• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

Сиљановска-Давкова: „Овој 8 Март, по несфатливата смрт на Ивана и Катја, тешко ми е да го доживеам како Ден на жената“

5 март 2026, 16:00
  • cподели
Гордана Сиљановска-Давкова

Гордана Сиљановска-Давкова со силни зборови се обрати од собраниската говорница по повод претстојниот празник 8 Март.

„Дали и колку вреди женскиот живот?“ – со ова суштинско прашање македонската претседателка го одбележа овогодинешниот 8 Март, претворајќи го празничниот говор во гласен крик против фемицидот и системската негрижа.

Наместо славеничка атмосфера, нејзиното обраќање беше тешко соочување со суровата реалност и парадоксот на институциите кои се имуни на предупредувачките сигнали. Преку потсетување на жртвите на семејно насилство, таа испрати јасна порака: жените не очекуваат еднодневно внимание и букети цвеќе што брзо венеат, туку функционален систем кој ќе им го гарантира правото на живот:

Долго се думав дали има смисла да зборувам по страотното анализирање на злото наречено семејно насилство до степен на фемицид. Во траорна атмосфера, по смртта на Ивана и Катја, сизифовски напор е да потсетувам на женската историска борба за еднаквост, за цивилизациски стандарди, за конвенции, за резолуции, за закони за превенција и заштита од семејно насилство, па дури и за измени на Кривичниот законик.

Зошто?

Правниот илузионизам дека нормата ги решава напластените и хронични проблеми со длабоки корени во патријархалната и парохијалната култура, жилавата традиција, маскулизираната политика жедна за супериорност и победа што изродува војни чии најчести жртви се невините жени и деца.

Тешко е секој 8 Март да броиме нови жртви, да презентираме апдејтирани статистики, да дебатираме за политики, да усвојуваме стратегии, посочувајќи ги речиси истите проблеми, презентирајќи брутални податоци, предлагајќи претходно предложени предлози, но непреземени мерки и активности.
И овој 8 Март, непосредно по несфатливата смрт на Ивана и Катја, тешко ми е да го доживеам како Ден на жената. Симболиката на празникот како да се губи во мракот на суровата непоимлива и неприфатлива реалност.

Пред сите нас е фундаменталното прашање, а особено за мене: Дали навистина животот е неприкосновен, како што гарантира членот 10 од Уставот? Дали ова важи за Рамајана, за Росица, за Ивана и малата Каја? Прашувам. 

Шокира фактот дека во 2025-тата имало 4.745 пријави за семејно насилство и 6 случаи на убиство, а за два месеца во 2026-тата, веќе 4 случаи на фемицид. Овие алармантни бројки се слика на општество во коешто е загрозено основното човеково право, правото на живот. Не цитирам статистика, туку нотирам пораз на институционалната превенција и на навремената односно ненавремената акција. Да потсетам, зад бројките се кријат животни приказни, семејни трагедии, неостварени соништа и животи.

Гордана Сиљановска-Давкова

Мислам дека клучен момент е оној на пријавувањето. Ако жената се соочи со човек кој влева разбирање, поддршка, сигурност и надеж, таа ќе се охрабри да се избори за себе, ама ако биде пречекана од профил за кој навредувањето и тепањето се дел од заедничкиот живот, ќе се посомнева од ефектите од преземениот чекор и за жал, ќе трпи. Затоа, обучените и сензибилизирани полицајци, социјални работници и судии се активни спасители или пасивни соучесници во делото.

Зарем сè уште не сфативме и не научивме дека фемицидот не е ненадеен изблик на гнев, туку врв и крај на долг, мачен процес на психолошки притисок, на манипулација, на тортура, на страв, на неизвесност и малку желби и надежи.

Крајно време е да престанеме post festum да ламентираме и тагуваме, наместо навреме да спречуваме и соодветно да санкционираме и да се радуваме со потенцијалните спасени жртви? Што стана со уставната обврска за посебната грижа и заштита на семејството? Како е можно институциите да се имуни на предупредувачките сигнали? Зошто системот на социјална заштита, полицијата, обвинителството и судството не реагираат навреме или како што треба? До кога ќе ги менуваме законите наместо оние кои не ги применуваат? Зарем сè уште не формиравме природен, нераскинлив сојуз на социјалните работници, полициските службеници, инспекторите за семејно насилство, наставниците, лекарите, новинарите, невладините организации, бесплатните правни застапници и судиите?

