот тврди дека Мелис била инвеститор во фондовите кои се во процес на ликвидација и дека поради нивното затворање моментално не може да пристапи до своите вложувања. Според неговото објаснување, таа не била лице кое профитирало од кризата со фондовите, туку инвеститор кој претрпел материјална штета.
Мелис во моментов е во Дубаи и не се вратила во Турција. Според нејзиниот адвокат, престојот во Дубаи е поврзан со школувањето на нејзиното дете, додека трансакциите кон странство се однесувале на редовни рати за купување недвижен имот, а не на перење пари.
Во меѓувреме, за случајот се огласи и самиот Мустафа Сандал, кој категорично негира дека има финансиска поврзаност со активностите за кои се води истрагата.
„Освен тоа што сме во брак, Мелис и јас немаме никакво материјално партнерство. Веќе 32 години сум во музичката индустрија и немам никаква друга работа, занимање или приход освен музиката“ – изјавил пејачот.
Мелис и Мустафа започнаа да се состануваат во 2019 година, една година по неговиот развод со Емина Јаховиќ со која има два сина. Во 2022 година тие се венчаа на свечена церемонија во Рим. Мелис има син од претходен брак.
