Скопје попладнево беше зафатено од ненадејно и екстремно силно невреме кое за кратко време остави зад себе сериозни материјални штети.
Обемните врнежи од дожд проследени со силен ветер корнеа дрвја од корени, оштетија фасади и покривни конструкции на неколку објекти, а голем број автомобили се оштетени од паднати гранки и градежен материјал. Неколкумина повредени веднаш добија соодветна медицинска помош.
На терен веднаш излегоа надлежните градски служби и екипите на противпожарната бригада кои работат на расчистување на сообраќајниците и отстранување на опасности.
Социјалните мрежи се преплавени од снимки и фотографии од големото невреме во главниот град:
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти:
Заедно со Кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија сме на терен!
Почитувани граѓани,
Поради силното невреме што пред малку го зафати Скопје, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со сите надлежни служби и јавни претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза и навремена интервенција.
Во постојана координација сме со ЦУК, МВР, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и со сите надлежни институции.
Сите расположливи капацитети се ставени во функција, за заштита на граѓаните и спречување поголеми штети и последици.
Екипите на Град Скопје ќе останат на терен и во текот на целата ноќ и ќе интервенираат на секоја локација каде што ќе има потреба.Сите граѓани на кои им е потребна помош, да пријават штета или друга итна состојба, можат да се јават на телефонскиот број:
📞112
072314929
072314909
02/3297-204Апелирам до сите граѓани да бидат внимателни и смирени, да ги следат препораките на надлежните институции и да соработуваат со службите на терен.
Службите се мобилизирани.
Екипите се на терен.
Граѓаните не се сами. ♥️
Дејан Митески, градоначалникот на општина Аеродром, извести:
🚨 АКТИВИРАН Е ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ
Ве информираме дека по силното невреме што ја зафати Општина Аеродром, веднаш е активиран Општинскиот кризен штаб, што е во постојана координација со Министерството за внатрешни работи и со Град Скопје.
Екипите на Општината се излезени на терен и ги преземаат сите неопходни мерки за што побрзо и поефикасно справување со последиците од силниот ветер и невремето.
Ги повикуваме сите граѓани кои претрпеле штета, веднаш да ја пријават во Полициската станица - Аеродром, со цел да се изготват записници на самото место и навремено да се евидентираат настанатите штети.
Општина Аеродром внимателно ја следи состојбата и ќе продолжи навремено да ја информира јавноста за сите понатамошни активности.