Прашувам: Дали и колку вреди женскиот живот? Зарем Катја не беше дел од нашата иднина и зарем Ивана немаше право на среќа?

Потсетувам, уставниот член 10 став 2 вели: смртна казна не може да се изрече по ниту еден основ. Зарем мажите насилници на нивните сопруги, партнерки и деца не дејствуваат како самопрогласени судии кои изрекуваат смртни пресуди? Зошто се зголемува наместо да се намалува нивниот број? Зарем не сме сите соучесници, дозволувајќи им да се однесуваат како неприкосновени сопственици на женскиот и детскиот живот? Сите да се запрашаме – од каде им извира силата да бидат господари не само на женското тело, туку и на женскиот ум и мисла, кога под смртен притисок и страв кај жените, ги менуваат нивните мисли и изјави.

Зошто честопати владеењето на правото се трансформира во владеење на насилните мажи? Да потсетам: Не е доволно да потпишете документ и да го ратификувате, славејќи го достигнувањето. Нормата не постои сама за себе, туку регулира животни состојби, преку правила на однесување за да избегаме да не западнеме во Хобсова состојба. Заложбите од Истанбулската конвенција не се остваруваат преку ад-хок мерки и декларативни заложби, туку преку координиран, институционален и правен систем, што води сметка за правда и етика и развива партиципативна политичка култура на еднакви човечки субјекти кои се почитуваат и имаат заеднички обврски кон децата.

Основното прашање е дали и како ја применуваме и дали е намалена ранливоста, односно безбедноста на жените? Во 1995 година, на Четвртата светска конференција за жените во Пекинг, државите членки на Обединетите нации ја усвоија Декларацијата и платформата за акција, документ што ја постави родовата еднаквост како предуслов за одржлив развој и мир. Тоа беше јасна порака дека правата на жените не се посебна агенда, туку дел од универзалната агенда за човекови права. Но, чудно беше кога при одбележувањето на 30-годишнината во ООН во 2025, една од препораките беше: доследна примена на Пекиншките документи. 30 години потоа. Јасно ви е зошто…

Во македонската држава, повеќе од половина од истражувачите се жени, што претставува сериозен интелектуален потенцијал. Знаењето постои, но патот до позициите на одлучување и до центрите каде што се дефинираат правилата сè уште не е подеднакво пристапен. Затоа, учеството на жените во власта не претставува само прашање на квантитативна застапеност, туку суштински показател за зрелоста и квалитетот на јавните одлуки. Политиките не се апстрактни норми, туку конкретни механизми што ги обликуваат условите за живот, домот, образованието, безбедноста, економската сигурност и секојдневната благосостојба. Оттука, кога во процесите на одлучување се интегрираат женската емпатија, како способност за препознавање на социјалната ранливост, мајчинската одговорност, како свест за долгорочните последици, како и умот и знаењето изградени низ професионалното и животно искуство, се креираат политики со поголема аналитичка длабочина, етичка чувствителност и општествена одржливост. 

Драги граѓанки, драги пратенички, не дозволувајте одбележувањето на 8 Март да се сведе на протоколарна форма што ќе го исцрпи своето значење во симболични гестови и пригодни зборови. Розите што денес ќе ја разубават просторијата, утре тивко ќе почнат да ја губат свежината, а вниманието што трае еден ден не е доволно. Жените не очекуваат привремена, празнична галантност, врзана за празничниот ден, туку трајна сигурност што произлегува од стабилен, функционален и правичен систем. Со букетите в раце, вреди да се потсетиме дека и идејата за еднаквост често се оформувала спротивно на условите, како кокиче среде зима.

Дозволете ми, со искрена почит кон придонесот, знаењето и истрајноста на жените, да го честитам 8 Март и да ја потврдам заедничката определба државата да ја градиме како пристојно и безбедно место за живеење, во кое правата и достоинството на секоја жена се неприкосновени.

Tags
Гордана Сиљановска-Давкова

Најнови

  • Гордана Сиљановска-Давкова

    Сиљановска-Давкова: „Овој 8 Март, по несфатливата смрт на Ивана и Катја, тешко ми е да го доживеам како Ден на жената“

    Thu, 03/05/2026 - 16:00
  • Рафаел Надал го учи синчето да скија на зимување со саканата: „Линдзи Вон, дали имаш некој совет за нас?“

    Thu, 03/05/2026 - 14:09
  • Се засрами дека е несредена, тој ѝ порача дека е преубава: Арина Сабаленка сподели интимни моменти по веридбата

    Thu, 03/05/2026 - 12:08
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.