Селин Дион во солзи по враќањето на сцената по 6-годишната пауза поради синдром на вкочанета личност
Пред шест години, Селин Дион се повлече од музичката сцена откако ѝ беше дијагностициран синдром на вкочанета личност (Stiff Person Syndrome) кој ги претвора луѓето во живи статуи.
По долгата пауза, 58-годишната музичка ѕвезда повторно застана пред својата публика, а моментот кога ја почувствува љубовта од илјадниците фанови во Париз беше премногу емотивен за неа.
Легендарната пејачка не можеше да си ги задржи солзите и се расплака на сцената.
Својот настап, Дион го започна со „On Ne Change Pas“, но уште на самиот почеток беше совладана од емоции.
Обраќајќи им се на присутните, Дион призна дека си ветила дека нема да плаче.
„Си ветив дека нема да плачам. Но, многу сум среќна што ве гледам сите. Ми недостигавте“ - им порача таа на фановите.
Дион претходно најави дека нејзиното враќање на сцената е едно од најважните работи во нејзиниот живот. Откако во 2022 година откри дека ѝ е дијагностициран синдром на вкочетена личност (stiff-person syndrome), ретко невролошко нарушување кое предизвикува мускулна вкочанетост и силни грчеви, нејзината кариера во живо беше ставена на пауза. Болеста сериозно влијаеше и на нејзината способност да пее и да настапува.
И покрај неизвесноста дали некогаш повторно ќе може да има цел концерт, Селин не се откажа од желбата да се врати на сцената.
„Ви ветив дека ќе се вратам и дека повторно ќе бидам на сцената. Еве ме, пеам за вас и пеам за себе“ - им рече на присутните, заблагодарувајќи им се за поддршката и трпението.
Пред повеќе од 30.000 обожаватели, Дион во текот на вечерта ги отпеа своите големи хитови, меѓу кои „My Heart Will Go On“, „All By Myself“ и „Courage“, а концертот траеше повеќе од два часа.